Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 7

7
1А сега да ви одговорам на прашањата што ми ги поставивте во вашето писмо. Прво: Да, добро е човек да не се жени.
2Но, поради опасност од блудства, секој маж треба да има своја жена и секоја жена свој маж.
3Мажот нека ги исполнува брачните должности спрема својата сопруга, а исто така и жената спрема својот сопруг.
4Телото на жената не е само нејзино, туку му припаѓа и на нејзиниот сопруг. Исто така и телото на мажот не е само негово, туку и на неговата сопруга.
5Затоа, не лишувајте се еден од друг, освен, по исклучок, ако така заедно се договорите, и тоа нека биде само за извесно време и со цел да се посветите на молитва. Потоа вратете се на нормалниот интимен живот, за да не ве наведе на искушение Сатаната, користејќи ја вашата невоздржливост.
6Ова ви го кажувам како нешто што е дозволено, а не како заповед.
7Би сакал секој човек да биде самостоен, како што сум јас. Но не сме сите исти. Бог некого дарувал да живее во брак, а друг да живее како самец.
8На неженетите и на оние чиј брачен другар починал, им препорачувам: да останат самостојни, како што сум и јас.
9Но, ако не можат да издржат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се во брак, отколку страста постојано да гори во нив.
10На оние што се во брак им заповедам да не се разведуваат. Тоа не е заповед од мене, туку од Господ. Жената нека не се разведува од својот сопруг.
11Ако сепак се разведе, да не стапува во нов брак, или нека му се врати на својот маж. Истото важи и за мажите: да не се разведуваат од своите сопруги.
12На другите можам да им дадам мој совет. Тоа не е заповед од Господ, туку мој личен совет. Ако некој христијанин има сопруга што не е христијанка и таа сака да живее со него, нека не ја остава.
13Така, и ако христијанка има сопруг што не е христијанин и тој сака да живее со неа, нека не го остава,
14бидејќи жената христијанка му носи светост на својот брак, па со тоа и на мажот, иако тој не е христијанин. Така е и кога мажот е христијанин, а неговата сопруга не е; тој му носи светост на својот брак, а со тоа и на својата сопруга. Кога не би било така, вашите деца би биле нечисти, а сега тие се свети.
15Ако брачниот другар што не е христијанин сака да се разведе, нека си оди. Во таков случај, не сте должни да живеете во постојани расправии, зашто Бог сака Неговите деца да живеат во мир.
16Впрочем, можете ли да бидете сигурни дека ќе успеете да го убедите вашиот брачен другар да стане христијанин и да се спаси?
17Секој нека остане во ситуацијата во која Господ го избрал, кога Бог го повикал да поверува. Ова правило го кажувам по сите цркви.
18На пример, ако некој, пред да биде повикан да поверува, веќе бил обрежан, нека не го крие тоа. Ако не бил обрежан, нека не се обрежува.
19Дали човек е обрежан или не, воопшто не е важно. Важно е да живееме според Божјите заповеди.
20Секој нека остане во онаа состојба во која бил кога Бог го повикал.
21Ако си бил роб кога Бог те повикал да поверуваш во Христос, и се уште си роб - не вознемирувај се! Но ако ти се укаже можност да станеш слободен, искористи ја.
22А за Господ, оној што бил повикан како роб, е слободен, а оној што бил повикан како слободен човек, сега е роб на Христос.
23Скапо сте платени и сега и едните и другите сте „Христови робови“, и немојте на никој друг да му слугувате!
24Значи, драги пријатели, секој нека остане во ситуацијата во која ве затекнал Божјиот позив.
25За девојките немам посебна заповед од Господ, но можам да ви го кажам моето мислење и сметам дека можете да ми верувате како на човек спрема кого Господ покажал милостива благонаклоност.
26Сметам дека, поради тешкотиите низ кои сега минуваме, добро е човек да остане во состојбата во која е затекнат.
27Ако си во брак, не барај развод, а ако не си, не настојувај да стапиш во брак.
28Ако сепак стапиш во брак, тоа не е грев. Ако една девојка стапи во брак, тоа не е грев. Но, ќе помине низ многу овоземни неволи од кои се обидувам да ве поштедам.
29Она што сакам да ви го кажам, драги мои, е дека времето што ни преостанува е кратко: Господ брзо ќе дојде, па малку е важно дали сте во брак или не.
30Наскоро ќе биде неважно дали сте живееле во тага или во радост, дали сте имале имот или не,
31дали сте добиле нешто од овој свет или не, бидејќи овој свет, во сегашниот облик, ќе го нема.
32Би сакал да бидете ослободени од овоземните грижи. Неоженет човек може да му се посвети на Господовото дело, трудејќи се да Му угоди на Господ,
33а оној што е оженет се грижи и за овоземни работи, бидејќи сака да и угоди и на својата сопруга.
34Неговото внимание е поделено. На ист начин, и немажена жена или девојка можат да му се посветат на Господовото дело, па така ќе бидат свети и телесно и духовно. Мажената жена, пак, се грижи и за овоземни работи, за да може да му угоди на својот сопруг.
35Ова ви го пишувам за ваше добро, а не за да ве ограничувам. Само сакам да Му бидете приврзани на Господ со неподелено внимание.
36Ако некој има девојка во зрели години и смета дека не е убаво да ја остави немажена, нека постапи според своето убедување. Бракот не е грев!
37Но ако некој цврсто решил да не се жени, односно, не чувствува таква потреба и може да ги контролира сопствените страсти, тогаш нека не се жени, туку нека остане девственик. И во тој случај добро ќе направи.
38Значи, сосема е во ред ако некој реши да заснова брак, но уште подобро е ако човек може да остане самец.
39Секоја сопруга има обврска да остане со својот сопруг се додека е тој жив. Ако тој почине, таа е слободна да се омажи за кого што сака, но треба да ги следи правилата на Господ.
40Сепак, верувам дека таа ќе биде посреќна ако не се премажува и, кога го велам ова, сметам дека Божјиот Дух ви дава совет преку мене.

Селектирано:

1 Коринтјаните 7: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се