Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 8:1-22

Создавање 8:1-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И си спомна Бог за Ное, и за сите ѕверови и за сиот добиток, што беа со него во ковчегот; и навеа Бог ветар на земјата, и водите запреа. Изворите на бездната и окната небески се затворија, и дождот од небото престана. Водата почна постепено да опаѓа на земјата, и по сто и педесет дена намали. И се запре ковчегот во седмиот ме­сец на седумнаесеттиот ден на ридовите од планината Арарат. Водата, пак, опаѓаше постепено до десеттиот месец; и во првиот ден од десеттиот месец се покажаа врвовите на планините. А по четириесет дена го отвори Ное прозорецот на ковчегот, што го беше направил. И пушти гавран, кој откако одлета, полетуваше и долетуваше додека не се исуши земјата од водата. Потоа пушти гулаб, за да види дали исчезнала водата од површината на земјата; но гулабот, бидејќи не најде каде да застане со своите нозе, се врати кај него во ковчегот, зашто уште имаше вода по целата земја; и Ное ја спружи раката, го фати и го зеде кај себе во ковчегот. Почека уште други седум дена, и повторно го пушти гулабот од ковчегот. Гулабот се врати кај него приквечер; и ете, во клунот свој тој имаше свеж маслинов лист; и Ное разбра дека се повлекла водата од земјата. Потоа почека уште седум дена, и го пушти гулабот, а тој повеќе не му се врати. Во шестотини и првата година, во првиот ден од првиот месец, ја снема водата од земјата; и Ное го отвори покривот на ковчегот, погледна и виде дека површината на земјата беше поисушена. А на дваесет и седмиот ден од вториот месец, земјата беше сува. Тогаш му рече Бог на Ное: „Излезете од ковчегот, ти, жената твоја, синовите твои, и жените на синовите твои; изведи ги со себе и сите животни, што се со тебе, од секое суштество, од птиците, добитокот и сите влекачи што лазат по земјата; нека се растурат по земјата, и нека се плодат и множат на земјата!“ И излегоа Ное, синовите негови, жената негова, и жените на синовите негови; сите животни и сите лазачи, сите птици – сѐ што се движи по земјата, според родот нивни, излегоа од ков­чегот. И Му направи Ное жртвеник на Господ; и зеде од секој чист добиток и од сите чисти птици, и ги принесе на жртвеникот како жртви сепаленици. И Господ го почувствува пријатниот мирис, па рече во срцето Свое: „Нема повеќе да ја проколнувам земјата поради човекот, зашто помислите на срцето човечко се зли уште од младини и нема повеќе да ги уништувам живите суштества, како што направив. Отсега, па сѐ дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите.“

Создавање 8:1-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Господ си спомна за Ное, за сите ѕверови и за сиот добиток што беше со него во бродот, па го раздвижи ветерот над земјата, за да ја отстрани водата. Изворите на бездната и небесните брани се затворија, и дождот од небото запре. Водите се повлекуваа бавно од земјата. По сто и педесет денови водите стивнаа, а во седмиот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, бродот застана на горите на Арарат. Водите намалуваа непрекратно до десеттиот месец, а на првиот ден на десеттиот месец се покажаа планинските врвови. Кога поминаа четириесет денови, Ное го отвори прозорецот, што го имаше направено на бродот; и пушти гавран, што постојано одлетуваше и долетуваше, додека водите не се исушија од земјата. Потоа пушти гулаб, за да види дали ја снема водата од земјата. Но гулабот не најде место за своите нозе и се врати при него, во бродот, зашто водата ја покриваше целата земна површина; тој ја испружи раката, го фати гулабот и го внесе кај себе, во бродот. И почека уште седум дена, пак го испрати гулабот од бродот. Навечер гулабот се врати при него, и ете, во клунот имаше свеж маслинен лист; така Ное научи дека водите спаднаа на земјата. Потоа почека уште седум дена и пак го пушти гулабот: и тој веќе не се врати при него. Во шест стотини и првата година на Ноевиот живот, во првиот месец, на првиот ден на месецот, водата пресуши на земјата. Ное го дигна покривот на бродот и погледна, и ете, површината на земјата беше окопнета. А во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, земјата беше сува. Тогаш Бог му рече на Ное: „Излезете од бродот: ти, твојата жена, твоите синови и твоите снаи со тебе. Изведи ги, со себе, сите живи суштества, сите созданија што се со тебе: птиците, добитокот и сите лазачи, што ползат по земјата; нека се разотидат по земјата, нека се плодат и нека се множат на земјата.“ И Ное излезе, а со него и: неговите синови, неговата жена и неговите снаи. И сите животни, сите лазачи, сите птици - сите созданија што се движат по земјата - излегоа од бродот, вид по вид. И Ное Му изгради жртвеник на Господа; зеде од секое чисто животно и од секоја чиста птица и принесе на жртвеникот жртви паленици. Господ го помириса пријатниот мирис и рече во Своето срце: „Никогаш повеќе нема да ја проколнувам земјата заради човекот; зашто човековите мисли се лоши од неговиот почеток; ниту некогаш ќе ги уништам сите живи суштества, како што направив. Сѐ додека постои земјата, никогаш нема да прекратат: сеидба и жетва, студот и горештината, летото и зимата, денот и ноќта.“