Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните похоти што војуваат против душата. Однесувајте се достојно меѓу незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата.
И така, покорувајте се на секоја човечка власт, поради Господ: било на цар, како на врховна власт, било на управители на Негови пратеници за да ги казнат злосторниците, а за да ги пофалат добротворците! Зашто, таква е волјата Божја, – со добротворство да го замолкнуваме незнаењето на безумните луѓе, како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покривка за вршење зло, туку – како слуги Божји. Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, имајте страхопочит кон Бога, царот почитувајте го!
Слуги, покорувајте им се на господарите свои, не само на добрите и кротките, туку и на лошите! Зашто, тоа ви оди во прилог, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо. Зашто, каква е пофалбата, ако трпите кога ве тепаат поради престапи? Но, ако трпите кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога. Бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки: Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама; кога на Него хулеа, Тој не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не се закануваше, туку се потпираше на Оној Кој праведно суди. Тој сам ги носеше нашите гревови на крстот во телото Свое, та ослободени од гревовите да живееме за правдата: „Преку Неговата рана се исцеливте.“ Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обративте кон Пастирот и Чуварот на вашите души.