Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 11

11
Лазаровото воскресение. Старешините свештенички се договараат да Го убијат Исуса.
1Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта.
2А Марија, чиј брат Лазар се разболе, беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса.
3Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: »Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.«
4Штом чу Исус, рече: »Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.«
5А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара.
6А кога чу дека е болен, тогаш остана два дена во местото, каде што се наоѓаше.
7Потоа им рече на учениците: »Да отидеме пак во Јудеја!«
8Учениците Му рекоа: »Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?«
9Исус одговори: »Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на овој свет;
10а кој оди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него.«
11Ова им го кажа, а потоа им рече: »Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.«
12Тогаш учениците Негови рекоа: »Господи, ако заспал, ќе стане.«
13Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон.
14Тогаш рече Исус отворено: »Лазар умре.
15Но се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате – туку, да отидеме при него.«
16Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: »Да отидеме и ние да умреме со него.«
17Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб.
18А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии;
19и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за брата им.
20Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома.
21Тогаш Марта Му рече на Исуса: »Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми.
22Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.«
23Исус ѝ рече: »Твојот брат ќе воскресне.«
24Марта Му рече: »Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.«
25А Исус ѝ рече: »Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.
26И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?«
27Таа Му одговори: »Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов.«
28Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: »Учителот е овде и те вика.«
29Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него;
30оти Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта.
31Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи оти ќе оди на гробот да плаче.
32А Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: »Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.«
33Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути,
34па рече: »Каде сте го положиле?« Му рекоа: »Господи, дојди и види!«
35Исус просолзи.
36Тогаш Јудејците рекоа: »Гледај, колку го милувал.«
37Некои од нив, пак, велеа: »Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?«
38А Исус, пак, се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа.
39И рече Исус: »Кренете го каменот!« Марта, сестрата на умрениот, Му рече: »Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен.«
40Исус ѝ рече: »Не ли ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?«
41Тогаш го дигнаа каменот, каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: »Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша.
42А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.«
43Кога го рече ова, извика со висок глас: »Лазаре, излези надвор!«
44И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете, а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: »Одвиткајте го и оставете го да оди!«
45Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.
46А некои од нив отидоа при фарисеите и им рекоа што направи Исус.
47Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет и рекоа: »Што да правиме? Овој Човек прави многу чудеса.
48Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот.«
49А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: »Вие ништо не знаете,
50ниту помислувате, дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.«
51А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот;
52и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените чеда Божји.
53Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат.
54Заради тоа Исус веќе не одеше јавно меѓу Јудејците, а оттаму отиде во крај, близу една пустина, во градот наречен Ефрем, и таму се задржа со учениците Свои.
55А се наближуваше Пасха јудејска и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасхата, за да се очистат.
56Тогаш Го бараа Исуса и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: »Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?«
57А првосвештениците и фарисеите беа веќе издале заповед, ако некој узнае каде е, да јави, за да Го фатат.

Селектирано:

Јован 11: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се