Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Петар 2:11-25

1 Петар 2:11-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Драги мои, вие сте привремени жители, туѓинци на оваа Земја. Затоа ве молам да не им се препуштате на телесните страсти, зашто тие војуваат против вашите души. Однесувајте се примерно спрема луѓето кои не Го познаваат Бога. Иако тие ве клеветат дека сте злосторници, кога ќе видат дека вршите добри дела, ќе Го прослават Бога во денот кога Тој ќе ги посети. Заради Господ, покорувајте им се на институциите на власта: било на царот, како на врховен владетел, било на управниците назначени од него. Тие се поставени за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние што прават добро. Бог сака со правење добро да ги замолкнете неоснованите обвинувања на неразумните луѓе. Вие не сте робови, туку слободни луѓе, но не треба да ја користите слободата како изговор за да правите зло, туку да живеете служејќи Му на Бог. Почитувајте ги сите луѓе. Сакајте ги христијаните, имајте страхопочит спрема Бог и почитувајте ја власта. Слуги, покорувајте им се со страхопочит на вашите господари, не само на оние што се добри и кротки, туку и на оние што се сурови. Вредно е во Божјите очи ако од обѕири спрема Него трпеливо поднесувате страдања на кои сте неправедно изложени. Инаку, зар би било за пофалба, ако трпите заслужена казна!? Но ако правите добро, а сепак страдате, тоа е вредно во Божјите очи. Токму заради ова Бог и ве одбра. Христос страдаше за вас и ви даде пример што треба да го следите. „Грев Тој не направи, лага не изусти.“ Кога Го навредуваа, Тој не им возвраќаше со навреди. Кога страдаше, Тој не се закануваше, туку се препушти во рацете на Бог, Кој суди праведно. Ги зеде нашите гревови врз себе, на крстот, за да бидеме мртви за гревот, и да почнеме да живееме за праведноста. Тој доби рани за да бидете вие здрави. Талкавте како залутани овци. Но сега се вративте кај Пастирот, кај Оној што се грижи за вашите души.

1 Петар 2:11-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните похоти што војуваат против душата. Однесувајте се достојно меѓу незна­бошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата. И така, покорувајте се на секоја чо­вечка власт, поради Господ: било на цар, како на врховна власт, било на управители на Негови пра­теници за да ги казнат злосторниците, а за да ги пофалат добротворците! Зашто, таква е волјата Божја, – со добротворство да го замолкнуваме незнаењето на безумните луѓе, како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покривка за вршење зло, туку – како слуги Божји. Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, имајте страхопочит кон Бо­га, царот почитувајте го! Слуги, покорувајте им се на господарите свои, не само на добрите и крот­ките, туку и на лошите! Зашто, тоа ви оди во прилог, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо. Зашто, каква е пофалбата, ако трпите кога ве тепаат поради престапи? Но, ако трпите кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога. Бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оста­вајќи ни пример за да врвиме по Него­вите стапки: Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама; кога на Него хулеа, Тој не им од­враќаше со хули; кога страдаше, не се закануваше, туку се потпираше на Оној Кој праведно суди. Тој сам ги носеше нашите гревови на крстот во телото Свое, та ослободени од гревовите да живееме за правдата: „Преку Неговата рана се исцелив­те.“ Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обративте кон Пастирот и Чуварот на вашите души.

1 Петар 2:11-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Возљубени, ве молам: како туѓинци и придојденици да се воздржувате од телесните желби, зашто тие војуваат против душата. Однесувајте се добро меѓу народите, така што токму во она за што ве клеветат како злосторници; врз основа на вашите добри дела, кога ќе ги видат, да Го прослават Бога во денот на посетата. Заради Господа покорувајте ѝ се на секоја човечка власт: било на цар, како врховник, било на управителите, како негови пратеници, за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние, кои прават добро! Зашто ова е Божја волја: правејќи добро да го замолкнете незнаењето на неразумните луѓе, како слободни; и не како оние, кои ја употребуваат слободата како покрив на злобата, туку како Божји слуги! Почитувајте ги сите, љубете го братството, бојте се од Бога, почитувајте го царот! Слуги, покорувајте им се на своите господари со целосен страв, но не само на добрите и кротките, туку и на суровите! Зашто тоа е благодат, кога некој страда несправедливо и поднесува маки, заради сознанието за Бога. Имено, каква е пофалбата ако трпите, кога ве казнуваат за вашите престапи? Но, ако страдате и трпите, кога правите добро, тоа е благодат од Бога. Зашто за тоа сте повикани, зашто и Христос страдаше за вас и ви остави пример, за да врвите по Неговите стапки. Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста. Тој, Кој беше навредуван, не враќаше со навреда; кога страдаше - не се закануваше, туку се предаде Себеси на Оној, Кој суди праведно. Тој Сам во Своето тело ги понесе нашите гревови на дрвото, та ние, умирајќи за гревовите, да живееме за правдата; преку Неговите рани се исцеливте. Зашто скитавте како овци, но сега се вративте при Пастирот и Чуварот на вашите души.