БИТИЕ 31
31
Јаков сака да се врати дома
1Тогаш Јаков научи дека Лавановите синови зборуваат: „Јаков му го одзеде целиот имот на татка ни; и го придоби сето она богатство од она што требаше да му припадне на нашиот татко.“ 2А Јаков забележа и на Лавановото лице дека тој не се држи кон него како порано. 3Тогаш Господ му рече на Јакова: „Врати се во земјата на своите татковци, во својата родина, и Јас ќе бидам со тебе!“ 4Тогаш Јаков ги повика Рахила и Лија во полето, при своето стадо, 5и им рече: „Јас гледам на лицето на вашиот татко дека тој не се држи кон мене како порано; ама со мене беше Бог на татка ми. 6И самите знаете дека му служев на вашиот татко колку што можев; 7па сепак вашиот татко ме измачуваше мене, десетпати ми ја менуваше платата. Но Бог не остави да ми нанесе штета. 8Ако тој речеше: ‘Секоја шарена нека ти биде плата, ‘тогаш целото стадо раѓаше шарени; ако пак речеше: ‘Капчестите нека ти бидат за плата,’ тогаш целото стадо раѓаше капчести. 9Така Бог му го одзеде добитокот на татка ви и ми го даде мене. 10Еднаш, кога стадото се оплодуваше, одненадеж видов во сон дека јарците во стадото, додека се спаруваа беа капчести, делумно бели и шарени. 11Уште во сонот, Божји ангел ме повика: ‘Јакове!’ ‘Еве ме!’ реков. 12А тој продолжи: ‘Забележи добро дека јарците во стадото, што се спаруваат се капчести, делумно бели и шарени. Имено, Јас видов сѐ што ти направи Лаван. 13Јас Сум Бог, Кој ти се јави во Ветил, каде со масло го помаза столбот и каде ми направи завет. Сега стани и оди си од оваа земја; врати се во својата родина!’“ 14Рахила и Лија му одговорија на тоа: „Зар уште имаме наследнички дел во својот татков дом? 15Зар нашиот татко не нѐ сметаше туѓинки? Па тој нѐ продаде, а потоа го изеде среброто, што го доби за нас! 16Сето тоа богатство што Бог му го одзеде на нашиот татко, навистина е наше и на нашите деца. Затоа направи сѐ како што ти рече Бог!“
Јаковово бегство
17Тогаш Јаков ги качи своите деца и своите жени на камилите; 18пред себе го потера сиот свој добиток, сиот свој имот што го придобил, добитокот што го собрал во Падан Арам: тргна кон Ханаанската Земја, при татка си Исака. 19Лаван веќе замина да ги стриже своите овци, па Рахила ги присвои домашните идоли, што му припаѓаа на нејзиниот татко. 20Јаков го залага Арамеецот Лаван така, што и не насетуваше дека ќе бега. 21И побегна со сѐ што беше негово. Наскоро го премина Еуфрат и го насочи патувањето кон Галадскиот Рид. 22На третиот ден го известија Лаван дека Јаков избегал.
23Тој ги поведе со себе сите свои роднини и го гонеше со потерата седум дни одење; го стигна на гората Галад. 24Но Бог му се јави на Арамеецот Лаван, ноќе, на сон, и му рече: „Внимавај, да не преземаш нешто против Јакова, ни добро ни зло!“ 25И така Лаван го стигна Јакова. Јаков го имаше оптегнато својот шатор на гората, а и Лаван со своите роднини се настани на гората Галад. 26Тогаш Лаван му рече на Јаков: „Што сакаш со тоа, измамувајќи ме и одведувајќи ги моите ќерки, како поробени со меч? 27Зошто избега потајно, ме заблуди и не ме извести? Ќе те испратев со веселба и песна, со тапанчиња и со лира. 28Не ме остави ни да ги изљубам своите ќерки и своите внучиња! Навистина, постапи лудо. 29Во сила е на мојата рака да ви напакости; но Бог на татка ти ми рече ноќеска: ‘Внимавај, да не преземеш нешто против Јакова, ни добро ни зло!’ 30Добро, сега, замини како што копнееше по својот татков дом; но зошто ми ги украде идолите?“ 31Јаков му одговори на Лавана: „Треперев од мислата дека можеш да ми ги одземеш на сила своите ќерки. 32А во кого ќе ги најдеш своите идоли, тој нека загине! Тука, пред нашите браќа, кажи што е твое при мене, и земи си го!“ Јаков не знаеше дека Рахила ги имаше присвоено.
33Така Лаван влезе во Јакововиот шатор, па во Лијиниот шатор, потоа во шаторот на двете слугинки, но ништо не најде. Откако излезе од Лијиниот шатор, влезе во Рахилиниот шатор. 34А Рахила ги зеде идолите и ги стави во седлото на својата камила, а потоа седна на нив. Лаван пребаруваше низ целиот шатор, но не ги најде. 35Имено, таа му рече на татка си: „Нека не се лути мојот господар дека не можам да станам пред него, зашто го имам она што е ред кај жените.“ И така бараше, но не ги најде идолите.
36Тогаш Јаков се налути и почна да се препира со Лавана. Јаков му рече отворено на Лавана: „Какво е моето злосторство, која е мојата вина, што ме прогонуваш? 37Ете, ги испреврте сите мои работи, па каков предмет од твојата покуќнина најде? Стави го тука пред мојот и својот род, па тие нека ни бидат судии меѓу нас двајцата. 38За овие дваесет години што ги поминав со тебе, ни твоите овци ни твоите кози не се изјаловија, ниту јадев овни од твоето стадо. 39Тоа што ѕверка ќе го раскинеше, не ти го донесував тебе, туку од своето ја надоместував загубата. Ти го бараше тоа од мене, било да го снемало дење или да го снемало ноќе. 40Често дење се измачував од жед, а ноќе од студ. Сонот бегаше од моите очи. 41Од овие дваесет години, што ги поминав во твојата куќа, четиринаесет години ти служев за твоите две ќерки, а шест години за твојот добиток, зашто ми ја менуваше заработувачката десетпати. 42Ако со мене не беше Бог на мојот татко, Авраамовиот Бог, Исаковиот Страв, ќе ме испратеше со празни раце. Но Бог ги гледаше мојата неволја и трудот на моите раце, па сношти пресуди.“
Јаковов сојуз со Лавана: Мисфа
43Тогаш Лаван му одговори на Јакова: „Ќерките се мои ќерки; децата се мои деца; стадата се мои стада; сѐ што гледаш мое е. Но што можам, денес, да им сторам на своите ќерки и на децата, кои ги родиле? 44Сега јас и ти да склучиме сојуз, за да биде сведоштво меѓу мене и тебе.“ 45Јаков зеде камен и го исправи како споменик, 46а тогаш Јаков им рече на своите луѓе: „Соберете камења!“ Така тие собраа камења и ги нафрлија на куп. Јадеа, таму, на купот. 47Тогаш Лаван го нарече Јегар Сахадута (Брег на Сведоштво), а Јаков го нарече Галад. 48Тогаш Лаван изјави: „Нека овој куп, денес, биде сведок меѓу мене и тебе!“ Затоа е и наречен Галад, 49но и Мисфа, зашто рече: „Господ нека нѐ надгледува и тебе и мене, кога ќе си отидеме еден од друг. 50Ако постапуваш лошо кон моите ќерки, или ако земеш други жени покрај моите ќерки, иако никој друг не ќе биде со нас, знај дека Бог ќе биде сведок меѓу мене и тебе!“
51Потоа Лаван му рече на Јакова: „Еве, тука е купот; тука е столбот што го исправив меѓу себе и тебе: 52овој куп и овој столб нека бидат сведоштво дека нема да тргнам против тебе, од зад овој куп, и дека ти нема да тргнеш против мене, од зад ова ритче и спомеников. 53Авраамовиот Бог и Нахоровиот Бог и Богот на нивните татковци нека ни биде наш судија!“ Јаков се заколна во Бога - во Стравот на татка си Исака. 54Потоа Јаков принесе жртва на гората и ги повика своите луѓе да јадат. После јадењето ја поминаа ноќта на гората.
55Рано наутро, Лаван се крена ги изљуби своите синови и своите ќерки, па ги благослови; тогаш се запати назад во своето место.
Currently Selected:
БИТИЕ 31: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.