Лука 1
1
Увод. Ангелот го објавува раѓањето на Јована Крстител. Архангелот Гавриил го објавува раѓањето на Исуса Христа. Марија кај Елисавета. Мариината благодарност. Раѓањето и обрезанието на Јована. Пророкувањето на Захарија.
1Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат за настаните, што се случија меѓу нас,
2како што ни ги предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и служители на словото,
3намислив и јас, откако испитав сѐ од почетокот, да ти опишам точно по ред, честити Теофиле,
4за да ја разбереш основата на учењето, на кое си се учел.
5Во деновите на Ирода, царот Јудејски, живееше еден свештеник по име Захарија, од редот Авијанов; а жена му беше од ќерките Аронови и се викаше Елисавета.
6И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка.
7Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари.
8Еднаш, кога тој служеше пред Бога по својот ред,
9според обичајот на свештениците, нему му се падна ждреб да влезе во храмот Господов и да покади.
10А целиот народ се молеше однадвор, за време на кадењето.
11Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник.
12Захарија се уплаши кога го виде, и страв го опфати.
13Но ангелот му рече: »Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован.
14И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање.
15Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си;
16и многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог;
17и тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните – кон разумот на праведните, па да Му приготви на Господа народ совршен.«
18И му рече Захарија на ангелот: »По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна.«
19Ангелот му одговори и рече: »Јас сум Гавриил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радост;
20и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, оти не поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.«
21Народот го чекаше Захарија и се чудеше што се забави во храмот.
22А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.
23И штом изминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома.
24По тие дни зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи:
25Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледа, за да го отстрани укорот меѓу луѓето.
26А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гавриил во галилејскиот град, по име Назарет,
27при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија.
28И кога влезе ангелот при неа, рече: »Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!«
29А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: »Каков е овој поздрав?«
30И ѝ рече ангелот: »Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога;
31и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус.
32Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида;
33и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.«
34А Марија му рече на ангелот: »Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?«
35»Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.
36Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец;
37зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила.«
38Марија, пак, рече: »Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!« И ангелот си отиде од неа.
39А Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин;
40па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета.
41Штом го чу Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети,
42па извика гласно и рече: »Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!
43И откаде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ?
44Зашто, ете, кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја.
45И блажена е таа, која поверува, зашто ќе се исполни она, што ѝ рекол Господ.«
46И рече Марија: »Мојата душа Го велича Господа,
47и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој,
48оти ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови;
49зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име;
50и милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него.
51Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои;
52ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените;
53гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни;
54го прифати Израилот, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста,
55како што им зборуваше на татковците наши, на Авраама и на семето негово довека.«
56И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома.
57А на Елисавета ѝ дојде времето да роди, и таа роди син.
58И чуја оние, што живееја околу, и роднините нејзини, дека ја увеличил Господ Својата милост над неа, и се радуваа со неа.
59На осмиот ден дојдоа да го обрежат младенецот, и сакаа да му го дадат името на татка му Захарија.
60Но мајка му одговори и рече: »Не, туку да се нарече Јован!«
61Ѝ рекоа нејзе: »Никој нема во твојот род, кој се вика со такво име.«
62И го прашаа со знаци татка му, како би сакал да го наречат.
63Тој побара штичка и ги напиша зборовите: »Јован му е името.« И сите се зачудија.
64И веднаш му се одврзаа устата и јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога.
65И се уплашија сите што живееја околу; и прикажуваа за сето тоа по целиот крај Јудејски.
66Сите, што чуја, го зедоа тоа при срце и велеа: »Што ли ќе стане од тоа дете?« И раката Господова беше со него.
67А Захарија, татко му, се исполни со Дух Свети и пророкуваше, говорејќи:
68»Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави народот Свој;
69и подигна рог за нашето спасение, во домот на Давида, Својот слуга;
70како што говореше преку устата на своите свети пророци од векот,
71дека ќе нѐ избави од непријателите наши и од рацете на сите што нѐ мразат;
72за да ја пројави Својата милост над татковците наши и да се сети на светиот завет Свој,
73на клетвата, со која му се заколна на Авраама, нашиот татко;
74оти ќе даде, штом нѐ избави од непријателите наши,
75без страв да Му служиме, во светост и правда пред Него, преку целиот наш живот.
76А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови;
77и да го вразумиш народот Негов за спасение, преку проштавање на гревовите нивни,
78заради големата милост на нашиот Бог, со која нѐ посети Исток од висините,
79за да ги просвети оние, што седат во темнина и сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот.«
80А детето растеше и крепнеше со духот, и остана во пустина до денот, кога им се јави на Израилците.
ที่ได้เลือกล่าสุด:
Лука 1: MK1990
เน้นข้อความ
แบ่งปัน
คัดลอก

ต้องการเน้นข้อความที่บันทึกไว้ตลอดทั้งอุปกรณ์ของคุณหรือไม่? ลงทะเบียน หรือลงชื่อเข้าใช้
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016