Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 2:1-11

Јован 2:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

По три дена мајка Му на Исус беше на една свадба во градот Кана, во покраината Галилеја. На свадбата беа поканети и Исус со Неговите ученици. Кога виното се потроши, мајка Му на Исус Му рече: „Им снема вино!“ „Зошто ме вовлекуваш во ова, жено?“ - и одговори Исус. „Моето време се уште не е дојдено!“ Тогаш мајка Му им рече на слугите: „Направете се што ќе ви каже!“ Таму имаше шест камени садови за вода, кои беа наменети за обредно миење, според еврејскиот обичај. Секој од нив собираше од 80до 120литри. „Наполнете ги садовите со вода!“ - им рече Исус. Тие ги наполнија до врвот. Потоа им рече: „Нацрпете сега и однесете му на шефот на послугата!“ Тие му однесоа. Кога тој ја проба водата, што сега се беше претворила во вино, не знаејќи од каде е (само слугите кои нацрпија од водата знаеја), го повика младоженецот, па му рече: „Секој човек го служи прво најдоброто вино, а кога ќе се заситат гостите, го служи полошото. Ти, пак, си го чувал најдоброто вино се до сега!“ Исус го направи ова во галилејското место Кана и тоа беше Неговото прво чудо, со кое Исус ја покажа Својата слава и Неговите ученици поверуваа во Него.

Јован 2:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска и мајката на Исус беше таму. На свадбата беа поканети и Исус и Неговите ученици. А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исус: „Им снема вино.“ Исус ѝ рече: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.“ Но мајка Му Негова им рече на слу­гите: „Сѐ што ќе ви рече, направете!“ А таму имаше шест камени садови за вода, поставени за миење, според ју­дејскиот обичај, што собираа по две до три мери. А Исус им рече: „Наполнете ги са­довите со вода!“ И тие ги наполнија до горе. Па им кажа: „Нацрпете сега и однесете му на старосватот!“ И му однесоа. И кога вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода – а тој не зна­еше од каде е, но слугите, што ја беа до­неле водата, знаеја – тој го повика мла­доженецот, и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; но ти си го чувал доброто вино до сега.“ Така направи Исус почеток на Своите чуда во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него.

Јован 2:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А на третиот ден имаше свад-ба во Кана Галилејска, и Исусовата мајка беше таму. Ги повикаа на свадбата и Исуса и Неговите ученици. Кога сврши виното, Му рече на Исуса Неговата мајка: „Немаат вино.“ Исус ѝ одговори: „Што имам Јас со тебе, жено? Уште не дошол Мојот час.“ Неговата мајка им рече на слугите: „Што и да ви рече, направете.“ Таму имаше шест камени садови, според прописот за јудејското миење, што собираа по две до три мери. Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!“ И ги наполнија догоре. Тогаш им рече: „Сега нацрпете и однесете му на старосватот!“ И му однесоа. А кога старосватот вкуси од водата претворена во вино - а не знаеше од каде е, но знаеја слугите, кои црпеа од водата - го повика младоженецот и му рече: „Секој чо-век најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат - слабото. Ти си го чувал доброто вино досега.“ Ова го направи Исус во Кана Галилејска како почеток на чудесата и ја објави Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него.