Лука 2:1-40
Лука 2:1-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во тоа време римскиот император Август издаде заповед за прв попис на населението во неговата земја. Во времето на тој попис управник на Сирија беше Квиринеј. Тогаш секој отиде да се запише во местото на своето потекло. Така и Јосиф, кој беше потомок на царот Давид, тргна од галилејскиот град Назарет во јудејскиот град Витлеем, родното место на Давид. Јосиф отиде таму да се запише заедно со својата бремена свршеница, Марија. Додека беа таму, нејзе и дојде времето да се породи. И роди Син, нејзино Првороденче, Го пови и Го положи в јасли, бидејќи за нив немаше место во ноќевалиштето. Во истиот тој крај, имаше пастири кои ноќеваа во полето, чувајќи ги своите стада. Одеднаш им се јави ангел Господов и славата Господова ги осветли, од што тие многу се исплашија. Но ангелот им рече: „Не плашете се! Ви носам радосна вест, што ќе ги зарадува сите народи. Денес, во Давидовиот град, во Витлеем, ви се роди Спасителот - Месијата, Господ. Доказ за ова ќе ви биде следното: во јаслите ќе најдете Новороденче во повој.“ Вчасот, на ангелот му се придружија голем број ангели од небото, кои Го славеа Бога пеејќи: „Слава на Бог во небесата, а на Земјата мир за луѓето над кои почива Неговата благонаклоност!“ Кога ангелите се вратија на небото, пастирите си рекоа еден со друг: „Ајде да појдеме до Витлеем и да ја видиме оваа случка со која нe запозна Господ!“ Отидоа брзајќи и ги најдоа Марија и Јосиф со Новороденчето кое лежеше во јаслите. Откако Го видоа, на сите им раскажуваа за сето она што им го беше рекол ангелот за Детето. Сите што го слушаа ова од пастирите, се восхитуваа, а Марија ги запамети сите тие зборови и често размислуваше за нив. Потоа пастирите се вратија, пеејќи Му славопојки на Бог за сето она што го слушнаа и видоа, зашто сe беше точно така како што им кажа ангелот. На осмиот ден, при обрежувањето, на Новороденчето Му беше дадено името Исус, како што Го беше нарекол ангелот уште пред да биде зачнат. Кога помина времето на нивното исчистување, согласно со Мојсеевиот Закон, Јосиф и Марија Го донесоа Детето во Ерусалим за да Го посветат пред Господ, како што е пропишано со Законот Господов: ,Секое првородено машко дете да Му биде посветено на Господ.‘ Отидоа да принесат и жртва: две грлици или две гулапчиња, како што се бараше според Господовиот Закон. Во тоа време, во Ерусалим живееше еден човек по име Симон. Тој беше добар и богобојазлив, исполнет со Светиот Дух, и Го очекуваше Месијата Кој ќе го избави Израел. Симон беше добил уверување од Светиот Дух дека нема да умре додека не Го види Месијата, ветен од Господ. Поттикнат од Светиот Дух, Симон дојде во храмот токму кога родителите Го донесоа Детето Исус, за да Го посветат, согласно со она што беше пропишано со Мојсеевиот Закон. Симон Го зеде Детето в раце и упати благодарност кон Бог, велејќи: „Господе, сега можам спокојно да умрам зашто Ти го одржа Своето ветување. Моите очи Го видоа Спасителот, Кого Ти Го испрати за сите народи. Тој е Светлина што на народите ќе им го открие Бога и ќе Му донесе слава на Твојот народ, Израел!“ А Јосиф и Марија се восхитуваа од овие зборови искажани за Исус. Тогаш Симон ги благослови, и и рече на Марија, мајката на Детето: „Ова Детенце е избрано од Господ да собори и да подигне мнозина во Израел; ќе биде знак против кој луѓето ќе зборуваат, откривајќи ги така своите тајни мисли. А тебе, тагата како меч ќе ти ја прободе душата.“ Таму беше и една многу стара пророчица, по име Ана, ќерка на Фануел, од Ашеровото племе. По своето моминство, таа живеела во брак седум години, а потоа останала сама; сега имаше осумдесет и четири години. Таа беше постојано во храмот и Му служеше на Господ и дење и ноќе, постејќи и молејќи се. Токму кога Симон разговараше со Јосиф и Марија, таа пријде и почна да Го слави Бога и да им зборува за Исус на сите што очекуваа да се појави ветениот Цар, Кој ќе го избави Ерусалим. Кога Јосиф и Марија извршија сe што беше пропишано според Господовиот Закон, се вратија во својот град, Назарет, во покраината Галилеја. Таму Детето растеше и закрепнуваше; беше полно со мудрост, а Бог Му беше особено благонаклонет.
Лука 2:1-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф, бидејќи беше од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше тешка. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата. Во тој крај имаше пастири, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо. И одеднаш им пристапи ангел Господов и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли.“ И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме претскажаниот настан што ни го соопшти Господ.“ И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф со Младенецот кој лежеше во јасли. А штом го видоа, соопштија за претскажувањето што им беше речено за Тоа Дете. И сите што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите. А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено. А кога се навршија осум дена и Детето требаше да Го обрезат, Му дадоа име Исус, како што беше наречено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата. И кога се навршија деновите за нивното очистување, според законот на Мојсеј, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господ, како што е напишано во Законот Господов дека секое првородено машко дете треба да Му се посвети на Господ; и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две гугутки или две гулапчиња. А во Ерусалим живееше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек, кој беше праведен и благочестив, ја очекуваше утехата Израелова; и Светиот Дух беше на него. Нему Светиот Дух му беше прорекол дека нема да види смрт, додека не Го види Христос Господов. И поттикнат од Духот, дојде во храмот. Па, кога родителите Го донесоа детето Исус за да го извршат со Него она што беше вообичаено, според Законот, тој Го зеде во своите раце, Го благослови Бога и рече: „Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Господаре, според зборот Твој, зашто очите мои го видоа спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израел.“ А Јосиф и мајка Му се восхитуваа на она што зборуваше за Него. Па ги благослови Симеон и ѝ рече на Марија, мајката Негова: „Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израел, и е знак против Кого ќе се говори. А и тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца.“ Таму беше и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, од Асировото племе. Таа беше во поодминати години, а со мажот проживеала само седум години, по моминството свое. Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години. Не се оддалечуваше од храмот и Му служеше на Бога со пост и молитва, дење и ноќе. Во тој час пристапи и таа и почна да Го слави Господ и им прикажуваше за Него на сите што очекуваа избавување на Ерусалим. И кога извршија сѐ по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет. А Детето растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со мудрост; и благодатта Божја беше врз Него.
Лука 2:1-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А во она време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис, кога Квиринеј управуваше во Сирија. И сите одеа за да се запишат, секој во својот град. Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, горе во Јудеја, во Давидовиот Град, кој е наречен Витлеем, зашто беше од Давидо-виот дом и семејство, да се запише со Марија, свршената со него жена, која беше бремена. А кога беа таму - ѝ дојде време да роди. И го роди својот Син, првенец, па Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата. А во тој ист крај пастири ноќеваа под ведро небо, чувајќи го своето стадо. И одеднаш Господов ангел им пристапи и Господовата слава ги осветли, па се уплашија многу. Ангелот пак им рече: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи: зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ. И ова ви е знак: ќе најдете Младенче повиено, како лежи во јасли!“ И одеднаш со ангелот се најде мно-жество небесно воинство, кое Го фалеше Бога, велејќи: “Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!“ А кога ангелите си отидоа од нив во небото, пастирите си зборуваа еден на друг: „Тогаш, да отидеме до Витлеем и да видиме што се случило таму, за кое ни соопшти Господ!“ И брзајќи дојдоа и ги најдоа: Марија и Јосифа, и Дете-нцето како лежи во јаслите. А штом видоа, кажаа сѐ што им беше речено за Детенцето. И сите кои чуја, се восхитуваа на она, што пастирите им го рекоа. А Марија ги помнеше сите овие зборови и размислуваше за нив во своето срце. И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за сѐ што чуја и видоа, онака како што им беше речено. И кога навршија осум дена, за Неговото обрезание, Му го дадоа името Исус, како што Го нарече ангелот, пред да биде зачнат во утробата. И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според Мој-сеевиот Закон, Го донесоа во Ерусалим, за да Го претстават пред Господа, како што е напи-шано во Господовиот Закон: „Секое машко, кое се раѓа прво, да Му биде посветено на Господа!“, и да принесат жртва, како што е речено во Господовиот Закон - две грлици или две гулапчиња. И ете, во Ерусалим живееше човек по име Симеон, и тоа човек праведен и благочестив, кој ја чекаше Израелевата утеха; и Светиот Дух беше над него. Нему Светиот Дух му прорече дека нема да види смрт, додека не Го види Христа Господов. И вдахновен од Светиот Дух дојде во Храмот; и кога родителите Го внесоа Детенцето Исус, за да го извршат врз Него обичајот на Законот, Го зеде на своите раце, Го благослови Бога и рече: “Сега, Господару, отпушти го Својот служител со мир, според Твојот збор, зашто моите очи го видоа Твоето спасение, кое го приготви пред лицето на сите луѓе, светлина за осветлување на народите и слава на Твојот народ Израел.“ А Јосиф и мајка Му се чудеа на она, што зборуваше за Него. И Симеон ги благослови и ѝ рече на Неговата мајка Марија: „Гледај! Овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина во Израел, и знак на кој ќе му се противат, а на самата Тебе мечот ќе ти ја прободе душата - за да се откријат мислите на многу срца. Беше и пророчицата Ана, Фануилова ќерка, од Асировото племе; таа беше во многу напредната возраст; од своето моминство проживеала со мажот седум години, а како вдовица до осумдесет и четвртата година, не го напу-шташе Храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва ноќе и дење. И во истиот час таа дојде и Го славеше Бога и им зборуваше за Него на сите во Ерусалим, кои го очекуваа спасението. И кога свршија сѐ според Госпо-довиот Закон - се вратија во Галилеја во својот град Назарет. А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со мудрост, и Божјата благодат беше на Него.