Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Еремија 42:1-12

Еремија 42:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа дојдоа сите војводи и Јоханан, синот на Кареах, и Аза­рија, синот на Хошаја, и сиот народ, од мало до големо. И му рекоа на пророкот Еремија: „Еве ја молбата наша пред тебе, помоли Му се на твојот Господ Бог за сиот овој остаток, зашто од многумина останавме малку, како што нѐ гледаат твоите очи, па твојот Господ Бог да ни го по­каже патот, по кој треба да врвиме, и што треба да правиме.“ И им рече пророкот Еремија: „Ве чув, ќе Му се помолам на вашиот Господ Бог, по молбата ваша, и сѐ, што ќе ви одговори Господ, ќе ви го кажам, ни збор нема да сокријам од вас.“ Тие му рекоа на Еремија: „Господ нека ни биде вистински и верен сведок за тоа дека ние ќе направиме сѐ што твојот Господ ќе заповеда за нас; добро ли, лошо ли ќе биде тоа, ќе го послушаме гласот на нашиот Господ Бог, кај Кого те праќаме, за да ни биде добро, ако бидеме послушни на гласот од Господ, нашиот Бог.“ По десет дни дојде слово Господово до Еремија. Тој го повика кај себе Јоханан, синот на Кареах, сите со него војводи и сиот народ – од мало до големо, па им рече: вака вели Господ, Бог Израелов, до Кого ме испративте да Му ја пренесам вашата молба: „Ако останете во оваа земја, Јас ќе ве зацврстам и нема да ве разорам, ќе ве посадам и нема да ве искоренам, зашто жалам за несреќата, што ви ја направив. Не плашете се од вавилонскиот цар, од кого се плашите, не бојте се од него, вели Господ, бидејќи и Јас сум со вас, за да ве спасувам и да ве избавувам од неговата рака. И ќе покажам милост кон вас, и тој ќе се смили над вас и ќе ве врати во вашата земја.

Еремија 42:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш сите воени заповедници, особено Јоанан, синот Кариов, и Езаниј, синот Осаев, и сиот народ, мало и големо, пристапија и му рекоа на пророкот Еремија: „Чуј ја внимателно нашата молба! Моли се за нас пред Господа, својот Бог, за сиот овој Остаток, зашто, како што гледаш и самиот, нѐ остана уште сосем малку од големиот број колку што нѐ имаше некогаш. Нека Господ, твојот Бог, ни објави каде да тргнеме и што треба да правиме.“ Пророкот Еремија им одговори: „Се согласувам, ќе Му се помолам, како што рековте на Господа, вашиот Бог, и ќе ви јавам сѐ што Тој ќе ви одговори, ниеден збор нема да ви скријам.“ Тие пак му рекоа на Еремија: „Господ нека биде вистински и веродостоен сведок против нас ако не постапиме сосем според зборовите што Господ, твојот Бог, ќе ни ги соопшти преку тебе. Било да е поволен или неповолен гласот на Господа, нашиот Бог, кај Кого те праќаме, ние ќе го слушаме, за да ни биде добро, зашто го послушавме гласот на Господа, нашиот Бог.“ По десет денови Господовото слово му дојде на Еремија. Тогаш тој ги повика Јоанан, синот Кариов, сите воени заповедници кои беа со него, и сиот народ, мало и големо, па им рече: „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог, Кому ме испративте за да ја излеам пред Него вашата молба: ‘Ако бидете живееле мирно во оваа земја, ќе ве подигнам, и нема веќе да ве разурнам; ќе ве посадам, а нема да ве откорнам. Зашто се сожалив за бедата што ви ја сторив. Не бојте се од вавилонскиот цар од кого се плашите. Не бојте се од него - говори Господ - зашто Јас Сум со вас за да ве спасам и да ве избавам од неговите раце. И Јас ќе ви покажам милост да ви се смилува и да ве пушти да живеете во оваа земја.’