Лука 22
22
Предавство. Пасхалното јагне и вечерата. Суетата кај учениците. Страдањето на Исуса во Елеонската Гора. Фаќањето. Петровото одречување. Страдањето на Исуса пред Кајафа.
1Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха;
2а првосвештениците и книжниците гледаа како да Го погубат, оти се плашеа од народот.
3И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариот, еден од бројот на дванаесетте.
4И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде.
5Тие се зарадуваа и се согласија да му дадат сребреници.
6И тој вети, и бараше погодно време, да им Го предаде тајно од народот.
7И дојде денот Бесквасници, кога требаше да се заколе пасхалното јагне;
8па ги испрати Исус Петра и Јована и им рече: »Отидете и пригответе ни пасха, за да јадеме!«
9А тие Му рекоа: »Каде сакаш да приготвивме?«
10Он им рече: »Ете, влегувајќи в град, ќе ве сретне човек со стомна вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе,
11и кажете му на домаќинот од куќата: ‚Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со учениците Свои?‘
12И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.«
13Кога отидоа, најдоа како што им беше рекол и ја приготвија пасхата.
14А кога дојде времето, Он седна на трпезата и дванаесетте апостоли со Него.
15И им рече: »Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа пасха со вас, пред да пострадам;
16оти, ви велам: нема веќе да јадам од неа, дури таа не се доврши во царството Божјо.«
17Па како ја зеде чашата, заблагодари и рече: »Земете и разделете ја помеѓу себе,
18зашто нема да пијам од лозовиот плод, додека не дојде царството Божјо.«
19Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: »Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!«
20Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: »Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролива за вас.
21Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава.
22Синот Човечки, пак, оди, според она како што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.«
23И почнаа да се прашуваат помеѓу себе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа?
24А се појави помеѓу нив и препирка, кој од нив да се смета за поголем.
25Но Он им рече: »Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори.
26Вие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, и тој, што е старешина, да биде како слуга.
27Зашто кој е поголем: тој што седи на трпеза, или оној што слугува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга.
28Но вие сте, кои издржавте со Мене во Моите напасти,
29и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство,
30за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена.«
31И рече Господ: »Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица;
32но Јас се молев за тебе, за да не намали твојата вера; а ти некогаш, кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!«
33А тој Му одговори: »Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и на смрт.«
34Но Он му рече: »Ти велам, Петре, нема денес да пропее петел, дури трипати не откажеш оти Ме познаваш.«
35Па им рече: »Кога ве пратив без ќесе, и без торба, и без обувки, останавте ли лишени од нешто?« Тие одговорија: »Од ништо.«
36И им рече: »Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си го продаде облеклото и да купи нож;
37зашто, ви велам, на Мене треба да се изврши и ова од Писмото: ‚И меѓу злочинци Го кладоа.‘ Оти она што се однесува на Мене, се исполнува.«
38А тие рекоа: »Господи, еве овде има два ножа.« Он им одговори: »Доволни се.«
39И кога излезе, тргна, како обично кон Елеонската Гора; по Него одеа и учениците Негови.
40А штом дојде на тоа место, им рече: »Молете се за да не паднете во искушение!«
41И Он се одвои од нив, колку камен што може да се фрли, па преклони колена и се молеше,
42велејќи: »Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!«
43И Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.
44Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата.
45Штом стана од молитвата, дојде при учениците Свои и ги најде заспани од тага.
46И им рече: »Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога, за да не паднете во искушение!«
47И додека Он уште зборуваше, ете, се појави многу народ и пред сите одеше еден од дванаесетте, наречен Јуда, кој се приближи до Исуса да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: »Кого ќе Го целивам, Он е.«
48А Исус му рече: »Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?«
49Оние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: »Господи, да удриме ли со нож?«
50И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво.
51А Исус одговори и рече: »Оставете го тоа, запрете!« Па, кога се допре до увото негово, го излекува.
52А на првосвештениците и црковните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: »Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите?
53Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот.«
54И кога Го фатија, Го поведоа и одведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него.
55Кога запалија оган во дворот и седнаа наоколу, седна и Петар меѓу нив.
56А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: »И овој беше со Него!«
57Но тој се одрече од Него, велејќи: »Жено, не го познавам!«
58Малку потоа, кога го виде еден друг, рече: »И ти си од нив!« Но Петар му рече: »Човеку, не сум!«
59А кога мина време околу еден час, друг еден почна да тврди, зборувајќи: »Навистина, и овој беше со Него, оти е Галилеец!«
60Но Петар рече: »Човеку, не знам што зборуваш!« И одеднаш, уште дури говореше, петел запеа.
61Тогаш Господ се заврти и го погледна Петра, а Петар се сети на Господовите зборови што му ги беше рекол: »Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.«
62И штом излезе надвор, заплака горко.
63А луѓето, што го држеа Исуса, Му се потсмеваа и Го биеја.
64Па, кога Го покрија, Го удираа по образите и Го прашуваа, велејќи: »Проречи кој Те удри?«
65И многу други хули рекоа против Него.
66А кога се раздени, се собраа старешините народни, првосвештениците и книжниците и Го воведоа во Синедрионот,
67и рекоа: »Ако си Ти Христос, кажи ни!« Но Он им одговори: »И да ви кажам, нема да поверувате.
68И да ве запрашам, нема да Ми одговорите, ниту ќе Ме пуштите.
69Отсега Синот Човечки ќе седи оддесно на силата Божја.«
70И сите рекоа: »Ти ли си, значи, Син Божји?« А Он им рече: »Вие велите дека сум Јас.«
71А тие рекоа: »Какво сведоштво ни треба уште? Ние сами чувме од Неговата уста.«
Селектирано:
Лука 22: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016