Изреки 31:10-31
Изреки 31:10-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кој ќе најде жена добродетелна? Таа е поскапа и од најскапоцените камења. Срцето на мажот нејзин е убедено во неа, тој нема да остане без добивка; таа ќе му прави добро на мажот свој, во сите дни од животот негов. Набавува волна и лен, и весело работи со рацете свои. Таа е како трговски кораб, – оддалеку си донесува храна. Таа станува уште преку ноќта и дава храна во куќата своја и им определува работа на слугинките свои. Ќе помисли ли за нива, ја купува; од плодот на рацете свои си насадува лозје. Ја препашува со сила половината своја и ги зајакнува рацете свои. Таа гледа колку ѝ напредува работата, и светилката нејзина не се гасне ноќе. Ги протега рацете кон фурката, и прстите нејзини се фаќаат за вретеното. Дланката своја му ја отвора на сиромав, и раката своја на оној, кој има нужда, му ја подава. Не се плаши од студ за челадта своја, зашто сета челад нејзина е облечена во двојни алишта. Таа си ткае покривачи: од висон и пурпур е нејзината облека. Мажот нејзин е познат кај портите, кога седи со старешините на земјата. Таа работи покривки и ги продава, и со појаси ги снабдува Хананците. Здравје и убавина е нејзината облека, и весело гледа на иднината. Со мудрост ја отвора устата своја, и кротка поука има на јазикот нејзин. Го надгледува домаќинството свое и не јаде леб во леност. Стануваат децата и ја благословуваат, – мажот, и тој ја фали: „Многу жени добродетелни имало, многу од нив стекнале богатство и сила, но ти ги надмина сите.“ Миловидноста е примамлива и убавината – суетна; но жена, која се плаши од Господ, е достојна за пофалба. Дајте ѝ од плодовите на нејзините раце, и нека се прославува кај градските порти поради делата свои!
Изреки 31:10-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Кој ќе најде добродетелна жена? Таа вреди повеќе од бисери. Мажовото срце се надева во неа, и не ќе му недостига печалба. Таа му прави добро, а не зло, во сите дни на својот век. Набавува волна и лен, и вешто работи со своите раце. Таа е како трговски брод: оддалеку го донесува својот леб. Таа станува уште во ноќта, ги храни своите домашни и им одредува работа на своите прислужнички. Ако забележи нива ја купува; со плодот на своите раце сади лозје. Со сила ги опашува своите бедра, и ги зајакнува своите мишки. Гледа како ѝ напредува работата: ноќе не ѝ гасне светилката. Со рацете посегнува по предилката, и со прстите го држи вретеното. Ја отвора својата дланка на бедниот, ги испружува рацете кон оној кој има потреба. Не се бои од снегот за своите домашни, зашто за сите деца има по две облеки. Сама си шие покривачи, се облекува во лен и во црвено сукно. Мажот ѝ е славен на Вратите, каде што седи со земните старешини. Ткае платно и го продава, и дава појаси на трговецот. Облечена е со сила и достоинство и весело гледа на иднината. Мудро ја отвора својата уста, и побожна наука ѝ е на јазикот. Внимава на поведението на своите домашни, и не го јаде лебот на мрзливоста. Нејзините синови се подигаат и ја наречуваат среќна, и нејзиниот маж ја фали: „Многу жени беа добродетелни, но ти ги надминуваш сите.“ Миловидноста е лажлива, убавината е суетна: Жена со страв од Господа, заслужува пофалба. Дајте ѝ од плодот на нејзините раце, и нека нејзините дела ја прославуваат на Вратите.