1 Коринтјаните 7:1-40
1 Коринтјаните 7:1-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А сега да ви одговорам на прашањата што ми ги поставивте во вашето писмо. Прво: Да, добро е човек да не се жени. Но, поради опасност од блудства, секој маж треба да има своја жена и секоја жена свој маж. Мажот нека ги исполнува брачните должности спрема својата сопруга, а исто така и жената спрема својот сопруг. Телото на жената не е само нејзино, туку му припаѓа и на нејзиниот сопруг. Исто така и телото на мажот не е само негово, туку и на неговата сопруга. Затоа, не лишувајте се еден од друг, освен, по исклучок, ако така заедно се договорите, и тоа нека биде само за извесно време и со цел да се посветите на молитва. Потоа вратете се на нормалниот интимен живот, за да не ве наведе на искушение Сатаната, користејќи ја вашата невоздржливост. Ова ви го кажувам како нешто што е дозволено, а не како заповед. Би сакал секој човек да биде самостоен, како што сум јас. Но не сме сите исти. Бог некого дарувал да живее во брак, а друг да живее како самец. На неженетите и на оние чиј брачен другар починал, им препорачувам: да останат самостојни, како што сум и јас. Но, ако не можат да издржат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се во брак, отколку страста постојано да гори во нив. На оние што се во брак им заповедам да не се разведуваат. Тоа не е заповед од мене, туку од Господ. Жената нека не се разведува од својот сопруг. Ако сепак се разведе, да не стапува во нов брак, или нека му се врати на својот маж. Истото важи и за мажите: да не се разведуваат од своите сопруги. На другите можам да им дадам мој совет. Тоа не е заповед од Господ, туку мој личен совет. Ако некој христијанин има сопруга што не е христијанка и таа сака да живее со него, нека не ја остава. Така, и ако христијанка има сопруг што не е христијанин и тој сака да живее со неа, нека не го остава, бидејќи жената христијанка му носи светост на својот брак, па со тоа и на мажот, иако тој не е христијанин. Така е и кога мажот е христијанин, а неговата сопруга не е; тој му носи светост на својот брак, а со тоа и на својата сопруга. Кога не би било така, вашите деца би биле нечисти, а сега тие се свети. Ако брачниот другар што не е христијанин сака да се разведе, нека си оди. Во таков случај, не сте должни да живеете во постојани расправии, зашто Бог сака Неговите деца да живеат во мир. Впрочем, можете ли да бидете сигурни дека ќе успеете да го убедите вашиот брачен другар да стане христијанин и да се спаси? Секој нека остане во ситуацијата во која Господ го избрал, кога Бог го повикал да поверува. Ова правило го кажувам по сите цркви. На пример, ако некој, пред да биде повикан да поверува, веќе бил обрежан, нека не го крие тоа. Ако не бил обрежан, нека не се обрежува. Дали човек е обрежан или не, воопшто не е важно. Важно е да живееме според Божјите заповеди. Секој нека остане во онаа состојба во која бил кога Бог го повикал. Ако си бил роб кога Бог те повикал да поверуваш во Христос, и се уште си роб - не вознемирувај се! Но ако ти се укаже можност да станеш слободен, искористи ја. А за Господ, оној што бил повикан како роб, е слободен, а оној што бил повикан како слободен човек, сега е роб на Христос. Скапо сте платени и сега и едните и другите сте „Христови робови“, и немојте на никој друг да му слугувате! Значи, драги пријатели, секој нека остане во ситуацијата во која ве затекнал Божјиот позив. За девојките немам посебна заповед од Господ, но можам да ви го кажам моето мислење и сметам дека можете да ми верувате како на човек спрема кого Господ покажал милостива благонаклоност. Сметам дека, поради тешкотиите низ кои сега минуваме, добро е човек да остане во состојбата во која е затекнат. Ако си во брак, не барај развод, а ако не си, не настојувај да стапиш во брак. Ако сепак стапиш во брак, тоа не е грев. Ако една девојка стапи во брак, тоа не е грев. Но, ќе помине низ многу овоземни неволи од кои се обидувам да ве поштедам. Она што сакам да ви го кажам, драги мои, е дека времето што ни преостанува е кратко: Господ брзо ќе дојде, па малку е важно дали сте во брак или не. Наскоро ќе биде неважно дали сте живееле во тага или во радост, дали сте имале имот или не, дали сте добиле нешто од овој свет или не, бидејќи овој свет, во сегашниот облик, ќе го нема. Би сакал да бидете ослободени од овоземните грижи. Неоженет човек може да му се посвети на Господовото дело, трудејќи се да Му угоди на Господ, а оној што е оженет се грижи и за овоземни работи, бидејќи сака да и угоди и на својата сопруга. Неговото внимание е поделено. На ист начин, и немажена жена или девојка можат да му се посветат на Господовото дело, па така ќе бидат свети и телесно и духовно. Мажената жена, пак, се грижи и за овоземни работи, за да може да му угоди на својот сопруг. Ова ви го пишувам за ваше добро, а не за да ве ограничувам. Само сакам да Му бидете приврзани на Господ со неподелено внимание. Ако некој има девојка во зрели години и смета дека не е убаво да ја остави немажена, нека постапи според своето убедување. Бракот не е грев! Но ако некој цврсто решил да не се жени, односно, не чувствува таква потреба и може да ги контролира сопствените страсти, тогаш нека не се жени, туку нека остане девственик. И во тој случај добро ќе направи. Значи, сосема е во ред ако некој реши да заснова брак, но уште подобро е ако човек може да остане самец. Секоја сопруга има обврска да остане со својот сопруг се додека е тој жив. Ако тој почине, таа е слободна да се омажи за кого што сака, но треба да ги следи правилата на Господ. Сепак, верувам дека таа ќе биде посреќна ако не се премажува и, кога го велам ова, сметам дека Божјиот Дух ви дава совет преку мене.
1 Коринтјаните 7:1-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А за она што ми пишавте – добро е човек да не се допира до жена. Но, за да се избегне блудството, секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж. Мажот да ја извршува својата должност спрема жената, а исто така и жената – спрема мажот. Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената. Не лишувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да ѝ се посветите на молитвата и пак да бидете заедно за да не ве напаствува сатаната, поради вашето невоздржување. Ова, пак, ви го велам како допуштање, а не како заповед. Зашто сакам, сите луѓе да бидат како мене; но секој си има своја дарба од Бога – еден на ваков начин, друг на поинаков. А на неженетите и на вдовиците им велам: добро ќе им биде ако останат како мене. Но, ако не можат да се воздржат, нека се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да горат од страст. А на женетите и мажените им заповедам – не јас, туку Господ – жената да не се разделува од мажот, – ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, – а и мажот да не ја остава жената своја. А на другите им зборувам јас, а не Господ: ако некој од браќата има жена, безверничка, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава; и ако некоја жена има маж, безверник, а тој е согласен да живее со неа, таа да не го остава. Зашто маж безверник се осветува преку жената која верува, и жена безверничка се осветува преку мажот, кој верува; инаку децата ваши би биле нечисти, а сега се свети. Ако некој безверник сака да се разведе, нека се разведе; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто за мир нѐ повикал Бог. Зашто, од каде знаеш, жено, дека ти не ќе го спасиш мажот? Или од каде знаеш, о мажу, дека ти не ќе ја спасиш жена ти? Само секој нека постапува така како што му определил Бог, како го повикал Господ. Така заповедам по сите цркви. Обрезан ли е повикан некој, нека не крие; необрезан ли е повикан некој, нека не се обрезува. Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, а чувањето на Божјите заповеди е сѐ. Секој да си остане во звањето во кое е повикан. Ако си повикан како роб, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството. Зашто кој е повикан во Господ како роб, станува Господов ослободеник; исто така и кој е повикан како ослободеник станува роб Христов. Вие сте скапо платени! Не станувајте робови на луѓе! Секој што е повикан, браќа, во него нека остане и пред Бога. А што се однесува до девиците, за нив немам заповед од Господ, но давам совет како човек, кој е помилуван од Господ да биде верен. Поради сегашната потреба го наоѓам за добро ова: добро е за човекот да остане таков. Сврзан ли си со жена, не барај развод; разврзан ли си од жена, не барај жена. Но, ако се ожениш, нема да згрешиш; и девицата, ако се омажи, нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволји, а јас, пак, повеќе би сакал да ве поштедам. Ова ви го велам, браќа, зашто времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат; и кои плачат – како да не плачат; и кои се радуваат – како да не се радуваат; и кои купуваат – како да немаат ништо, и кои се ползуваат од овој свет – како да не се ползуваат; зашто ликот на овој свет е минлив. Јас, пак, сакам вие да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господ; а женетиот се грижи за световни работи – како да ѝ угоди на жената. Тука е разликата меѓу жената и девојката. Немажената жена се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господ, за да биде света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи – како да му угоди на мажот свој. Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам стапица, туку примерно и непречено да бидете приврзани на Господ. Ако некој мисли дека е срамно девицата негова да му остане таква во напредната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат. А кој е тврд во срцето свое и нема потреба, а има власт над својата волја, па реши во срцето свое да ја зачува својата девица, тој добро прави. Така оној, кој ќе ја омажи својата девица, добро прави; а оној, што нема да ја омажи, подобро прави. Жената е врзана додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господ. Само, поблажена е ако си остане така, според моето мислење; а мислам дека и јас имам Дух Божји.
1 Коринтјаните 7:1-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Што се однесува за она за што ми пишавте: добро е за човекот да не се допира до жена, но заради блудствата секој нека има своја жена и секоја жена свој маж. Мажот нека ја исполнува својата должност спрема жената; а исто така и жената спрема мажот! Жената нема власт над своето тело, туку мажот; исто така и мажот нема власт над своето тело, туку жената. Не лишувајте се еден од друг, освен по договор, за некое време, за да ѝ се предадете на молитвата; потоа состанувајте се пак, за да не ве искушува сатаната, заради вашата невоздржаност. Ова ви го велам како дозвола, а не како заповед. Јас би сакал сите луѓе да бидат исто како и јас; но секој има од Бога свој дар, еден ваков друг онаков. На неженетите и на вдовиците им велам дека е добро за нив, да останат исто како и јас. Но, ако не можат да се воздржуваат, нека се женат и мажат, зашто е подобро да влегуваат во брак отколку да се распалуваат. А на сопружниците не им наредувам јас, туку Господ: жената да не го напушта мажот; ако го напушти нека остане немажена или нека се помири со својот маж; и мажот да не ја остава својата жена. А на другите им велам јас, а не Господ: ако некој брат има жена која не верува, а која се согласува да живее со него, да не ја напушта! А жената која има маж, кој не верува, а кој се согласува да живее со неа, да не го напушта мажот, зашто мажот кој не верува се осветува преку жената, а жената која не верува се осветува преку мажот. Инаку вашите деца би биле нечисти, а сега се свети. Но, ако оној кој не верува напушти - нека напушти! Во таков случај братот или сестрата не се врзани како робови, зашто Бог нѐ повикал да живееме во мир. Зашто, откаде знаеш ти, жено, дали не ќе го спасиш мажот? Или откаде знаеш ти, мажу, дека не ќе ја спасиш жената? Впрочем, секој нека оди онака, како што Господ му доделил, како што Бог го повикал! Така наредувам по сите цркви. Обрезан ли е повикан некој, да не го крие обрезанието; необрезан ли е повикан некој, да не се обрезува! Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, туку извршувањето на Божјите заповеди. Секој нека остане онаков каков е повикан! Ако си повикан како роб? Не грижи се! Туку, ако можеш да станеш и слободен, подобро искористи го тоа, зашто оној, кој е повикан како роб во Господа, слободен е во Господа; исто така и оној, кој е повикан како слободен, роб е на Христа. Скапо сте купени! Не бидете им робови на луѓето! Браќа, секој нека остане пред Бога во она во што е повикан. За девиците немам заповед од Господа, но го кажувам своето мнение како оној, кој, добивајќи ја Господовата благодат, е достоен за доверба. Според тоа, сметам дека ова е добро заради сегашната потреба; дека е добро за човекот да остане таков, како што си е. Сврзан ли си со жена? Не барај развод! Разврзан ли си од жена? Не барај жена! Но, иако се ожениш, не грешиш; а ни девицата не греши ако се омажи. Но, таквите ќе имаат телесни неволји, а јас пак се обидувам да ве поштедам. Браќа, ви го велам ова: времето е кратко. Затоа, и оние кои имаат жени, да бидат како да ги немаат; и кои плачат, како да не плачат; и кои се радуваат, како да не се радуваат; и кои купуваат, како да немаат; и кои го ползуваат овој свет, како да не го ползуваат, зашто поминува обликот на светов. Би сакал да бидете без грижи. Оној кој не е во брак се грижи за она што е Господово; како да Му угоди на Господа. А женетиот се грижи за земното: како да ѝ угоди на жената, та вниманието му е поделено. И немажената жена, девицата, се грижи за Господовото, за да биде света во телото и во духот; а мажената се грижи за светското: како да му угоди на мажот. Ова го зборувам за ваша сопствена полза. Не за да ви поставам јамка, туку за да бидете чесни и за да Му служите без пречки истрајно на Господа. Мисли ли некој дека постапува неприлично со својата девственост, ако навлегол во години, и дека така треба да биде, нека прави како што сака: не греши, нека се женат! А оној, кој стои цврсто во своето срце и нема потреба, туку владее со својата волја, па решил во своето срце да ја запази својата девственост, добро прави; така, оној кој се жени, добро прави; а оној којшто не се жени, прави подобро. Жената е сврзана додека мажот ѝ е жив. Ако ѝ умре мажот, слободна е да се премажи за кого сака, само во Господа! Но, според моето мислење, ќе биде посреќна, ако остане така; а мислам дека и јас имам Божји Дух.