Јован 9
9
Исцелувањето на роден слеп човек во сабота. Фарисеите го испитуваат исцелениот.
1Кога одеше, виде еден слеп човек од неговото раѓање.
2Учениците Негови Го прашаа и рекоа: »Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?«
3Исус им одговори: »Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него.
4Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи.
5Дури сум во светот, Јас сум Светлина на светот.«
6Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот,
7и му рече: »Отиди и измиј се во бањата Силоам, што значи: ‚пратен‘!« Тој отиде, се изми и дојде прогледал.
8А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: »Зар не е овој што седеше и просеше?«
9Едни велеа: »Тој е«, а други: »Личи на него.« Тој, пак, зборуваше: »Јас сум.«
10Тогаш го прашаа: »Како ти се отворија очите?«
11Тој одговори и рече: »Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ‚Отиди во бањата Силоам и изми се!‘ Отидов, се измив и прогледав.«
12Му рекоа пак: »Каде е Он?« Тој рече: »Не знам.«
13Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп.
14А беше сабота, кога направи Исус кал и му ги отвори очите.
15Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: »Како прогледа?« Тој им одговори: »Ми кладе кал на очите и се измив, и гледам.«
16Тогаш некои од фарисеите рекоа: »Не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата.« Други рекоа: »Како може грешен човек да прави такви чудеса?« И настана расправија помеѓу нив.
17Пак му рекоа на слепиот: »Ти што велиш за Него? Кој ти ги отвори очите?« А тој рече: »Пророк е.«
18Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал, додека не ги повикаа родителите на прогледаниот,
19и ги прашаа: »Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?«
20Родителите негови одговорија и им рекоа: »Знаеме дека е овој наш син, и дека се роди слеп;
21но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!«
22Ова го рекоа неговите родители, оти се боеја од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој, што ќе Го признае за Христа.
23Затоа и родителите негови рекоа: »Тој е возрасен, него прашајте го!«
24Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: »Прослави Го Бога; ние знаеме дека Оној Човек е грешен.«
25А тој одговори и рече: »Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.«
26Пак му рекоа: »Што ти направи? Како ти ги отвори очите?«
27Тој им одговори: »Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?«
28А тие го укорија и му рекоа: »Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици.
29Ние знаеме дека со Мојсеја говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.«
30Одговори човекот и им рече: »Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите.
31Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша.
32Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден.
33И ако Он не беше од Бога, не можеше да направи ништо.«
34Одговорија и му рекоа: »Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?« И го испадија надвор.
35Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: »Веруваш ли ти во Синот Божји?«
36Тој одговори и рече: »А кој е, Господи, па да поверувам во Него?«
37Исус му рече: »И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е.«
38А тој рече: »Верувам, Господи!« И Му се поклони.
39И рече Исус: »За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи.«
40Го чуја тоа некои од фарисеите, што беа со Него, и Му рекоа: »Зар сме и ние слепи?«
41Исус им рече: »Да бевте слепи грев немаше да имате; а сега велите оти гледате, затоа и гревот ви останува.«
Селектирано:
Јован 9: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016