Потоа дојдоа сите војводи и Јоханан, синот на Кареах, и Азарија, синот на Хошаја, и сиот народ, од мало до големо. И му рекоа на пророкот Еремија: „Еве ја молбата наша пред тебе, помоли Му се на твојот Господ Бог за сиот овој остаток, зашто од многумина останавме малку, како што нѐ гледаат твоите очи, па твојот Господ Бог да ни го покаже патот, по кој треба да врвиме, и што треба да правиме.“ И им рече пророкот Еремија: „Ве чув, ќе Му се помолам на вашиот Господ Бог, по молбата ваша, и сѐ, што ќе ви одговори Господ, ќе ви го кажам, ни збор нема да сокријам од вас.“ Тие му рекоа на Еремија: „Господ нека ни биде вистински и верен сведок за тоа дека ние ќе направиме сѐ што твојот Господ ќе заповеда за нас; добро ли, лошо ли ќе биде тоа, ќе го послушаме гласот на нашиот Господ Бог, кај Кого те праќаме, за да ни биде добро, ако бидеме послушни на гласот од Господ, нашиот Бог.“ По десет дни дојде слово Господово до Еремија. Тој го повика кај себе Јоханан, синот на Кареах, сите со него војводи и сиот народ – од мало до големо, па им рече: вака вели Господ, Бог Израелов, до Кого ме испративте да Му ја пренесам вашата молба: „Ако останете во оваа земја, Јас ќе ве зацврстам и нема да ве разорам, ќе ве посадам и нема да ве искоренам, зашто жалам за несреќата, што ви ја направив. Не плашете се од вавилонскиот цар, од кого се плашите, не бојте се од него, вели Господ, бидејќи и Јас сум со вас, за да ве спасувам и да ве избавувам од неговата рака. И ќе покажам милост кон вас, и тој ќе се смили над вас и ќе ве врати во вашата земја.