1 Коринтјаните 6
6
1Кога меѓу двајца христијани има некој спор, им прилега ли случајот да го изнесуваат пред световен суд, наместо да побараат помош од други христијани?
2Зар не знаете дека еден ден, ние, христијаните, ќе му судиме на овој свет? Ако вие треба да му судите на целиот свет, зарем не сте способни да разрешите дури и најситен меѓусебен спор?
3Зар не знаете дека ние, христијаните, ќе им судиме дури и на ангелите? Тогаш, колку полесно треба да ги разрешуваме овоземните несогласувања!
4Кога спорите за најобични, секојдневни работи, зошто одите да се судите пред луѓе кои црквата воопшто не ги цени!?
5Треба да се засрамите што сум принуден да ви го кажувам ова! Нема ли меѓу вас христијаните барем еден мудар човек кој би можел да пресудува во вашите меѓусебни спорови?
6Туку дозволувате еден христијанин да се суди со друг христијанин, и тоа пред суд на неверници!
7Самото тоа што вие воопшто се тужите еден со друг, несомнено претставува пораз за вас. Зошто не истрпите, макар и да сте онеправдани? Зошто не ја прежалите штетата што евентуално ви е нанесена?
8Наместо тоа, вие самите правите неправди и им нанесувате штета на своите сохристијани!
9Зар не знаете дека неправедниците нема да бидат меѓу наследниците на Божјото царство? Немојте да се залажувате! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни полово изопачените, ни хомосексуалците,
10ни крадците, ни алчните, ни пијаниците, ни клеветниците, ни измамниците нема да бидат меѓу наследниците на Божјото царство!
11И некои од вас бевте такви, но сега сте исчистени, станавте свети и оправдани пред Бог преку делото на Господ Исус Христос и Духот на нашиот Бог.
12Некои од вас велат: „Имам слобода да правам што сакам!“ Да, но не е се полезно! Иако имам слобода да правам што сакам, нема да дозволам да робувам на нешто.
13Велите: „Храната е наменета за стомакот, а стомакот за храната!“ Да, но еден ден Бог ќе ги уништи и стомакот и храната. Телото не постои со него да правиме блуд. Нашите тела Му припаѓаат на Господ, зашто Господ ги создал.
14Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ.
15Зар не сфаќате дека вашите тела се органи на Христовото тело? Треба ли сега јас да земам нешто што е Христово и да го соединам со проститутка? Никако!
16Или не ви е јасно дека оној што се соединува со проститутка станува едно со неа? Светото Писмо вели: „Двајцата ќе станат едно тело.“
17На сличен начин, Кој се соединува со Господ, станува еден дух со Него.
18Бегајте од блудот! Секој друг грев што човек може да го направи е надвор од неговото тело, но со блудот греши против сопственото тело.
19Зар не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој ви е подарен од Бог за да живее во вас? Вие не сте ваша сопственост.
20Откупени сте со скапа откупнина! Затоа, користете ги вашите тела со нужната почит спрема Бог.
Селектирано:
1 Коринтјаните 6: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.