Создавање 2:18-25
Создавање 2:18-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И Господ Бог рече: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!“ Тогаш Господ Бог ги создаде од земјата сите полски животни, и сите небески птици, и ги доведе кај човекот за да види како ќе ги нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името. И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на небеските птици, и на сите полски ѕверови; но за човекот не се најде помошник, сличен на него. Затоа Господ му прати на човекот длабок сон; па кога заспа, му извади едно ребро, и местото го пополни со месо. Од реброто, што го зеде од човекот, Господ Бог создаде жена и ја доведе кај човекот. А човекот рече: „Еве тоа е коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека ѝ биде името жена, зашто е земена од мажот!“ Затоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и ќе бидат едно тело. И беа обајцата голи, Адам и жената негова, и не се срамеа.
Создавање 2:18-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И Господ, Бог, рече: „Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему.“ Тогаш Господ, Бог, ги обликува од земја сите животни во полето и сите птици во воздухот, и ги приведе при човекот, за да види како ќе ги нарече, па како човекот ќе го именува секое суштество, така да му биде името. Човекот им даде имиња на сиот добиток, на птиците во воздухот и на секое животно во полето. Но за човекот не се најде помош соодветна на него. Тогаш Господ, Бог, му нанесе длабок сон на човекот та тој заспа, и му извади едно од неговите ребра, а местото го исполни со месо. Од реброто што го зеде од човекот Господ, Бог, обликува жена и ја доведе при човекот. Тогаш човекот рече: „Сега најпосле, тоа е коска од моите коски, и месо од моето месо! Нека биде наречена Жена, зашто е земена од Мажот!“ Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена; и тие ќе станат едно тело. А обајцата беа голи, човекот и неговата жена, но не се срамуваа.