Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела Ап. 10

10
1Во градот Цезареја имаше еден римски офицер по име Корнелиј. Тој беше командир на Италијанскиот полк.
2Беше побожен човек и имаше страхопочит спрема Бог, заедно со сите што живееја во неговиот дом. Делеше многу милостина и постојано Му се молеше на Бог.
3Еден ден, околу три часот попладне имаше видение: еден Божји ангел дојде кај него и му рече: „Корнелиј!“
4Ѕурејќи исплашено во него, Корнелиј одговори: „Молам, господине?“ Ангелот му рече: „Бог ги слушна твоите молитви, а и милостината што ја даваш, не остана незабележана.
5Испрати сега неколку луѓе во Јопа да го доведат човекот по име Симон, кого уште го викаат и Петар!
6Тој престојува кај кожарот Симон, чија куќа е крај морето.“
7Кажувајќи му го ова, ангелот си замина. Корнелиј викна двајца слуги и еден од своите потчинети војници, кој исто така беше побожен човек.
8Им објасни што се случи и ги испрати во Јопа.
9Утредента, околу пладне, додека гласниците на Корнелиј патуваа и се приближуваа накај градот, Петар се качи на рамниот покрив за да се моли.
10Кога огладне, посака нешто да јаде. Додека му го подготвуваа јадењето, тој падна во занес
11и виде како се отвора небото, и како кон земјата се спушта нешто како големо, ленено платно, врзано на четирите ќошиња,
12а во него имаше секаков вид четириножни животни, влечуги и птици.
13Тогаш слушна глас: „Петре! Стани, коли и јади!“
14„Никако Господе! Јас никогаш досега не сум јадел нешто што е забрането да се јаде според еврејските закони!“ - одговори Петар.
15Гласот уште еднаш му се јави: „Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!“
16Ова се повтори трипати, а потоа платното беше кренато на небото.
17Петар беше збунет и се прашуваше што може да значи ова видение. Тогаш ги виде луѓето испратени од Корнелиј, кои, прашувајќи, дојдоа до куќата на Симон и стоеја пред портата,
18прашувајќи дали тука престојува Симон, наречен Петар.
19Додека Петар уште размислуваше за видението што го имаше, Светиот Дух му рече: „Те бараат тројца мажи.
20Стани и појди со нив, без да се двоумиш, зашто Јас ги испратив.“
21Петар слезе кај луѓето и им рече: „Јас сум човекот што го барате. За што сте дојдени?“
22Тие му одговорија: „Не испрати офицерот Корнелиј. Тој е праведен човек и има страхопочит спрема Бог. За него сите Евреи имаат добро мислење. Тој доби наредба од светиот ангел да те повика во својот дом и да слушне од тебе што имаш да му кажеш.“
23Потоа Петар ги покани да влезат и ги прими како гости. Утредента, замина со нив, во придружба на неколку христијани од Јопа.
24Следниот ден стигнаа во Цезареја. Таму го чекаше Корнелиј, кој ги беше викнал своите роднини и блиски пријатели.
25Кога Петар влегуваше, Корнелиј клекна пред него, искажувајќи му така длабока почит.
26Петар го крена и му рече: „Стани! И јас сум само човек, како што си и ти.“
27Корнелиј стана, а Петар почна да му зборува. Кога влегоа внатре, Петар виде голем број собрани луѓе.
28Тогаш Петар им рече: „Вие знаете дека е спротивно на еврејските закони да се дружам со неевреи и да доаѓам кај нив. Но Бог ми покажа дека никого не треба да го сметам за гнасен и нечист.
29Затоа, без да се противам, се одѕвав на вашата покана. А сега да ве прашам: Зошто ме повикавте?“
30Корнелиј му одговори: „Пред четири дена, во три часот попладне, се молев во својата куќа, кога одненадеж пред мене застана еден човек во блескава облека,
31и ми рече: ,Корнелиј, Бог ги услиши твоите молитви и си спомна за твојата дарежливост спрема сиромашните.
32Испрати гласници во Јопа да го повикаат човекот што го викаат Петар, кој престојува во куќата на кожарот Симон, близу до морскиот брег!‘
33Затоа веднаш испратив по тебе и ти добро направи што дојде. Еве не сега сите собрани овде пред Бог, за да слушнеме што се ти е доверено од Господ.“
34Тогаш Петар почна да зборува: „Сега сфаќам дека Бог навистина не е пристрасен кон никого,
35туку го прифаќа секој што има страхопочит спрема Него и праведно постапува, без разлика на кој народ му припаѓа.
36Вие ја знаете пораката што им ја упати на Израелците, нудејќи им Радосна вест за помирување преку Исус Христос, Кој е Господ на сите.
37Знаете што се се случуваше во Јудеја, почнувајќи од Галилеја, откако Јован Крстител почна да проповеда дека секој треба да се крсти.
38Потоа Бог Го помаза Исуса од Назарет со Светиот Дух и Му даде сила. Исус цел живот правеше добрини и ги исцелуваше сите што беа угнетени од Ѓаволот, зашто Бог беше со Него.
39А ние, апостолите, сме сведоци за се што Тој направи во земјата на Евреите и во Ерусалим. Него Го убија, Го распнаа на крст.
40Но на третиот ден, Бог Го воскресна, Му овозможи да се појави,
41не на сите луѓе, туку само на сведоците што Бог ги беше одбрал од порано, односно нам што јадевме и пиевме со Него откако Тој воскресна од мртвите.
42Тој ни заповеда да им проповедаме и да ги уверуваме луѓето дека Исус е Судијата назначен од Бог, и Тој ќе им суди и на живите, и на мртвите.
43Сите пророци зборуваа за Исус и навестија дека на сите што веруваат во Него им се простуваат гревовите преку вера во Неговото име.“
44Додека Петар зборуваше, Светиот Дух слезе врз сите што ја слушаа пораката.
45Христијаните од еврејско потекло, кои го придружуваа Петар, се изненадија кога видоа дека Светиот Дух и духовните дарби им беа дадени и на луѓе што не се Евреи.
46Тука, пред нивни очи, ги слушаа како зборуваат на туѓи јазици и Го прославуваат Бога. Тогаш Петар рече.
47„Може ли некој да не им дозволи на овие луѓе да се крстат во вода, кога тие Го примија Светиот Дух исто како и ние!?“
48Така Петар им заповеда да бидат крстени во името на Исус Христос. Потоа тие го замолија да остане кај нив уште неколку дена.

Селектирано:

Дела Ап. 10: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се