YouVersion Logo
Search Icon

БИТИЕ 32

32
Јаковова средба со Исав
1Јаков одеше по својот пат, кога во пресрет му излегоа Божји ангели. 2Штом Јаков ги забележа, рече: „Ова е Божјо воинство!“ Затоа го нарече местото Маханаим. 3Јаков испрати гласници, пред себе, до брата си Исава во Сирската Земја во месноста Едом, 4и им наложи: „Вака ќе му речете на мојот господар Исав: ‘Твојот слуга Јаков ти порачува: „Живеев при Лавана, се задржав таму досега. 5Придобив говеда, ослиња, овци, слуги и слугинки. Му го соопштувам ова на својот господар, за да најдам милост во неговите очи.’“
6Гласниците се вратија при Јакова и му рекоа: „Бевме кај твојот брат Исав; самиот тој ти доаѓа во пресрет со четири стотини момчиња.“ 7Јаков се исплаши многу. Во загриженоста, ги подели во две дружини: луѓето, стадата, говедата и камилите, што беа со него. 8Сметаше: „Ако Исав налета на едната дружина и ја нападне, другата ќе може да се спаси.“
9Тогаш Јаков се помоли: „О, Боже на татка ми Авраама! Боже на мојот татко Исак! О, Господи, Кој ми нареди: ‘Врати се во својот роден крај, и Јас ќе ти сторам добро!’ 10Не сум достоен за сета добрина што му ја искажуваше на својот слуга постојано. Зашто некогаш само со својот стап поминав преку Јордан, а сега станав две дружини. 11Избави ме од рацете на брата ми, од Исавовите раце! Инаку се плашам дека може да дојде и да нѐ убие: и мене, и мајките, и децата. 12Ти рече: ‘Ќе ти давам изобилно добрини и твоето потомство ќе го умножам како морскиот песок, што не може да биде изброен заради своето множество.’“
13Таму ја помина ноќта; а потоа, од она што имаше при рака, му приготви дар на својот брат Исав: 14двеста кози и дваесет јарци, двеста овци и дваесет овни; 15триесет камили - доилки со нивните мали камили; четириесет крави и десет јунци; дваесет ослиња и десет ждребиња. 16Стадо по стадо им ги предаде на своите слуги. Тогаш им рече на своите слуги: „Одете пред мене, но држете растојание меѓу стадата!“ 17А на првиот му издаде заповед, велејќи: „Кога ќе те сретне мојот брат Исав, па те праша: ‘Чиј си? Каде одиш? Чие е ова пред тебе?’ 18Одговори: ‘На твојот слуга Јаков; ова е дар што му го испраќа на својот господар Исав; а тој иде по нас.’“ 19Така им нареди и на вториот, па на третиот, и на сите други што одеа по стадата: „Ова кажете му на Исава кога ќе го сретнете. 20И кажете му уште: „А твојот слуга Јаков и самиот иде по нас.“ Имено, мислеше: „Ако го смилувам, однапред, со подароците, а потоа се соочам со него, можеби ќе ми прости.“ 21Така подароците тргнаа напред, додека тој ја преспа ноќта во логорот.
На Јаков му е дадено име Израел
22И стана во таа ноќ, ги зеде своите две жени, своите две слугинки и своите единаесет деца и премина преку бродот на Јавок. 23И ги зеде, ги помина преку потокот, и преведе сѐ свое. И Јаков остана сам. 24И Некој се бореше со него до зазорување. 25Откако виде дека не може да го совлада, му го измести бедрото при зглобот, така што на Јакова му се измести колкот додека се бореа. 26Потоа рече: „Пушти Ме, зашто се зазори!“ Но тој одговори: „Не те пуштам додека не ме благословиш.“ 27Тогаш, го праша: „Како ти е името?“ Одговори: „Јаков.“ 28Оној му рече: „Отсега не ќе ти биде името Јаков, а Израел, зашто се бореше со Бога и со луѓето, и победи.“ 29Јаков го праша: „Кажи ми го Твоето име?“ А Тој рече: „Зошто прашуваш за Моето име, тоа е чудно?“ И го благослови таму. 30Јаков го нарече местото: Фануил, зашто - рече - „Го видов Бога лице во лице, и останав жив.“ 31Сонцето изгреа над него, кога заминуваше од Фануил. Кривеше заради колкот. 32Затоа и досега Израелевите синови не ја јадат жилата, што е во состав на бедрото, зашто Јакововиот бедрен зглоб беше изместен во жилата на бедрото.

Currently Selected:

БИТИЕ 32: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in