Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 13

13
1Истиот ден Исус излезе од куќата и седна на брегот на езерото.
2Околу Него се насобра голема толпа народ и Тој се искачи и седна на едно бротче, а народот остана да стои на брегот.
3И му говореше за многу нешта, користејќи се со споредби.
4„Еден сејач излезе да сее на својата нива. Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа.
5Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја, и тоа брзо никна бидејќи земјата беше плитка.
6Но штом запече сонцето, стебленцето свена и се исуши, бидејќи немаше доволно длабоки корени за да го одржат во живот.
7Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето го задушија стебленцето.
8Конечно, дел од семето падна на плодна почва и донесе плод: едно стебло роди сто, друго шеесет, а трето триесет зрна.
9Ако имате уши, слушајте внимателно!“ заклучи Исус.
10Тогаш на Исус Му пристапија Неговите ученици и Го запрашаа: „Зошто му зборуваш на народот преку споредби?“
11А Тој им одговори: „Вам ви е дадено да ги запознавате тајните на небесното царство, но ним не им е.
12Зашто, на оној што е отворен за она што Јас го поучувам, ќе му биде дадено уште подлабоко разбирање; а на оној што не сака да Ме слуша, ќе му се земе и она што го има.
13Им зборувам преку споредби бидејќи тие, имајќи очи, не гледаат, и имајќи уши не слушаат, ниту пак се трудат да разберат.
14Кај нив се исполнува претскажаното од Бог преку пророкот Исаија, кој вели: ,Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете; ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите.
15Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени! Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат. Не сакаат да видат, да слушнат и да разберат,па да се свртат кон Мене за да ги исцелам.‘
16А блазе си ви вам, зашто вие гледате и слушате!
17Ви велам дека многу пророци и многу праведници имаа желба да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.“
18„Чујте го сега значењето на споредбата со сејачот.
19Тврдата почва покрај патот ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката за небесното царство, но не се трудат да ја разберат. Ѓаволот доаѓа и го отстранува посеаното кај нив.
20Каменестата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја примаат;
21меѓутоа, бидејќи таа во нив не се закоренува, тие остануваат верници само за кратко: штом надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш се откажуваат.
22Трнливата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака, но прекумерната грижа за овој живот, како и занесот по збогатување ја задушуваат пораката во нив и тие остануваат бесплодни.
23Плодната почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и се трудат да ја разберат. Тоа семе ќе донесе плод: некаде по сто, некаде по шеесет, а некаде по триесет зрна.“
24Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива.
25Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал.
26Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот.
27Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘
28А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘
29,Немојте‘ им одговори тој ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘
30Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“
31Потоа, Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со синапово зрно што некој ќе го посее во својата нива.
32Иако тоа е најмало од сите семиња, кога ќе порасне, ги надвишува сите градинарски растенија и станува дрво на кое и птиците слетуваат и си свиваат гнезда на неговите гранки.“
33Исус им кажа и ваква споредба: „Небесното царство може да се спореди со квасец што жената го замесува со три мери брашно, по што целото тесто нараснува!“
34Исус се користеше со споредби за да му го објасни на народот сето ова и ништо не им говореше без споредби.
35Со тоа се исполнуваа Божјите зборови претскажани преку пророкот: „Ќе им говорам преку споредби, ќе им ги објавам тајните што беа скриени од создавањето на светот.“
36Тогаш Исус го пушти народот да се разотиде, а Тој се врати дома. Таму Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата.“
37Исус им одговори: „Човекот што сее чисто семе сум Јас, Синот Човечки.
38Нивата го претставува светот. Чистото семе ги претставува следбениците на Божјото царство. Каколот ги претставува следбениците на Ѓаволот.
39Непријателот што го сее каколот е Ѓаволот. Жетвата е крајот на светот, а жетвари се ангелите.
40Како што каколот се собира и се фрла в оган, така ќе биде и на крајот на светот.
41Јас, Синот Човечки, ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат сите оние кои поттикнуваат на грев и сите злосторници;
42тие ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби.
43Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонца во царството на Својот небесен Татко. Кој има уши, нека слуша!“
44„Небесното царство може да се спореди со богатство скриено во нива. Човекот што ќе го пронајде повторно го закопува и сиот радосен оди и продава си што поседува и ја купува таа нива.“
45„Понатаму, небесното царство може да се спореди со трговец што трага по најскапоцениот бисер;
46кога ќе го најде, тој оди и продава си што има и го купува.“
47„Понатаму, небесното царство може да се спореди со голема рибарска мрежа што се фрла в море, при што зафаќа секаков вид риби.
48Кога мрежата ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот, седнуваат, и добрите риби ги издвојуваат во кошеви, а лошите ги фрлаат.
49Така ќе биде и на крајот на светот: ќе излезат ангелите, ќе ги издвојат грешниците од праведниците,
50и ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби.“
51„Го разбравте ли сето ова?“ ги запраша Исус. „Да!“ Му одговорија тие.
52А Тој им рече: „Тогаш, секој вероучител којшто станал ученик на небесното царство може да се спореди со домаќин кој од своите ризници ќе може да извади и ново и старо.“
53Штом Исус заврши со изложувањето на споредбите, си замина оттаму,
54и се врати во Назарет своето поранешно живеалиште, каде што го поучуваше народот по синагогите. Сите што Го слушаа се чудеа и говореа: „Каде се стекнал овој човек со олкава мудрост и моќ да прави чуда?
55Зар Тој не е синот на дрводелецот? Нели му е мајка Марија и нели му се браќа Јаков, Јосиф, Симон и Јуда?
56Нели се меѓу нас и сите Негови сестри? Каде ли се здобил овој човек со сето ова?“
57Жителите на Назарет Го пречекаа со сомневања. Тогаш Исус им рече: „Пророкот останува без признание единствено во својот град и во своето семејство.“
58И бидејќи Го дочекаа со недоверба, Тој не направи таму многу чуда.

Селектирано:

Maтеј 13: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се