YouVersion Logo
Search Icon

БИТИЕ 15

15
Божјиот Завет со Аврама
1По тие настани Бог му испрати слово на Аврама, во видение: „Не бој се, Авраме! Јас Сум твој штит; а твојата награда ќе биде многу голема.“ 2Аврам рече: „Господи Боже, што ќе ми се даровите, кога останав без пород; кога овој Елиезер, од Дамаск, ќе го наследи мојот дом?“ 3Аврам рече уште: „Ете, не ми даде потомство, и слугата роден во мојот дом ќе ми биде наследник.“ 4Ама Господ пак му испрати слово: „Тој нема да стане твој наследник; туку ќе те наследи твојот потомок, кој ќе произлезе од твоето бедро.“ 5Го изведе надвор и рече: „Погледај сега на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги преброиш.“ И му рече: „Толкаво ќе биде твоето потомство.“ 6Аврам Му поверува на Господа и тоа му се засмета за праведност.
7Тогаш Тој му рече: „Јас Сум Господ, Кој те изведе од Халдејскиот Ур, за да ти ја предадам оваа земја во наследство!“ 8А тој рече: „Господи, Господи, по што ќе знам дека ќе биде моја?“ 9Господ му одговори: „Принеси ми тригодишна јуница, тригодишна коза, тригодишен овен, грлица и гулапче.“ 10Тој Му донесе сѐ тоа, ги расече наполовина и ги стави половините една спроти друга; птиците не ги пресече. 11Грабливи птици слетуваа на труповите, но Аврам ги растеруваше.
12При зајдисонце, длабок сон го опфати Аврама, а тогаш густ мрак се спушти врз него, полн со морничавост. 13И Господ му рече на Аврама: „Знај дека твоите потомци ќе бидат странци во туѓа земја; ќе робуваат и ќе бидат угнетувани четири стотини години; 14ама Јас ќе му судам на народот кому ќе му робуваат; и конечно ќе излезат со големо благо. 15А ти ќе отидеш при своите татковци во мир; ќе бидеш погребан во добра старост. 16Твоите потомци ќе се вратат тука во четвртото поколение, зашто уште не се исполни мерата на аморејските злодела.“
17А кога сонцето зајде и падна густа темнина, ете, дим како од печка, а огнен пламен помина меѓу расечените делови. 18Во тој ден Господ склучи завет со Аврама, велејќи: „Му ја давам земјава на твоето потомство, од Реката во Египет до Големата Река, реката Еуфрат: 19земјата на: Кенејците, Кенезијците, Кедмонејците, 20Хетејците, Ферезејците, Рафаимците, 21Аморејците, Ханаанците, Гергесејците и Евусејците.“

Currently Selected:

БИТИЕ 15: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in