Јован 1
1
1Уште на почетокот постоеше Зборот. Зборот беше со Бог и Зборот беше Бог.
2Од самиот почеток, Зборот беше со Бог.
3Се што постои беше создадено преку Зборот. Не постои ништо создадено, кое не беше создадено преку Зборот!
4И самиот живот беше во Зборот, и Тој живот им дава светлина на луѓето.
5Оваа Светлина свети во темнината, и темнината никогаш не може да ја изгаси.
6Се појави еден човек, по име Јован Крстител, кој беше испратен од Бог.
7Тој дојде како сведок, за да им каже на сите за Светлината и да ги упати луѓето во верата.
8Јован не беше Светлината; тој беше само сведок за Светлината.
9Вистинската Светлина, која го осветлува секој човек, стапуваше на светската сцена.
10Иако Зборот беше во светот и светот беше преку Него создаден, светот не Го позна.
11Кај Своите дојде, но тие не Го прифатија.
12А на сите што Го прифатија - на оние што поверуваа во Него - им даде право да станат Божји чеда.
13Тие се нановородени, но овојпат не физички, не од телесна похота, или пак од волјата на маж, туку се родени од Бог.
14Зборот стана човек и живееше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава - славата што Тој ја прими како Единороден Син од небесниот Татко. Тој беше полн со љубов и искреност.
15Јован посведочуваше за Него и викаше, велејќи: „Ова е Оној за Кого реков: ,По мене доаѓа еден Човек, Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘“
16Од Неговата полнота сите ние примивме благослов врз благослов,
17зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а Исус Христос ни ги донесе љубовта и вистината.
18Никој, никогаш не Го видел Бога; но имаме објава за Него, преку Единородниот Син - Кој е Бог, и Кој произлегува од Таткото.
19Кога еврејските верски водачи од Ерусалим испратија кај Јован Крстител свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ - Јован им кажа отворено,
20тој призна и не порекна, туку им рече: „Јас не сум Месијата!“
21„Тогаш, кој си?“ - го запрашаа тие пак - „Илија ли си?“ „Не сум!“ - им одговори Јован. „Пророкот ли си?“ „Не сум!“ - одговори тој.
22„Кажи ни кој си, зашто мораме да им однесеме одговор на оние што не пратија!“ - му рекоа тогаш тие. „Кажи, како се претставуваш себеси?“
23Јован им одговори цитирајќи го пророкот Исаија: “Јас сум глас што вика во пустината: подгответе го патот за Господ!“
24Некои од испратените беа припадници на фарисеите.
25Тие го запрашаа: „Зошто тогаш крштаваш, ако не си ни Месијата, ни Илија, ниту Пророкот?“
26Јован им одговори: „Јас крштавам во вода, а меѓу вас има Еден, Кого вие не Го познавате.
27Иако јас дојдов пред Него, сепак не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам!“
28Ова се случи во селото Бетанија, од источната страна на реката Јордан, каде што Јован крштаваше.
29Утредента, Јован Го виде Исуса како доаѓа кај него, па рече: „Еве го Божјото Јагне Кое го отстранува гревот на светот!
30Овој е Тој за Кого реков, ,По мене доаѓа еден Човек Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘
31Јас не знаев Кој ќе биде Тој, туку дојдов да крштавам во вода, за Тој да му биде откриен на Израел.“
32Тогаш Јован го даде следното сведоштво: „Јас бев таму и Го видов Светиот Дух Кој слезе како гулаб од небото и остана над Него.
33Јас не ќе Го познаев, но кога Бог ме испрати да крштавам во вода ми рече: ,Врз Кого ќе Го видиш Светиот Дух да се спушта и да остане над Него, Тој е Оној што ќе крштава во Светиот Дух‘.
34Јас видов дека тоа се исполни над Исус и сведочам дека Тој е Божјиот Син.“
35Следниот ден, Јован повторно стоеше со двајца Свои ученици.
36Тој Го здогледа Исуса како поминува и рече: „Еве Го Божјото Јагне!“
37Кога го слушнаа тоа, двајцата Јованови ученици тргнаа по Исус.
38Исус се сврте и ги виде како одат по Него, па им рече: „Што барате?“ Тие му рекоа: „Раби“, (што во превод значи: „Учителе“), „каде живееш?“
39„Дојдете и видете!“ - им рече Тој. Така, тие отидоа и видоа каде живее и тој ден останаа кај Него; а беше околу четири часот попладне.
40Едниот од двајцата што тргнаа по Исус, откако ги слушнаа зборовите на Јован Крстител, беше Андреј, братот на Симон, подоцна наречен Петар.
41Андреј најнапред го најде својот брат Симон и му рече: „Го најдовме Месијата!“, а тоа преведено на грчки значи Христос.
42Потоа Андреј го одведе својот брат кај Исус. Исус го впери Својот поглед во него и му рече: „Симоне, сине Јованов, ти ќе се викаш Кефа“ (Тој арамејски збор на грчки може да се преведе како: Петар).
43Следниот ден Исус реши да замине во Галилеја. Таму го најде Филипа и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“
44Филип беше од Бетцаида, од каде што беа Андреј и Петар.
45Филип го побара Натанаел и му рече: “Го најдовме Оној Кого Мојсеј Го навести во Божјиот Закон и Кого пророците Го претскажаа. Тоа е Исус, синот на Јосиф од Назарет.“
46Натанаел му рече: „Може ли нешто добро да произлезе од Назарет!?“ „Дојди, па види!“ - му одговори Филип.
47Исус забележа дека Натанаел доаѓа кај Него, па рече: “Еве чесен човек - вистински Израелец!“
48„Од каде ме знаеш?“ - го праша Натанаел. “Пред да те повика Филип, Јас те видов кога беше под смоквата“ - му одговори Исус.
49На ова, Натанаел Му рече: „Раби, Ти си Божјиот Син! Ти си Царот на Израел!“
50Исус, пак, му рече: „Дали го веруваш тоа само затоа што ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш и поголеми нешта!“
51Потоа додаде: „Ве уверувам дека ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат над Мене, Синот Човечки!“
S'ha seleccionat:
Јован 1: MNT
Subratllat
Comparteix
Copia
Vols que els teus subratllats es desin a tots els teus dispositius? Registra't o inicia sessió
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.