А за она што ми пишавте – добро е човек да не се допира до жена. Но, за да се избегне блудството, секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж. Мажот да ја извршува својата должност спрема жената, а исто така и жената – спрема мажот. Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената. Не лишувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да ѝ се посветите на молитвата и пак да бидете заедно за да не ве напаствува сатаната, поради вашето невоздржување. Ова, пак, ви го велам како допуштање, а не како заповед. Зашто сакам, сите луѓе да бидат како мене; но секој си има своја дарба од Бога – еден на ваков начин, друг на поинаков. А на неженетите и на вдовиците им велам: добро ќе им биде ако останат како мене. Но, ако не можат да се воздржат, нека се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да горат од страст. А на женетите и мажените им заповедам – не јас, туку Господ – жената да не се разделува од мажот, – ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, – а и мажот да не ја остава жената своја. А на другите им зборувам јас, а не Господ: ако некој од браќата има жена, безверничка, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава; и ако некоја жена има маж, безверник, а тој е согласен да живее со неа, таа да не го остава. Зашто маж безверник се осветува преку жената која верува, и жена безверничка се осветува преку мажот, кој верува; инаку децата ваши би биле нечисти, а сега се свети. Ако некој безверник сака да се разведе, нека се разведе; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто за мир нѐ повикал Бог. Зашто, од каде знаеш, жено, дека ти не ќе го спасиш мажот? Или од каде знаеш, о мажу, дека ти не ќе ја спасиш жена ти?
Само секој нека постапува така како што му определил Бог, како го повикал Господ. Така заповедам по сите цркви. Обрезан ли е повикан некој, нека не крие; необрезан ли е повикан некој, нека не се обрезува. Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, а чувањето на Божјите заповеди е сѐ. Секој да си остане во звањето во кое е повикан. Ако си повикан како роб, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството. Зашто кој е повикан во Господ како роб, станува Господов ослободеник; исто така и кој е повикан како ослободеник станува роб Христов. Вие сте скапо платени! Не станувајте робови на луѓе! Секој што е повикан, браќа, во него нека остане и пред Бога.
А што се однесува до девиците, за нив немам заповед од Господ, но давам совет како човек, кој е помилуван од Господ да биде верен. Поради сегашната потреба го наоѓам за добро ова: добро е за човекот да остане таков. Сврзан ли си со жена, не барај развод; разврзан ли си од жена, не барај жена. Но, ако се ожениш, нема да згрешиш; и девицата, ако се омажи, нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволји, а јас, пак, повеќе би сакал да ве поштедам. Ова ви го велам, браќа, зашто времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат; и кои плачат – како да не плачат; и кои се радуваат – како да не се радуваат; и кои купуваат – како да немаат ништо, и кои се ползуваат од овој свет – како да не се ползуваат; зашто ликот на овој свет е минлив. Јас, пак, сакам вие да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господ; а женетиот се грижи за световни работи – како да ѝ угоди на жената. Тука е разликата меѓу жената и девојката. Немажената жена се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господ, за да биде света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи – како да му угоди на мажот свој. Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам стапица, туку примерно и непречено да бидете приврзани на Господ. Ако некој мисли дека е срамно девицата негова да му остане таква во напредната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат. А кој е тврд во срцето свое и нема потреба, а има власт над својата волја, па реши во срцето свое да ја зачува својата девица, тој добро прави. Така оној, кој ќе ја омажи својата девица, добро прави; а оној, што нема да ја омажи, подобро прави. Жената е врзана додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господ. Само, поблажена е ако си остане така, според моето мислење; а мислам дека и јас имам Дух Божји.