Лого на YouVersion
Икона за пребарување

МИХЕЈ 7

7
Б. Исповедување на гревови и надеж на милосрдие
1. Сеопшт разврат
1Тешко ми мене! Станав како оние што собираат летен плод, како доберувач по гроздоберот; нема зрно грозје да го позобам, нема смоква-ранка по која копнее душата моја! 2Побожниот исчезна од земјата, ниеден праведник меѓу луѓето! Сите дебнат за крволеење, секој му поставува мрежа на својот брат. 3Нивните раце способни се за зло: главатарот бара подарок, судијата суди според поткупот големецот ја искажува похотливоста на својата душа, така тие, заедно го ткаат злото. 4И најдобриот меѓу нив е како трн, најправедниот како трнлив плет. Денот на твоите чувари, и денот на твоите посетители пристигна, сега ќе биде нивната збунетост. 5Немајте надеж на ближниот, не верувајте во пријателот; пред онаа која со тебе ја дели постелата, внимавај да не ја отвориш устата. 6Зашто синот го презира својот татко, ќерката станува против мајката, снаата против својата свекрва, секому е непријател неговиот домашен. 7А јас, јас сум загледан кон Господа, чекам на Бог Кој спасува, мојот Бог ќе ме послуша мене.
2. Идна обнова
8Не радувај се на моето зло, непријателко моја, ако паднав, ќе станам; ако престојувам во темнини, Господ е моја светлина. 9Треба да ја поднесувам Господовата лутина, зашто згрешив против Него, сѐ додека не го пресуди мојот спор и не ја изрече правдата; ќе ме изведе на светлина, ќе ја гледам Неговата праведност. 10Кога ќе здогледа мојата непријателка, ќе се покрие од срам таа која ми зборуваше: „Каде е Тој, Господ, твојот Бог?“ Моите очи ќе се насладуваат кога ќе ја здогледам: таа ќе биде згазена како кал на патот. 11Доаѓа ден кога ќе се соѕидаат твоите ѕидови! Во тој ден надалеку ќе се шират твоите граници! 12Во тој ден ќе доаѓаат кај тебе од Асирската Земја до Египет, од Тир до Реката, од море до море, од гора до гора. 13Земјата ќе стане пустина заради своите жители, заради нивните дела.
3. Молитва за Божји народ
14Паси го Својот народ со Својот жезол, стадото на Своето наследство, кое живее осамено во грмушникот, сред плодни овошници. Нека пасе во Васан и во Галад, како во стари времиња! 15„Како во деновите кога излезе од Египетската Земја, ќе им покажам чудесни работи.“ 16Народите ќе ги видат, и ќе бидат засрамени покрај сета своја сила; ќе ја стават раката на устата, и ушите ќе им се заглушат. 17Ќе лижат прав како змија, како ползачи што лазат по земјата. Ќе излезат треперејќи од своите дувла, преплашени и исплашени пред Тебе.
4. Заклучна молитва
18Кој Бог е како Ти Кој го проштава беззаконието, Кој го проштава гревот и преминува преку престапите на Остатокот на Своето наследство, Кој не дотраја довека во Својот гнев, туку Тој ужива да искажува милост. 19Уште еднаш, имај милост за нас! Сотри ги нашите беззаконија, фрли ги на дното на морето сите наши гревови! 20Додели му ја Својата верност на Јакова, Својата добрина на Авраама, како што им се заколна на нашите татковци од дамнешни денови.

Селектирано:

МИХЕЈ 7: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се