2 Царевите 6
6
Чудото со секирата
1Тогаш пророчките синови му кажаа на Елисеј: „Ете, просторот каде живееме кај тебе, е тесен за нас; 2да одиме до Јордан, да земеме оттаму секој по една греда и да си направиме таму живеалиште.“ Тој им рече: „Одете!“ 3А еден од нив рече: „Направи ни милост, дојди и ти со слугите твои.“ Тој одговори: „Ќе дојдам.“ 4И тргна со нив, дојдоа до Јордан и почнаа да сечат дрвја. 5И додека еден соборуваше греда, секирата му падна во водата. Тој извика и рече: „Ах, господаре! А таа беше земена на заем!“ 6Божјиот човек запраша: „Каде падна таа?“ Тој му го покажа местото. Тогаш Елисеј исече парче дрво, па го фрли таму, и секирата исплива. 7Тогаш му рече: „Земи си ја.“ Тој ја пружи раката и ја зеде.
Елисеј заробува дел од непријателската војска
8Кога арамејскиот цар тргна во војна против Израелците, се посоветува со своите офицери, велејќи: „Во тоа и тоа место ќе го поставиме својот логор.“ 9Но, Божјиот човек испрати да му кажат на израелскиот цар: „Внимавај да не минуваш преку она место, зашто таму Арамејците се кријат во заседа.“ 10И израелскиот цар испрати луѓе до тоа место, за кое му зборуваше и го опоменуваше Божјиот човек. Така се заштити оттаму повеќе пати. 11И му се вознемири срцето на арамејскиот цар поради тоа, и тој ги повика своите офицери и им рече: „Кажете ми, кој од нашите одржува врска со израелскиот цар?“ 12И рече еден од слугите негови: „Никој, господаре мој, царе; туку пророкот Елисеј, кој е во Израел, му ги соопштува на израелскиот цар и оние зборови што ти ги говориш во својата спална соба.“ 13Тогаш тој рече: „Одете, дознајте, каде е тој, и јас ќе испратам да го фатат.“ И му соопштија и рекоа: „Ете, тој е во Дотан.“ 14И испрати таму коњи и коли и многу војска. Дојдоа ноќе и го опколија градот. 15Кога изутрината прислужникот на Божјиот човек стана и излезе, војската со коњи и коли беше околу градот. Прислужникот му рече: „Тешко, господаре! Што да правиме?“ 16Тој одговори: „Не плаши се, зашто оние што се со нас, се повеќе од оние што се со нив.“ 17#2,11; 6,18; 4 Мојс 22,31Елисеј се помоли и рече: „Господи, отвори му ги очите да види.“ И Господ му ги отвори очите на прислужникот, и тој ја виде целата гора полна со коњи и огнени коли околу Елисеј. 18Кога Арамејците отидоа кај него, Елисеј Му се помоли на Господ и рече: „Погоди ги со слепило.“ И Господ ги погоди со слепило, според зборот на Елисеј. 19Елисеј тогаш им рече: „Не е тоа патот, не е тоа градот, одете по мене, јас ќе ве одведам кај оној што го барате.“ И ги одведе во Самарија. 20Кога дојдоа во Самарија, Елисеј рече: „Господи, отвори им ги очите да видат.“ И Господ им ги отвори очите, и видоа дека се среде Самарија. 21Израелскиот цар, кога ги виде, го праша Елисеј: „Да ги убијам ли, татко мој?“ 22Но тој одговори: „Не убивај ги. Зарем со сабјата своја и со лакот свој ги зароби, та да ги убиваш? Дај им леб и вода; нека јадат и пијат, и нека си одат кај господарот свој.“ 23Тој им приготви голема гозба, и тие јадеа и пиеја. Потоа ги пушти, и тие си отидоа кај господарот свој. Оттогаш тие арамејски ограбувачки групи не одеа веќе во израелската земја.
Глад во Самарија
24 #
17,5; 1 Цар 20,1 Потоа арамејскиот цар Венадад ја собра целата своја војска, тргна и ја опседна Самарија. 25И настапи голем глад во Самарија, кога ја опседнуваа, така што една магарешка глава се продаваше за осумдесет шекели сребро, и четврт каб гулабова кал – за пет шекели сребро. 26Еднаш израелскиот цар одеше по ѕидот, и една жена му зборуваше со плачење: „Помогни ми, господаре мој, царе.“ 27Тој одговори: „Ако Господ не ти помогне, од каде ќе ти помогнам јас? Од гумното ли, од точилото ли?“ 28Ја праша уште царот: „Што ти е?“ А таа одговори: „Оваа жена ми рече: ‚дај го твојот син да го изедеме денес, а мојот син ќе го изедеме утре.‘ 29И го сваривме мојот син и го изедовме. На другиот ден јас ѝ реков: ‚дај го и ти синот свој, да го изедеме.‘ Но таа го сокри синот свој.“ 30Царот, откако ги слушна зборовите на жената, ја раскина облеката своја; и, одејќи по ѕидот, народот виде дека тој носи на своето голо тело вреќиште. 31И царот рече: „Да ми испрати Бог најтешка казна и уште повеќе нека додаде, ако остане денес главата на Елисеј, Шафатовиот син, на него.“
Елисеј навестува крај на гладот
32А Елисеј седеше во домот свој, и старците седеа кај него. И испрати царот еден од своите слуги. Пред да дојде гласникот кај него, Елисеј им рече на старците: „Гледате ли дека тој, син на убиец, испрати да ми ја земат главата? Гледајте, кога ќе дојде гласникот, затворете ја вратата и притиснете го со вратата. А ете го и топотот на нозете на господарот негов по него!“ 33Додека уште говореше со нив, ете гласникот пристигна кај него, и му рече на Елисеј: „Ете какво зло од Господ! Што да чекаме во иднина од Господ?“
Селектирано:
2 Царевите 6: MK2006
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006