YouVersion Logo
Search Icon

1 Тимотеј 1

1
1Од Павле, апостол на Исус Христос, назначен по заповед на Бог, нашиот Спасител, и на Христос, нашата надеж:
2До Тимотеј, кој заради заедничката вера ми е како син. Ти посакувам Бог Таткото и нашиот Господ Исус Христос да ти бидат благонаклонети, да покажат милост спрема тебе и да ти дадат мир.
3Кога заминував за Македонија те замолив да останеш во Ефес и да предупредиш одредени луѓе таму да престанат да шират изопачени учења,
4да престанат да си го губат времето со митови и со бескрајни родослови. Со такви нешта само предизвикуваат расправии, а не водат до Божјиот план, кој може да се осознае само преку вера.
5Целта на нашето предупредување е тамошните христијани да научат да сакаат искрено и од се срце, да имаат чиста совест и искрена вера.
6Некои учители застранија од ова и се свртеа кон празни мудрувања.
7Сакаат да бидат учители на Мојсеевиот Закон, а не го разбираат ниту она што го зборуваат, ниту пак она што го тврдат со толкава самоувереност!
8Ние знаеме дека, ако правилно се применуваат, законите се добри.
9Но го знаеме и тоа дека законите не постојат за да ги контролираат праведните луѓе, туку да ги одвраќаат престапниците, бунтовниците, безбожниците и грешниците. Тие постојат заради луѓе на кои ништо не им е свето, луѓе што сквернават се што ќе стигнат, убијци што се во состојба да си ги убијат дури и сопствените родители!
10Законите се напишани заради блудните луѓе, заради полово изопачените, трговците со робови, лажговците и оние што не си ги почитуваат заклетвите. Тие постојат заради сите оние што му се противставуваат на правилното учење
11што произлегува од величествената Радосна вест која ми ја довери нашиот прекрасен Бог.
12Благодарен сум Му на нашиот Господ Исус Христос, Кој сметаше дека може да има доверба во мене и ми даде сила да ја вршам оваа работа.
13Јас зборував навредливи нешта за Него, безобѕирно ги прогонував Неговите следбеници, но Тој се смилува над мене, зашто знаеше дека тоа се случуваше пред да поверувам и не бев свесен што правам.
14Каква огромна благонаклоност покажа нашиот Господ спрема мене! Целосно ме исполни со вера и љубов каква што има Исус Христос.
15„Исус Христос дојде на овој свет за да ги спаси грешните.“ Оваа вистина сите треба да ја прифатиме со целосна доверба. Јас сум најголемиот грешник од сите!
16Но токму заради тоа Бог се смилува над мене и преку мојот пример покажа колку Исус Христос е трпелив со нас грешните. Така и други луѓе ќе сфатат дека и тие можат да поверуваат во Него и да добијат вечен живот.
17На вечниот Цар, бесмртен и невидлив, на единствениот Бог, да Му оддадеме слава и почит за вечни времиња! Амин.
18Тимотеј, сине мој, упатствата што ти ги давам се засновани врз пророштвата што претходно се дадени за тебе. Нека те поттикнуваат да се бориш како добар војник,
19да бидеш верен и да имаш чиста совест. Некои луѓе доживеаја бродолом во својата вера, бидејќи не си ја слушаа совеста.
20Тоа им се случи на Именеј и на Александар. Тие луѓе му ги препуштив на Сатаната, за да се научат да не зборуваат навредливо за Бог.

Currently Selected:

1 Тимотеј 1: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in