Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 30

30
Б. Славна иднина на Израел во последни дни и Нов Завет
1. Конечно избавување и благослов на Соединето Царство
а. Воспоставување на Израел и суд над народи
1Слово што Господ му го упати на Еремија: 2„Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Запиши ги во книжен свиток сите овие зборови што ти ги зборувам. 3Зашто еве доаѓаат денови - зборува Господ - и ќе ја изменам судбината на Својот народ во Израел, во Јудеја - зборува Господ - и ќе ги вратам во земјата што им ја дадов во наследство на нивните татковци.’“
4Еве ги зборовите што Господ ги рече за Израел и за Јудеја: 5„Господ зборува вака: ‘Слушам крик на ужас, тоа е стравотија, а не мир. 6Ајде, распрашајте се и погледајте: дали некогаш родил маж? А сите мажи се фаќаат за бедрата како родилки! Зошто се сите лица изобличени и побледени? 7Леле, зашто е голем овој ден, сличен нему не бил! Време на неволја е за Јакова, но ќе се избави од неа.
8Во оној ден - говори Господ над Воинствата - ќе го скршам јаремот на нивниот врат и ќе ги скинам нивните вериги. Веќе не ќе му служат на туѓинец, 9туку ќе Му служат на Господа, својот Бог, и на Давида, својот цар, кого ќе им го подигнам.
10Не бој се, Јакове, слуго Мој - зборува Господ, не плаши се, Израелу! Зашто еве, ќе те спасам од далеку, и твоето потомство од земјата на заточението. Јаков ќе се смири пак, ќе живее спокојно, и никој не ќе го плаши - зборува Господ, 11зашто Јас Сум со тебе - говори Господ - за да те избавам. Ќе ги сотрам народите меѓу кои што те протерав, а тебе нема да те уништам сосем; но ќе те казнам по правда, не смеам да те пуштам неказнет.’
12Зашто, Господ зборува вака: ‘Твојата рана е неисцелива, твојата болка - непреболена. 13Нема лек за твојата рана, и никако да зарасти. 14Сите љубовници те заборавија, веќе и не прашуваат за тебе! Зашто Јас удрив на тебе, како што удира непријателот, со жестока казна за беззаконие и за многуте твои гревови.
15Зошто лелекаш заради својата рана? Зар е неизлечива твојата болка? Заради мноштвото беззаконија и заради многуте твои гревови ти го сторив тоа. 16Но и тие што те јадат ќе бидат изедени, сите твои непријатели ќе отидат во ропство; твоите ограбувачи ќе бидат ограбени, и кои што те пљачкосуваа ќе бидат пљачкосани. 17Но Јас ќе те исцелам, ќе ти ги залечам раните - зборува Господ. Те викаа „Истераната“ и „Сионка, за која никој не прашува.“‘
18Господ зборува вака: ‘Еве, ќе ја изменам судбината на Јакововите шатори, ќе им се смилам на неговите шатори: врз неговите урнатини пак ќе биде соѕидан град, и дворците ќе стојат на старото место. 19Од нив ќе се чујат благодарници и радосни гласови. Ќе ги умножам, и веќе не ќе ги намалувам со број, ќе им дадам углед, и веќе не ќе ги презираат. 20Нивните синови ќе ми бидат како некогаш, нивната заедница ќе стои цврсто пред Мене, а ќе ги казнам сите нивни угнетувачи. 21Нивниот главатар ќе никне од нив, нивниот владетел ќе излезе пред нив. Ќе го пуштам кон Себе, за да Ми се приближи, зашто кој ќе се осмели сам да излезе пред Мене! - говори Господ.
22И вие ќе бидете Мој народ, а Јас ваш Бог.’“
23Ете, Господово невреме, јароста навлегува, силен виор се размавтува, и паѓа врз безбожничките глави. 24Господовиот гнев нема да стивне додека тој не ги изврши и не ги исполни замислите на Своето срце. Во последните денови ќе го разберете тоа јасно.

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 30: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се