Утредента станаа рано и тргнаа кон Текојската пустина, и кога тргнаа, застана Јосафат и рече: „Чујте ме, Јудејци и жители ерусалимски! Верувајте Му на Господ, вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови и ќе имате успех.“ Потоа се посоветува со народот и постави пејачи пред Господ, кои со свечени облеки, одејќи пред војската, ќе ја слават светоста Негова и ќе велат: „Фалете Го Господа, зашто милоста Негова е засекогаш!“ И кога почнаа да воскликнуваат и да Му пеат славопои, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и жителите на гората Сеир, што ја беа нападнале Јудеја, и тие беа разбиени: зашто Амонците и Моавците се кренаа против жителите на гората Сеир, и ги биеја и ги истребуваа, а кога завршија со жителите на Сеир, почнаа да се истребуваат едни со други. И кога Јудејците дојдоа на ридот кај пустината и го видоа она множество, а таму – трупови, испружени по земјата, и никој не се беше спасил. Дојде Јосафат и народот негов да собираат плен и најдоа кај нив прилично многу и богатство, и облека и скапоцени работи, и собраа толку што не можеа да носат. Три дни собираа плен – толку многу голем беше тој! А на четвртиот ден се собраа во Долината на благословот, бидејќи таму Го благословија Господа. Затоа тоа место се вика Емек Бераха – Долина на благословот и до денес. Тогаш сите Јудејци и ерусалимците, на чело со Јосафат, тргнаа да се вратат во Ерусалим радосно, зашто Господ им даде победа над непријателите нивни. И дојдоа во Ерусалим со харфи, лири и труби пред домот Господов. И страв Божји навлезе кај сите царства земни, кога слушнаа дека Сам Господ војувал против непријателите на Израел. И царството Јосафатово се успокои; Господ му даде мир од сите страни.