Лука 13
13
Беседата на Исуса за пропаста на Галилејците и за покајанието. Исцелението на една осумнаесетгодишна болест во сабота. Параболи и беседи за царството Божјо. Иродовите замки. Плачењето над Ерусалим.
1Во тоа време дојдоа некои и Му кажаа за Галилејците, чија крв Пилат ја смешал со нивните жртви.
2Исус им одговори и рече: »Мислите ли дека тие Галилејци беа најгрешни од сите Галилејци, та така пострадаа?
3Не, ви велам: ако не се покаете, сите така ќе изгинете.
4Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа најгрешни од сите жители на Ерусалим?
5Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.«
6И ја кажа оваа парабола: »Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, и не најде.
7Тогаш му рече на лозарот: ‚Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата?‘
8А тој му одговори и рече: ‚Господаре, остави ја и оваа година, дури да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре;
9па, ако роди, добро; ако ли не, тогаш в година ќе ја пресечеш‘.«
10Во една од синагогите поучуваше Он во сабота.
11И ете, дојде една жена која беше опседната од дух на немоќта осумнаесет години; таа беше згрбавена и никако не можеше да се исправи;
12штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: »Жено, се ослободуваш од болеста своја.«
13И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога.
14А старешината на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во сабота, одговори и му рече на народот: »Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во саботен ден!«
15Но Господ му одговори и рече: »Лицемере, не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои?
16А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, не требаше ли да се ослободи од тие врски во саботен ден?«
17И кога го зборуваше ова, сите што беа против Него се засрамија; а целиот народ се радуваше за сите славни дела, извршени од Него.
18А Он рече: »На што прилега царството Божјо и со што да го споредам?
19Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво; па и птиците небески си прават гнезда на неговите гранки.«
20И пак рече: »Со што да го споредам царството Божјо?
21Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, додека скисне сето.«
22И минеше низ градови и села и поучуваше, патувајќи кон Ерусалим.
23Некој, пак, Му рече: »Господи, малку ли се оние што ќе се спасат?« А Он рече:
24»Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат.
25Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Он ќе ви одговори и рече: ‚Не ве знам од каде сте.‘
26Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘
27А Он ќе рече: ‚Ви велам, не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘
28Таму ќе биде плач и крцкање со заби, кога ќе ги видите Авраама, Исака и Јакова, и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор.
29И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо.
30И ете, има последни, што ќе бидат први, а има и први, што ќе бидат последни.«
31Во тој ден пристапија некои од фарисеите и Му рекоа: »Излези и оди си одовде, оти Ирод сака да Те убие!«
32И им рече: »Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам бесови, и лекувам денес и утре – и на третиот ден ќе свршам;
33но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не бива пророк да загине надвор од Ерусалим.
34Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш пратените при тебе, колкупати сакав да ги соберам чедата свои, како квачка пилињата свои под крилја, но не сакавте.
35И ете, домот ваш ќе ви се остави пуст. И Јас ви велам, дека нема да Ме видите сѐ дури не дојде времето да кажете: ‚Благословен е Оној што иде во името Господово!‘«
Селектирано:
Лука 13: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016