Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 51

51
3. Увереност во избавување
а. Божја милост кон Авраам и негово потомство
1„Послушајте ме, вие кои се стремите кон правдата, кои Го барате Господа; погледајте ја стената од која сте отсечени, и длабоката јама од која сте извадени. 2Погледајте го својот татко Авраам и Сара, која ве роди! Да, сам беше кога го повикав, но го благословив и го размножив.“ 3Да, Господ се сожали за Сион, се сожали за неговите урнатини. Неговата пустота ќе ја направи како Едем, а степата како Господовата Градина. Воскликнувања и радост ќе одекнуваат низ неа и благодарници и глас на пофална песна. 4„Слушај ме внимателно, народе Мој, Послушајте ме народи! Зашто Законот доаѓа од Мене и Моето право за светлина на народите. 5Брзо ќе стигне Мојата правда, Моето спасение ќе дојде како светлина. Мојата мишка ќе им суди на народите. Мене ме чекаат островите и се надеваат во Мојата мишка. 6Подигнете ги очите кон небото погледајте долу на земјата. Небесата ќе се расплинат како дим, Земјата ќе остарее како облека, ќе ѝ ги снема жителите како комарци. Но Моето спасение ќе трае довека, и Мојата правда не ќе има крај. 7Послушајте Ме, вие кои ја познавате правдата, народе, во чие срце е Мојот Закон. Не бојте се од човечките хули, не плашете се од навреди! Зашто молецот ќе ги разјаде како облека, црвот ќе ги изеде како волна. Но Мојата правда ќе трае довека, и Моето спасение од род до род.“
б. Песна за неизбежливо избавување
9Разбуди се! Разбуди се! Препаши се со сила, Господова мишко! Разбуди се како во старите денови на дамнешните поколенија. Не си ли ти, што го исече Рав и што го прободе змевот? 10Не си ли ти што го исуши морето, водата на големата бездна, и што направи пат од морските длабочини, за да поминуваат по него искупените? 11Ќе се вратат оние кои ги ослободи Господ, и со радосни извици ќе дојдат на Сион. Вечна веселба ќе им биде над главите, ќе ги придружуваат: воскликнувања и радост, ќе ги снема тагата и воздивнувањата.
12„Јас Сум вашиот Утешител. Кој си ти за да се боиш од смртен човек и од човечки син, кој е како трева? 13Го заборави Господа, својот Создател, Кој ги распростре небесата и Кој ја основа земјата; непрекратно трепериш, секој ден, од гневот на угнетувачот. Како да се приготвува за да се уништи. Но каде е сега гневот на угнетувачот? 14Скоро ќе биде слободен заробеникот, нема да умре во јама, ниту ќе му недостига леб. 15Зашто, Јас Сум Господ, твојот Бог, Кој го раздвижувам морето за да му бучат брановите, Името Ми е Господ над Војските. 16Своите зборови ги ставив во твојата уста, во сенката на Својата рака те скрив кога ги распрострев небесата, кога ја основав земјата и кога му реков на Сион: ‘Ти си Мој народ!’“
в. Будење на Ерусалим
17Разбуди се, разбуди се, стани Ерусалиме! Ти кој ја пиеше од Господовата рака чашата на Неговиот гнев. Ја испи опојната чаша, ја испразни до дното. 18Од сите синови што ги роди, немаше ниеден за да го води; од сите синови што ги подигна немаше никој за да го придружи. 19Овие две те погодија - кој те пожали? - разурнувањето и гибелта, гладот и мечот - кој те утеши? 20Твоите синови лежат изнемоштени по аглите на сите улици, како антилопа во мрежата, полни со Господовиот гнев, со закана на твојот Бог.
21Затоа, чуј го ова беднику, пијан, но не од вино. 22Вака зборува Господ, твојот Господ, твојот Бог, бранителот на твојот народ: „Еве, од твојата рака ја земаш опојната чаша, чашата на Својот гнев: не ќе го пиеш веќе. 23Ќе ја ставам во рацете на твоите угнетувачи, на оние кои ти зборуваа: ‘Наведни се за да поминеме!’ И ти им ги подметнуваше плеќите како почва, како пат за минувачи.“

Селектирано:

ИСАИЈА 51: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се