Лука 16
16
Парабола за неправедниот настојник. Богаташот и сиромашниот Лазар.
1А на учениците Свои им рече: »Еден човек беше богат и имаше настојник; и тој беше наклеветен пред него дека го растура неговиот имот.
2И кога го повика, му рече: ‚Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.‘
3А настојникот си рече во себе: ‚Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам; да просам – се срамам.
4Знам што да правам, за да ме примат во своите домови, кога ќе бидам отстранет од раководењето на куќата.‘
5И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ‚Колку му должиш на мојот господар?‘
6Тој одговори: ‚Сто мери елеј.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши: »педесет!«‘
7Потоа му рече на другиот: ‚А ти, колку должиш?‘ Тој одговори: ‚Сто мери пченица.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата и напиши: »осумдесет!«‘
8И го пофали господарот несправедливиот настојник, оти постапил досетливо; зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината.
9И јас ви велам: создадете си пријатели со неправедно богатство, па, кога осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта.
10Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив.
11Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското?
12И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето?
13Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамона.«
14Сето тоа го слушаа фарисеите, што беа среброљупци, и Му се потсмеваа.
15И им рече: »Вие се прикажувате пред луѓето за праведни, но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што е за луѓето високо, пред Бога е мерзост.
16Законот и Пророците беа до Јована; а оттогаш царството Божјо се благовестува и секој со усилие влегува во него.
17Но полесно им е на небото и на земјата да преминат, отколку една црта од Законот да пропадне.
18Секој, што ја остава жената своја и се жени со друга, прељубодејствува, и секој, што се жени со напуштена, прави прељуба.
19Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше.
20Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова;
21и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови.
22Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа.
23И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазара во крилото негово,
24и, откако извика, рече: ‚Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!‘
25Но Авраам рече: ‚Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш.
26Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.‘
27А тој пак рече: ‚Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа,
28зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!‘
29Авраам му рече: ‚Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!‘
30А тој рече: ‚Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.‘
31Авраам му рече: ‚Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.‘«
Селектирано:
Лука 16: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016