YouVersion लोगो
सर्च आयकॉन

Лука 21

21
1Кружејќи со погледот, Исус виде како богатите ставаат големи парични прилози во храмот.
2Потоа виде и една сиромашна вдовица која стави само две бакарни парички,
3па рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде поголем прилог од сите,
4бидејќи, сите други дадоа прилози за храмот од вишокот што го имаат, а таа, и покрај својата сиромаштија, ја даде сета своја животна издршка.“
5Бидејќи некои луѓе зборуваа за храмот, за неговите украсни камења и за подарените работи во него, Исус рече:
6„Доаѓа време кога од сето ова што го гледате ниеден камен нема да остане на своето место - сe ќе биде разурнато!“
7Тогаш тие Го прашаа: „Учителе, кога ќе се случи тоа? По што ќе се познае дека тоа ќе почне да се исполнува?“
8А Тој им рече: „Чувајте се да не бидете заведени. Мнозина ќе се појават под Моето име и ќе тврдат: ,Јас сум вистинскиот Месија!‘ и ,Дојде времето!‘ Не одете по таквите!“
9„Нека не ве обзема паника кога ќе чуете за војни и револуции! Сето тоа ќе мора да се случи во почетокот, но тоа не е крајот.“
10Потоа Тој продолжи: „Ќе се кренат народи и ќе војуваат едни против други, едно царство против друго.
11Ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има глад и смртоносни епидемии. На небото ќе се јавуваат необични и страшни појави.
12Но пред сето ова, вас ќе ве апсат и ќе ве прогонуваат. Ќе ве водат на судење по синагогите и ќе ве затвораат. Ќе ве изведуваат пред цареви и владетели, поради вашата вера во Мене.
13Но тоа ќе бидат можности за вас, да посведочите за Радосната вест.
14Запомнете дека не треба да се грижите како ќе се браните,
15зашто Јас ќе ви дадам такви зборови и мудрост на кои вашите противници не ќе можат да им противречат и да им се противставуваат.
16А ќе ве предаваат и вашите сопствени родители, браќа, роднини и пријатели. Некои од вас ќе бидат и погубени.
17Сите ќе ве замразат поради вашата вера во Мене.
18Но, ни влакно од главата нема да ви падне.
19Останете непоколебливи и ќе ги спасите своите души.“
20„Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте дека наскоро тој ќе биде разурнат.
21Тогаш тие што ќе се најдат во Јудеја нека бегаат во планините! Тие што се во Ерусалим нека излезат од него! Тие што ќе бидат по нивите нека не се враќаат во градот!
22Зашто, тоа ќе биде време на Божја казна и ќе се исполни сe што е запишано за тоа во Светото Писмо.
23Тоа ќе биде посебно тешко време за трудниците и за доилките, зашто големо страдање ќе ја зафати оваа земја и Божјиот гнев ќе се урне врз овој народ!
24Едни ќе бидат со меч убиени, други ќе бидат одведени како робови меѓу сите народи. А Ерусалим ќе го газат туѓи, нееврејски народи, додека не помине нивното време.“
25„Необични појави ќе има на Сонцето, на Месечината и на ѕвездите. На Земјата цели народи ќе бидат потиштени и исплашени пред неизвесноста и бучавата на морето и разбеснетите бранови.
26Луѓето ќе премираат од страв, во исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и вселенските сили ќе отстапат од законитоста по која дејствуваат.
27Тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како доаѓа на облак со величествена моќ и слава!
28Кога сето ова ќе почне да се случува, исправете се со кренати глави, зашто вашето спасение е сосема близу!“
29Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Имајте ги предвид смоквите и другите дрвја.
30Кога ќе забележите дека разлистуваат, знаете дека се приближува летото.
31Така, кога ќе видите дека сите овие работи почнуваат да се случуваат, ќе знаете дека Божјото царство наближува.
32Ве уверувам, дека оваа генерација нема да изумре, додека сето ова не се исполни.
33Небото и Земјата ќе исчезнат, но Моите зборови ќе останат засекогаш.“
34„Чувајте се да не се занесете во прослави, во пиење или во прекумерни грижи за овој живот, зашто Оној ден ќе ве затекне ненадејно,
35како замка што ќе дојде по сите луѓе, во целиот свет!
36Бидете на штрек и молитва во секое време, за да имате сили успешно да го пребродите сето ова што ќе се случи и да застанете исправени пред Синот Човечки.“
37Дење Исус поучуваше во храмот, а ноќите ги минуваше на Маслиновата Гора.
38И сиот народ, уште рано наутро доаѓаше во храмот, за да Го слуша Исуса.

सध्या निवडलेले:

Лука 21: MNT

ठळक

सामायिक करा

कॉपी करा

None

तुमचे हायलाइट तुमच्या सर्व डिव्हाइसेसवर सेव्ह करायचे आहेत? साइन अप किंवा साइन इन