БИТИЕ 8

8
Повлекување на водите
1Тогаш Господ си спомна за Ное, за сите ѕверови и за сиот добиток што беше со него во бродот, па го раздвижи ветерот над земјата, за да ја отстрани водата. 2Изворите на бездната и небесните брани се затворија, и дождот од небото запре. 3Водите се повлекуваа бавно од земјата. По сто и педесет денови водите стивнаа, 4а во седмиот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, бродот застана на горите на Арарат. 5Водите намалуваа непрекратно до десеттиот месец, а на првиот ден на десеттиот месец се покажаа планинските врвови. 6Кога поминаа четириесет денови, Ное го отвори прозорецот, што го имаше направено на бродот; 7и пушти гавран, што постојано одлетуваше и долетуваше, додека водите не се исушија од земјата. 8Потоа пушти гулаб, за да види дали ја снема водата од земјата. 9Но гулабот не најде место за своите нозе и се врати при него, во бродот, зашто водата ја покриваше целата земна површина; тој ја испружи раката, го фати гулабот и го внесе кај себе, во бродот. 10И почека уште седум дена, пак го испрати гулабот од бродот. 11Навечер гулабот се врати при него, и ете, во клунот имаше свеж маслинен лист; така Ное научи дека водите спаднаа на земјата. 12Потоа почека уште седум дена и пак го пушти гулабот: и тој веќе не се врати при него.
Излегување од бродот
13Во шест стотини и првата година на Ноевиот живот, во првиот месец, на првиот ден на месецот, водата пресуши на земјата. Ное го дигна покривот на бродот и погледна, и ете, површината на земјата беше окопнета. 14А во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, земјата беше сува. 15Тогаш Бог му рече на Ное: 16„Излезете од бродот: ти, твојата жена, твоите синови и твоите снаи со тебе. 17Изведи ги, со себе, сите живи суштества, сите созданија што се со тебе: птиците, добитокот и сите лазачи, што ползат по земјата; нека се разотидат по земјата, нека се плодат и нека се множат на земјата.“ 18И Ное излезе, а со него и: неговите синови, неговата жена и неговите снаи. 19И сите животни, сите лазачи, сите птици - сите созданија што се движат по земјата - излегоа од бродот, вид по вид.
Градење на жртвеник Бог нема да ја проколнува земјата
20И Ное Му изгради жртвеник на Господа; зеде од секое чисто животно и од секоја чиста птица и принесе на жртвеникот жртви паленици. 21Господ го помириса пријатниот мирис и рече во Своето срце: „Никогаш повеќе нема да ја проколнувам земјата заради човекот; зашто човековите мисли се лоши од неговиот почеток; ниту некогаш ќе ги уништам сите живи суштества, како што направив. 22Сѐ додека постои земјата, никогаш нема да прекратат: сеидба и жетва, студот и горештината, летото и зимата, денот и ноќта.“

انتخاب شده:

БИТИЕ 8: MKB

های‌لایت

به اشتراک گذاشتن

کپی

None

می خواهید نکات برجسته خود را در همه دستگاه های خود ذخیره کنید؟ برای ورودثبت نام کنید یا اگر ثبت نام کرده اید وارد شوید