Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 21

21
1Подоцна Исус уште еднаш им се појави на Своите ученици, покрај Тибериското Езеро. Тоа се случи вака:
2Се беа собрале Симон Петар, Близнакот Тома, Натанаел од Галилејска Кана, синовите на Завдај и други двајца од Исусовите ученици.
3Симон Петар им рече: „Одам на риболов!“ „И ние ќе дојдеме со тебе!“ - му рекоа тие, и сите заедно тргнаа со бротчето. Но цела ноќ не уловија ништо.
4В зори, Го видоа Исуса на брегот, но не Го познаа.
5Тој им довикна: „Деца, имате ли некоја риба?“ „Немаме“ - му одговорија тие.
6Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на бротчето и ќе уловите.“ Тие ја фрлија и не можеа да ја извлечат од големиот број риби што ги уловија.
7Тогаш, ученикот што му беше љубимец на Исус, му рече на Петар: „Тоа е нашиот Господ!“ Штом слушна дека тоа е Господ, Симон Петар се препаша со наметката што претходно ја беше соблекол, па скокна во езерото и почна да плива кон брегот.
8Останатите ученици со бротчето беа на околу деведесет метри од брегот и набргу пристигнаа, влечејќи ја мрежата со рибите.
9Кога излегоа на копното, видоа леб и риба, ставена на разгорен јаглен.
10Исус им рече: „Донесете од рибите што пред малку ги уловивте!“
11Симон Петар се качи на бротчето и ја извлече мрежата на брегот. Во неа имаше сто педесет и три големи риби. Иако беше полна со големи риби, мрежата сепак не се скина.
12„Дојдете, јадете!“ - им рече Исус. А никој од учениците не се осмели да Го праша: „Дали си навистина Ти, Господе?“, зашто знаеја дека Тој е нивниот Господ.
13Исус зеде од лебот и им раздаде, а истото го направи и со рибите.
14Ова беше веќе третпат како Исус им се појави на Своите ученици откако воскресна од мртвите.
15Кога се најадоа, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли повеќе од овие?“ „Да, Господе“, - Му одговори тој - „Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Тогаш, храни ги Моите јагниња!“
16И вторпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли?“ „Да, Господе“, - Му одговори Петар - „Ти знаеш дека Те сакам.“ „Тогаш, грижи се за Моите овци“ - му рече Исус.
17Исус и третпат проговори и овојпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме сакаш ли?“ Петар се нажали што Исус третиот пат го праша: „Ме сакаш ли?“, па Му рече: „Господе, Ти знаеш се, Ти знаеш дека Те сакам!“ „Тогаш храни ги Моите овци!“ - му рече Исус.
18„Додека си млад, сам се препашуваш и одиш каде што сакаш. Но, те уверувам дека, кога ќе остариш, ќе ги пружиш рацете и други ќе те препашат и ќе те одведат таму каде што не сакаш.“
19Исус го рече ова за да посочи со каква смрт Петар ќе Го прослави Бога. Потоа, Исус му рече на Петар: „Дојди со Мене!“
20Петар се сврте и виде дека ги следи ученикот што му беше љубимец на Исус. Тоа беше истиот оној ученик, кој за време на вечерата се беше навалил на Исусовите гради и Го беше прашал: „Господе, кој е тој што ќе Те предаде?“
21Кога Петар го виде тој ученик, му рече на Исус: „Господе, што ќе стане со овој човек?“
22Исус му одговори: „Ако сакам тој да остане жив додека Јас да се вратам, што ти е тебе грижа? Ти дојди со Мене!“
23Затоа се рашири глас меѓу Христовите следбеници, дека тој ученик нема да умре. Но Исус не рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане жив додека Јас да се вратам, што ти е тебе грижа?“
24Овој ученик е тој што го виде и го напиша ова. Ние знаеме дека тој ја кажа вистината.
25Исус направи уште многу други работи, но кога сите Негови дела би се запишале во книги, ми се чини дека ни во целиот свет не би ги собрало.

Селектирано:

Јован 21: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се