YouVersion Logo
Search Icon

МАТЕЈ 5

5
Беседа на гората
1Кога виде многу народ, се искачи на гората; и, откако седна, Му пристапија Неговите ученици, 2и кога ја отвори Својата уста ги поучуваше, велејќи:
3“Блажени се бедните во дух, зашто е нивно царството небесно!
4Блажени се оние кои тагуваат, зашто тие ќе бидат утешени! 5Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата! 6Блажени се кои гладуваат и жедуваат за правда, зашто тие ќе се наситат! 7Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! 8Бла-жени се чистите во срце, зашто тие ќе Го видат Бога! 9Блажени се миротворците, зашто тие ќе бидат наречени синови Божји! 10Бла-жени се оние кои се гонети заради правда, зашто е нивно царството небесно! 11Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно против вас, секакви лоши зборови, заради Мене. 12Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, зашто така ги гонеа пророците, кои беа пред вас.
13Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат.
14Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се скрие; 15ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата. 16Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.“
17“Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците!
Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам. 18Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сѐ. 19И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно; 20Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно.“
21“Сте чуле дека им беше речено на старите: ‘Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде виновен пред судот.’ 22А Јас ви велам, дека секој, кој се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на брата си „празноглавец“, ќе биде виновен пред синедрионот. А кој ќе го нарече „безумник“, ќе биде виновен за во огнениот пекол. 23И така, ако принесуваш свој дар на олтарот и си спомниш таму дека брат ти има нешто против тебе, 24остави го таму својот дар пред олтарот, и оди првин помири се со брата си, па тогаш дојди и принеси го својот дар. 25Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница. 26Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го исплатиш и последниот кодрант.“
27“Сте чуле дека им било речено на старите: ‘Не прави прељуба!’ 28А Јас ви велам дека секој, кој гледа на жена со желба, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. 29Ако твоето десно око те соблазнува, извади го и фрли го од себе; зашто е подобро да ти пропадне еден од членовите, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот. 30И ако твојата десна рака те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; зашто ти е подобро да пропадне еден од твоите членови, отколку целото твое тело да отиде во пеколот.
31“Исто така било речено: ‘Кој ќе ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.’ 32А Јас ви велам дека секој, кој ја остава својата жена, освен за прељуба, ја прави да врши прељуба, и кој се оженува со така напуштена, врши прељуба.“
33“Уште сте чуле, дека им било речено на старите: ‘Не нарушувај ја клетвата, а исполнувај ги пред Господа своите клетви.’ 34А Јас ви велам: не колнете се никако; ниту во небото, зашто е Божји престол; 35ниту во земјата, зашто е подно-жје на Неговите нозе; ниту во Ерусалим, зашто е град на вели-киот Цар. 36Не ќе се колниш ни во својата глава, зашто не можеш ниедно влакно да го направиш бело или црно! 37Туку вашиот збор нека биде: ‘да’, да - ‘не’, не! Што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“
38“Сте чуле дека било речено: ‘Око за око и заб за заб.’ 39А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; туку, ако некој те плесне по твојот десен образ, сврти му го и другиот. 40Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката. 41Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди две со него. 42Дај му на оној што бара од тебе, и не свртувај се од оној што ти сака на заем.“
43“Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’. 44А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат; 45за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е во небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните. 46Зашто ако ги љу-бите оние, кои ве љубат вас, каква награда имате? Зар и цариниците не го прават тоа исто? 47И ако ги поздравувате само своите браќа; што правите особено? Зар не го прават истото и цариниците? 48И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.“

Currently Selected:

МАТЕЈ 5: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in