Лого на YouVersion
Икона за пребарување

НЕЕМИЈА 2

2
2. Артаксеркс го праќа Неемија во Ерусалим
1Во месецот Нисан, во дваесеттата година на Артаксерксовото царување, виното стоеше пред царот. Го зедов и му го понудив на царот. Никогаш не бев тажен пред него. 2Тогаш царот ми рече: „Зошто ти е тажно лицето? Дали не си можеби болен? Не е друго, туку е тага во твоето срце!“ Јас се исплашив многу 3и му реков на царот: „Царот нека живее секогаш! Како не ќе ми биде лицето тажно, кога градот, каде се гробовите на моите татковци, е разурнат, а вратите му се изгорени со оган?“ 4Царот ме праша: „И така, што сакаш?“ Го повикав небескиот Бог 5и му одговорив на царот: „Ако му е по волја на царот, и ако ти е мил твојот слуга, пушти ме да отидам во Јудеја, во градот на гробовите на моите татковци, за да го обновам“. 6Царот ме праша пред царицата, која седеше покрај него: „Колку ќе трае твојот пат? Кога ќе се вратиш?“ Откако го утврдив времето, што му одговараше на царот, ме пушти да одам. 7Уште му реков на царот: „Ако му е по волја на царот, би можел да им однесам писма на управителите од онаа страна на Реката, за да ме пуштат до Јудеја; 8и писмо до Асафа, надгледувачот на царевата гора, за да ми даде дрва за градење на вратата на тврдината на Храмот, за градскиот ѕид и за куќата во која ќе се настанам“. И царот ми даде, зашто добрата рака на мојот Бог беше над мене.
3. Неемија во Ерусалим. Разгледување на ѕидови
9И така дојдов кај управителите од онаа страна на Реката и им ги дадов царевите писма. А царот испрати со мене воени началници и коњаници. 10Кога Санавалат, Оронец, и слугата Товиј, Амонец, го чуја тоа, им беше многу одвратно, бидејќи дојде човек, за да се заземе за доброто на Израелците.
11Откако стигнав во Ерусалим, останав таму три дни. 12Потоа станав ноќе, во придружба на неколку луѓе, не доверувајќи му никому што мојот Бог ме вдахна да направам за Ерусалим; а немав друго животно освен добичето на кого јавав. 13И така, излегов ноќе на Долинската Врата и се запатив кон Змевскиот Извор, а потоа кон Вратата на Буништето: го разгледав ерусалимскиот ѕид, каде беше разурнат и вратата што беше изгорена. 14Го продолжив патот кон Изворската Врата и Царевиот Рибник, но не најдов премин за животното на кое јавав. 15Затоа се искачив ноќта покрај Потокот, и натаму разгледувајќи го ѕидот, и повторно влегов низ Долинската Врата. Така се вратив, 16а советниците не забележаа каде отидов и што направив. Сѐ досега не им реков ништо на Евреите: ни на свештениците ни на големците, ни на советниците, ниту на другите настојници.
4. Неемиева одлука да го обнови ѕидот на Ерусалим
17Тогаш им реков: „Гледате во каква неволја сме: Ерусалим е во урнатини, а вратите му се изгорени. Ајде, да го изградиме ерусалимскиот ѕид, за да не бидеме веќе изложени на потсмев“. 18И им објаснив како добрата рака на мојот Бог беше над мене, а им ги соопштив и зборовите, што царот ми ги беше рекол. „Да станеме - извикаа тие - и да градиме!“ И рацете им зајакнаа за добро дело. 19На тие вести, Санавалат, Оронецот, и слугата Товиј, Амонецот, и Гисем, Арабјанец, почнаа да ни се потсмевнуваат. Ни зборуваа презирно: „Што работите тука? Сакате ли да се побуните против царот?“ 20Но јас им одговорив со овие зборови: „Небескиот Бог ќе ни даде да успееме. Ние, Неговите слуги, станавме да градиме. А вие немате ни дел, ни право, ни спомен во Ерусалим.“

Селектирано:

НЕЕМИЈА 2: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се