Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛЕВИТ 15

15
Прописи за телесна чистота
Нечистота на маж: очистување
1Господ им рече на Мојсеја и Арона: 2„Зборувајте им на Израелевите синови и речете им: ‘Кога некој човек има излив од своето тело, неговиот излив е нечист. 3Еве во што е неговата нечистота ако го има изливот: ако неговото тело го пушти изливот или го задржи - тој е нечист. 4Секоја постела на која ќе легне оној што има излив нека е нечиста; и секој предмет на кој ќе седне нека е нечист. 5А секој што ќе ја допре неговата постела, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 6Кој што ќе седне на предмет на кој седеше оној, кој имал излив, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека биде нечист до вечерта. 7Кој ќе се допре до телото на оној што имал излив, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека биде нечист до вечерта. 8Ако оној што имал излив плукне на некој што е чист, тој нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 9И секое седло на кое ќе седне оној што има излив, нека биде нечисто до вечерта; 10и секој што ќе се допре до нешто што било под него, нека биде нечист до вечерта. 11А секој кого ќе го допре, со неизмиени раце, оној што има излив, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 12Глинениот сад што ќе биде допрен од оној со изливот нека биде скршен, а секој дрвен сад нека биде измиен со вода.’
13‘Кога ќе се очисти од тоа, оној што има излив, тогаш нека изброи седум дена за своето очистување; нека ја испере својата облека и нека се искапе во жива вода, и нека биде чист. 14На осмиот ден пак нека земе две грлици или две гулапчиња, нека дојде пред Господа при влезот во Шаторот на средбата, па нека му ги предаде на свештеникот. 15Свештеникот нека го принесе едното како принос за грев, а другото како паленица. И свештеникот ќе направи покривање на гревот, пред Господа, од неговиот излив.’
16‘Кога човекот има семеизлив, нека го искапе во вода целото свое тело и нека остане нечист до вечерта. 17Секоја облека и секоја кожа на која ќе падне таков семеизлив нека биде испрана во вода и нека остане нечиста до вечерта. 18Ако некоја жена легне со својот маж и тој исфрли семе, нека се искапат и нека бидат нечисти до вечерта.’
Нечистота на жена: очистување
19‘Кога жената има крварење, излив на крв од своето тело, нека остане во својата нечистота седум дена; кој ќе ја допре неа, нека биде нечист до вечерта. 20На што и да легне, за време на својата нечистота, нека е нечисто; на што и да седне, нека е нечисто. 21Кој ќе ја допре нејзината постела, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 22Кој ќе допре било каков предмет на кој што седела таа, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 23А ако се допре до нешто што било на нејзината постела или на предметот на кој што седела таа, нека е нечист до вечерта. 24Ако некој маж преспие со неа, нејзината нечистота се прилепува до него, и нека биде нечист седум дена. Секоја постела на која ќе легне тој, нека е нечиста.’
25‘Ако жената има крварење подолго време надвор од својот месечен ред, или ако нејзиниот месечен ред продолжува, нека биде сметана за нечиста за цело време на крварењето, како да се денови на нејзиниот месечен ред. 26Секоја постела на која ќе легне, за сето време на нејзиното крварење, ќе ѝ биде како и постелата за време на нејзиниот месечен ред. И секој предмет на кој ќе седне нека стане нечист како што би бил нечист за време на нејзиниот месечен ред. 27А секој што ќе ги допре нека биде нечист; нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека биде нечист до вечерта. 28Ако оздрави од своето крварење, нека изброи седум дена, и потоа нека биде чиста. 29На осмиот ден нека земе две грлици или две гулапчиња па нека му ги донесе на свештеникот при влезот во Шаторот на средбата. 30Свештеникот нека ги принесе: едното како принос за грев, а другото како паленица. И свештеникот ќе направи да ѝ се покрие гревот пред Господа, од нејзиното нечисто крварење.’ 31‘Така одделувајте ги Израелците од нивните нечистотии, за да не изумрат заради нив, обесветувајќи го Мојот Шатор што се наоѓа среде нив.’ 32‘Тоа е закон за човек, кој има излив; за оној кого семеизливот го прави нечист; 33за жена во време на нечистотата на нејзиниот месечен ред; за секого - било машко било женско - што ќе има излив, а така и за оној што ќе преспие со нечиста од крварење.’“

Селектирано:

ЛЕВИТ 15: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се