Јован 3

3
Разговорот на Исуса со Никодима. Јован сведочи за Христа.
1Меѓу фарисеите беше еден човек по име Никодим, кнез јудејски.
2Тој дојде при Исуса ноќно време и Му рече: »Рави! Знаеме дека си Ти учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чудеса, што ги правиш Ти, ако не е со него Бог.«
3Му одговори Исус и рече: »Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.«
4Никодим Му рече: »Како може човек да се роди, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?«
5А Исус му одговори: »Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо;
6зашто, роденото тело од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е.
7Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора.
8Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Дух.«
9Никодим Му одговори и рече: »Како може тоа да биде?«
10Исус одговори и му рече: »Ти си учител Израилев, па тоа ли не го знаеш?
11Вистина, вистина ти велам: ние зборуваме за она, што знаеме, и сведочиме за она, што сме виделе; а вие нашето сведоштво не го примате.
12Кога за земни работи ви зборував и не верувавте, како ќе поверувате, ако би ви говорел за небесните?
13Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој пребива на небото.
14И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки,
15та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен.
16Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен.
17Оти Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
18Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, оти не поверувал во името на Единородниот Син Божји.
19А овој суд е за тоа што Светлината дојде на светот, но на луѓето им омиле повеќе мракот отколку светлината, оти нивните дела беа лоши.
20Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави.
21А оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.«
22Потоа дојде Исус со учениците Свои во земјата Јудејска, и таму живееше со нив и крштаваше.
23А Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода; и доаѓаа и се крштаваа,
24оти Јован уште не беше фрлен в затвор.
25Тогаш настана расправија меѓу учениците Јованови и Јудејците околу очистувањето.
26И дојдоа при Јована и му рекоа: »Учителе, Оној што беше со тебе отаде Јордан и за Кого ти сведочеше, ете, Он крштава и сите одат при Него.«
27А Јован одговори и рече: »Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото.
28Вие сами сте мои сведоци дека реков: ‚Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него.‘
29Оној што има невеста, младоженец е; а пријателот на младоженецот, кој стои и слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа, пак, моја радост се исполни.
30Он треба да расте, а јас да се смалувам!
31Кој доаѓа одозгора, тој е над сите; а кој е од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото, над сите е.
32И за она што виде и чу, за тоа сведочи; и сведоштвата Негови никој не ги прима.
33Кој го примил Неговото сведоштво, потврдил дека Бог е вистинит.
34Кого, пак, Бог испратил, он кажува Божји зборови; оти Бог не Го дава Духот со мерка.
35Зашто Отецот Го љуби Својот Син и сѐ Му даде во раката Негова.
36Кој верува во Синот, има живот вечен; а кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе биде врз него.«

Märk

Dela

Kopiera

None

Vill du ha dina höjdpunkter sparade på alla dina enheter? Registrera dig eller logga in

Video för Јован 3