Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела Ап. 7

7
1Тогаш Првосвештеникот го праша Стефана: „Точни ли се исказите против тебе?“
2Стефан одговори: „Луѓе, браќа и татковци, ислушајте ме. Нашиот славен Бог му се јави на нашиот предок Авраам, додека тој се уште беше во Месопотамија, пред да се насели во Харан,
3и му рече: ,Напушти ја оваа земја, напушти ги твоите роднини и појди во земјата што Јас ќе ти ја покажам.‘
4Тогаш Авраам ја напушти земјата на Халдејците и се насели во Харан. По смртта на неговиот татко се пресели во оваа земја во која сега ние живееме.
5Бог не му даде наследство ниту една педа земја, но, уште пред да има деца, му вети дека на неговите потомци ќе им ја даде во наследство целата земја.
6Му рече дека неговите потомци ќе бидат доселеници во туѓа земја, каде што ќе ги претворат во робови и ќе ги измачуваат четиристотини години.
7,Но на народот на кој ќе му робуваат, Јас ќе му судам!‘ - рече Бог. ,Кога ќе излезат оттаму, ослободени, ќе Ми служат на ова место.‘
8Потоа му го заповеда на Авраам заветот за обрежувањето. Авраам доби син - Исак, и го обрежа кога наполни осум дена. Потоа и Исак доби син - Јаков. Јаков е таткото на дванаесетте родоначалници на еврејскиот народ.
9Синовите на Јаков му љубомореа на својот брат Јосиф и го продадоа како роб во Египет, но Бог беше со него
10и го избави од сите неволи што го снајдоа. Бог му беше благонаклонет и му даде мудрост, па фараонот, царот на Египет, го постави за управител над целата земја и над целиот свој дом.
11Тогаш Египет и Канаан ги погоди глад, па нашите прадедовци се најдоа на голема мака, не можејќи да набават храна.
12Кога Јаков слушна дека во Египет има жито, ги испрати таму своите синови. Тоа беше нивната прва посета.
13Кога и по вторпат отидоа во Египет, Јосиф им се откри на своите браќа. Така фараонот го запозна неговото семејство.
14Потоа Јосиф испрати да го повикаат неговиот татко Јаков и сите негови роднини, седумдесет и петмина на број.
15Така Јаков се досели во Египет. Таму умреа и тој и нашите прадедовци.
16Подоцна, коските им беа пренесени во Шехем, каде што беа погребани во гробницата што Авраам со сребро ја беше купил од синовите на Хамор.
17Како што се приближуваше времето Бог да го исполни ветувањето што му го даде на Авраам, нашиот народ во Египет се зголемуваше и намножуваше.
18Но со Египет веќе владееше друг цар, кој не знаеше за Јосиф.
19Тој скова заговор против нашиот народ, ги мачеше нашите предци и ги принудуваше да си ги напуштаат новороденчињата, за да не останат живи.
20Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бог. Три месеци беше одгледуван во домот на својот татко,
21а потоа мораа да го остават, но го зеде ќерката на фараонот и го одгледа како свој син.
22Така Мојсеј се запозна со целата мудрост на Египќаните и се стекна со големо теоретско и практично знаење.
23Кога наполни четириесет години, му се роди во срцето желба да ги посети своите сонародници, Израелците.
24Во текот на таа посета виде дека еден Египќанец насилно постапува со еден Евреин. Мојсеј го заштити Евреинот и во одмазда го уби Египќанецот.
25Тој мислеше дека неговите сонародници ќе сфатат оти Бог, преку неговата рака, им праќа ослободување, но тие не сфатија.
26Утредента виде како двајца Израелци се тепаат и се обиде да ги смири, велејќи им: ,Луѓе, вие сте припадници на ист народ! Зошто се повредувате еден со друг?‘
27Но виновникот за тепачката го турна и му рече: ,Кој те поставил тебе да ни бидеш владетел и судија!?
28Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што вчера го уби Египќанецот!?‘
29Кога Мојсеј го слушна ова, побегна во Мидијамската земја, каде што живееше како доселеник. Таму му се родија два сина.
30Откако поминаа четириесет години, во пустината, близу до планината Синај, му се појави ангел во пламенот на една запалена грмушка.
31Кога Мојсеј го виде ова, се зачуди и појде таму за да види одблизу. Тогаш го чу гласот Господов кој му рече:
32,Јас сум Богот на твоите татковци: Богот на Авраам, на Исак и на Јаков!‘ Мојсеј се стресе од страв и не се осмели да погледне.
33Потоа Господ му рече: ,Собуј ги сандалите, зашто стоиш на свето место!
34Видов како Мојот народ е измачуван во Египет и стенкањето негово го чув. Еве, доаѓам да го ослободам. Сега, оди во Египет, како Мој пратеник!‘
35Оној Мојсеј, кого луѓето го отфрлија, велејќи му: ,Кој те поставил да ни бидеш владетел и судија!?‘ - Бог го испрати преку ангелот што му се појави во запалената грмушка, да им биде водач и ослободител.
36Правејќи многу чуда и видливи докази, тој ги изведе од Египет, ги преведе преку Црвеното Море и ги водеше низ пустината цели четириесет години.
37Самиот Мојсеј му рече на израелскиот народ: ,Бог ќе ви издигне Пророк од вашите редови, како што сум јас.‘
38Тој беше заедно со целиот Божји народ во пустината. Посредуваше меѓу ангелот што му зборуваше на планината Синај и нашите татковци. Притоа, тој прими зборови од животно значење и ни ги пренесе нам.
39Но нашите предци не го послушаа, туку го отфрлија и посакаа да се вратат во Египет, по кој им беа прираснале срцата.
40Му рекоа на Арон: ,Направи ни богови што ќе не водат, зашто не знаеме што се случи со Мојсеј, кој не изведе од Египет.‘
41Така си направија од злато идол во форма на теле и му принесоа жртва, восхитени од својата ракотворба.
42Тогаш Бог им сврте грб и ги остави да им служат на Сонцето, Месечината и ѕвездите, како да им се богови, токму онака како што е запишано во книгата на пророците: ,Народе израелски! Дали Мене Ми принесувавте жртви и приноси додека патувавте низ пустината, цели четириесет години, доме Израелов?
43Не, туку си направивте идоли, за да им се поклонувате: Со себе ги носевте шаторот - светилиште посветено на богот Молех и ѕвездата на богот Реифан! Затоа ќе ве предадам во ропство, и ќе ве одведат во далечниот Вавилон!‘
44Додека патуваа низ пустината, нашите предци го носеа заветниот шатор. Така им заповеда Бог. Тој му рече на Мојсеј да го направи според моделот што му го беше покажал‘
45Многу години подоцна, под водство на Јошуа го донесоа во земјата што ја одзедоа од паганските народи, кои Бог ги истера пред нив. Таму остана се до времето на царот Давид.
46Бог му беше благонаклонет на Давид и затоа Давид се осмели да побара од Бог дозвола да најде место каде што ќе изгради храм во кој Израелците ќе Му служат на својот Бог.
47Сепак, Божјиот храм го изгради Соломон.
48Но Севишниот не живее во градби направени од човечка рака. Како што самиот Бог вели преку пророкот Исаија:
49,Небото Ми е престол, а Земјата - подножје на Моите нозе. Каков дом ќе Ми направите вие?‘ - вели Господ - ,Какво место ќе Ми најдете за Мое живеалиште?
50Зарем не е се со Мојата рака создадено?‘
51Вие сте тврдоглав народ! Длабоко во себе вие сте како паганите! Глуви сте за вистината! И вие, како и вашите предци, постојано Му се противите на Светиот Дух.
52Посочете ми еден пророк што не беше прогонуван од вашите предци! Тие ги убија пророците што го претскажаа доаѓањето на Праведникот, на Месијата, а кога Тој дојде, вие се свртевте против Него, Го предадовте и Го убивте.
53Ангели ви го пренесоа Божјиот Закон и пак не го почитувате!“
54Кога еврејските верски и национални водачи го слушнаа ова, зовреа од бес и почнаа да крцкаат со забите против Стефан.
55А тој, исполнет со Светиот Дух, и со вперен поглед кон небото каде што ја виде Божјата слава, и Го виде Исуса како стои од десната страна на Бог,
56рече: „Погледнете, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бог!“
57Тогаш Евреите си ги затнаа ушите, и со силна викотница се нафрлија врз Стефан.
58Го извлекоа надвор од градот и го каменуваа. Оние што сведочеа против Стефан ги соблекоа своите горни облеки и ги оставија кај едно момче по име Савле, да им ги причува.
59Додека го каменуваа, Стефан гласно му се молеше на Бог, велејќи: „Господе Исусе, прими го мојот дух.“
60Потоа падна на колена и силно извика: „Господе, не земај им го ова за грев!“ Го рече ова и почина.

Селектирано:

Дела Ап. 7: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се