Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела Ап. 14

14
1Павле и Барнаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера.
2Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павле и Барнаба.
3И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на пораката за Неговата огромна благонаклоност.
4Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите.
5Кога работата дојде дотаму, што противниците меѓу Евреите и меѓу другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат,
6апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села.
7Таму продолжија да ја проповедаат Радосната вест.
8Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел.
9Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен,
10гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде!
11Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“
12Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник.
13Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите.
14Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи:
15„Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив!
16Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта.
17Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“
18Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.
19Тогаш од Антиохија и од Иконија пристигнаа неколку Евреи, кои го подбуцнаа народот да го каменуваат Павле. Потоа го исфрлија надвор од градот, сметајќи го за мртов.
20Но кога тамошните христијани се собраа околу него, тој стана и се врати во градот. Утредента Павле и Барнаба заминаа за Дерба.
21Откако во тој град ја проповедаа Радосната вест и придобија многу следбеници, апостолите Павле и Барнаба се вратија најпрвин во Листра, а потоа и во Иконија и писидиска Антиохија,
22за да ги охрабрат Христовите следбеници, давајќи им поттик да истраат во верата, учејќи ги дека пред да втасаме во Божјото царство ќе треба да минеме низ многу неволи.
23Во секоја црква поставија старешини, откако постеа и се молеа, а потоа ги предадоа во рацете на Господ, во Кого поверуваа, Тој да се грижи за нив.
24Потоа преку Писидија се вратија во областа Памфилија.
25Уште еднаш проповедаа во Перга, а оттаму заминаа за Аталија
26од каде со брод се вратија во сириска Антиохија, град од којшто и го започнаа првото мисионерско патување, со доверба дека Божјата благонаклоност ќе ги води во извршувањето на работата. Таа задача сега беше успешно завршена.
27Кога пристигнаа во Антиохија, ја собраа целата црква, им раскажаа за се што Бог направи преку нив, и како и на нееврејските народи им ја отвори вратата на верата.
28Тука останаа подолго време со тамошните христијани.

Селектирано:

Дела Ап. 14: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се