Лука 2:1-7
Лука 2:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во тоа време римскиот император Август издаде заповед за прв попис на населението во неговата земја. Во времето на тој попис управник на Сирија беше Квиринеј. Тогаш секој отиде да се запише во местото на своето потекло. Така и Јосиф, кој беше потомок на царот Давид, тргна од галилејскиот град Назарет во јудејскиот град Витлеем, родното место на Давид. Јосиф отиде таму да се запише заедно со својата бремена свршеница, Марија. Додека беа таму, нејзе и дојде времето да се породи. И роди Син, нејзино Првороденче, Го пови и Го положи в јасли, бидејќи за нив немаше место во ноќевалиштето.
Лука 2:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф, бидејќи беше од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше тешка. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.
Лука 2:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А во она време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис, кога Квиринеј управуваше во Сирија. И сите одеа за да се запишат, секој во својот град. Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, горе во Јудеја, во Давидовиот Град, кој е наречен Витлеем, зашто беше од Давидо-виот дом и семејство, да се запише со Марија, свршената со него жена, која беше бремена. А кога беа таму - ѝ дојде време да роди. И го роди својот Син, првенец, па Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.