Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЈУДИНО 1

1
1Јуда, слуга на Исуса Христа, а брат Јаковов, до повиканите, кои се возљубени од Бог Таткото и запазени за Исуса Христа: 2милоста, мирот и љубовта да ви се умножат!
3Возљубени кога покажав секаква ревност да ви пишувам за нашето заедничко спасение, почувствував потреба да ви пишам, опоменувајќи ве да се борите усрдно за верата, која им е предадена на светите еднаш за секогаш. 4Зашто, се вовлекоа некои луѓе, кои се одамна однапред определени за оваа осуда: безбожници, кои благодатта на нашиот Бог ја заменуваат во распуштеност и Го одречуваат единствениот Владетел, Бог, и нашиот Господ Исус Христос.
Старозаветни примери
5А сакам да ви напомнам, иако вие знаете сѐ еднаш за секогаш, дека Господ првин го избави народот од Египетската земја; потоа ги погуби оние, кои не поверуваа, 6па и ангелите, кои не го запазија своето прво место, туку го оставија своето живеалиште, ги запази во вечни окови под мрак за судот на великиот Ден; 7како што Содом и Гомор и нивните околни градови, кои на ист начин како и овие се предадоа на блудство и одеа по други тела, стојат како пример, трпејќи ја казната на вечниот оган.
Осуда на лажни учители
8Па сепак овие сонувачи на ист начин го осквернуваат своето тело, го презираат господството и хулат на славите. 9А Архангелот Михаил, кога се расправаше и препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те искара!“ 10А овие пак хулат на она, што не го знаат; а она што го знаат по природа како неразумните животни, во тоа пропаѓаат. 11Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, и за печалба паднаа во Валаамовата заблуда и загинаа во Кореевата буна. 12Тие се подводни скали на вашите трпези на љубовта, кои се гостат со вас без страв, пасејќи се себеси; безводни облаци носени од ветровите, есенски неплодни дрва, двапати умрени и откорнати; 13бесни морски бранови, што се пенат со своите срамоти; ѕвезди скитнички, за кои се чува мрачна темнина довека. 14А и за овие пророкуваше Енох, седмиот по Адама, велејќи: „Ете, Господ дојде со десет илјадници Свои свети, 15за да им суди на сите и за да ги изобличи сите безбожници, за сите нивни безбожни дела, што безбожно ги направиле, и за сите навредливи зборови, што безбожните грешници ги изговориле против Него.“ 16Тие луѓе се мрморливци, кои стално се жалат, кои живеат според своите страсти, а нивната уста изговорува горделиви зборови, а кои им ласкаат на одделни личности заради печалба.
17А вие, возљубени, спомнете си ги зборовите кажани порано од апостолите на нашиот Господ Исус Христос; 18зашто ви кажаа: „Во последно време ќе се јават потсмевнувачи, кои ќе живеат според своите безбожни страсти.“ 19Тоа се оние што се одделуваат, телесни расположени луѓе - кои немаат Дух.
Должност на меѓусебната љубов
20А вие, возљубени, изградувајте се себеси врз вашата пресвета вера, и молете се во Светиот Дух, 21одржете се себеси во Божјата љубов, ревносно очекувајќи ја милоста на нашиот Господ Исус Христос за вечен живот. 22И кон едните, кои се сомневаат, бидете милостиви; 23а другите спасувајте ги, истргнувајќи ги од оган; кон другите пак бидете милостиви со страв, мразејќи ја и облеката онечистена од телото.
Слава на Бога
24А на Оној, Кој може да ве запази од сопнување и да ве постави непорочни во радосно воскликнување пред Својата слава, 25на Единствениот Бог, нашиот Спасител преку Исуса Христа нашиот Господ - слава, величие, сила и власт пред секое време и сега и во сите векови. Амин!

Селектирано:

ЈУДИНО 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се