Лука 24
24
1Во неделата, уште во рани зори, жените дојдоа кај гробницата, носејќи ги мирисливите масла за премачкување на Исусовото тело, што самите ги беа приготвиле.
2Но ја најдоа гробницата отворена и гробната плоча иставена.
3Влегоа во гробницата, но таму го немаше телото на Господ Исус.
4Додека стоеја таму збунети, ненадејно пред нив се појавија двајца мажи во блескави облеки.
5Исплашени, жените се наведнаа кон земјата, кога тие им се обратија, велејќи им: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?
6Тој не е овде! Воскресна! Сетете се што ви велеше уште додека беше во Галилеја:
7,Синот Човечки ќе треба да биде предаден во рацете на грешници, кои ќе Го распнат, но на третиот ден Тој ќе воскресне.‘
8Тогаш жените се сетија дека Исус навистина им го кажа тоа.
9Кога се вратија од гробот, жените им го кажаа сето ова на единаесеттемина Исусови ученици и на сите други.
10Меѓу жените беа и Марија од Магдала и Јоана, и Марија - мајката на Јаков, и други жени кои им го кажаа тоа на апостолите,
11но апостолите ги сметаа нивните зборови за измислени и не им поверуваа.
12Сепак, Петар стана и со трчање се упати кон гробницата. Тој ѕирна внатре и не виде ништо друго освен платното во кое беше замотано телото на Исус. Потоа се врати дома, во голема недоумица за она што се случило.
13Истиот ден двајца од Исусовите ученици одеа кон селото Емаус, кое се наоѓаше на околу единаесет километри од Ерусалим.
14Двајцата разговараа меѓу себе за сето ова што се случуваше.
15Додека разговараа за сe што се случи и размислуваа, до нив се приближи Исус и зачекори заедно со нив,
16но нивните очи не Го препознаа.
17Вклучувајќи се во разговорот, Исус ги праша: „За што разговарате по пат?“ Тие застанаа како скаменети, со тажни изрази на лицата.
18Едниот од нив, кој се викаше Клеопас, му рече: „Ти мора да си единствениот од сите дојдени во Ерусалим кој не знае што се случува деновиве!“
19Тој ги запраша: „За што станува збор?“ Тие Му одговорија: „За она што Му се случи на Исус од Назарет! Тој беше пророк и се докажа како силен на зборови и на дела, како пред Бога така и пред луѓето.
20Но нашите свештенички поглавари и управниците Го уапсија и Го предадоа за да биде осуден на смрт и потоа Го распнаа.
21А ние се надевавме дека Тој е Месијата што ќе го ослободи Израел! Еве, веќе е трет ден откако тоа се случи.
22Некои жени од нашата група нe збунија; тие биле на гробот,
23но таму Го немало Неговото тело! Кога се вратија, тие ни кажаа дека им се појавиле ангели кои им рекле дека Исус е жив.
24Некои од нашите другари исто така отидоа кај гробницата и го виделе истото што го кажаа и жените, но Него не Го виделе.“
25Тогаш Исус им рече: „Ах, колку тешко сфаќате и колку ви е тешко да верувате во сето она што го говореа пророците!
26Зар не беше јасно претскажано дека Месијата ќе настрада, пред да влезе во Својата слава?“
27Потоа Исус почна да им објаснува сe што е претскажано за Него, со цитати од Светото Писмо, почнувајќи од Мојсеевите книги, па сe до книгите на пророците.
28Кога се приближија до селото Емаус, кон кое беа тргнале, Исус се направи како да сака да си продолжи по патот,
29но тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто денот е веќе при крај и почнува да се стемнува.“ Така Тој влезе и остана со нив.
30Седејќи со нив на трпезата, Тој зеде леб, Му се заблагодари на Бог, па го раскрши и им го раздели.
31Тогаш очите им се отворија и тие Го познаа! Но во истиот миг Тој исчезна - стана невидлив за нивните очи!
32Тие си проговорија еден на друг: „Зар не ни се разгореа срцата уште по патот, кога Тој ни говореше и ни го објаснуваше Светото Писмо!?“
33Тогаш тие веднаш станаа и се вратија во Ерусалим, каде што ги најдоа единаесеттемина ученици, собрани со своите пријатели,
34па им рекоа: „Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон Петар!“
35Потоа почнаа да им раскажуваат за сето она што им се случи ним, на двајцата, на патот кон Емаус, и како Го препознаа кога Тој го раскрши лебот.
36Додека овие двајца им го раскажуваа тоа, меѓу нив се појави Исус, застана и ги поздрави, посакувајќи им мир.
37Присутните беа збунети и исплашени, па мислеа дека гледаат дух.
38Но Исус им рече: „Што сте се стаписале? Зошто ви се јавуваат сомнежи во мислите?
39Видете Ми ги рацете и нозете, па уверете се дека тоа Сум Јас. Допрете Ме и ќе се уверите, зашто духот нема ни месо ни коски, а гледате дека Јас имам!“
40Кога го рече ова, Тој им ги покажа рацете и нозете.
41Од радост и од возбуда, тие не можеа да им веруваат на сопствените очи! Затоа, Исус им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“
42Тие Му подадоа парче печена риба,
43и Тој ја изеде пред нивните очи.
44Потоа Исус им рече: „За ова ви зборував уште додека бев со вас, имено, сe што е претскажано за Мене во книгите на Мојсеевиот Закон, на пророците и во Псалмите, требаше да се исполни.“
45Тогаш им ги просветли умовите за да им стане јасно Светото Писмо,
46и им рече: „Запишано е дека Месијата треба да настрада и да воскресне на третиот ден,
47дека во Неговото име ќе се проповеда пораката за покајание и простување на гревовите меѓу сите народи, почнувајќи од Ерусалим.
48Вие сте сведоци за тоа.
49Јас ќе ви го испратам Светиот Дух, Кој ви го вети Мојот небесен Татко, а вие останете во градот, сe додека Светиот Дух не слезе врз вас со сила од небото.“
50Потоа Исус ги поведе надвор од градот, во близина на Бетанија, каде што ги подигна Своите раце и почна да ги благословува.
51Додека ги благословуваше, се подигаше над нив и се вознесе на небото.
52Тие Му се поклонија и многу радосни се вратија во Ерусалим,
53каде што целото време го минуваа во храмот, славејќи Го Бога.
S'ha seleccionat:
Лука 24: MNT
Subratllat
Comparteix
Copia
Vols que els teus subratllats es desin a tots els teus dispositius? Registra't o inicia sessió
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.