1 КОРИНТЈАНИТЕ 11
11
Христијански ред
1Угледајте се на мене, како и јас на Христа. 2Ве пофалувам дека ме помните за сѐ и дека ги држите преданијата како што ви ги предадов. 3Но сакам да знаете дека Христос е глава на секој маж, а мажот е глава на жената; а пак Бог е глава на Христа. 4Секој маж, кој се моли или пророкува имајќи нешто на неговата глава, ја срамоти главата. 5А секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срами својата глава, зашто е сосем исто како да е истригана. 6И така: ако жената не се покрива - нека се истриже! Но ако е срамно за жената да се стриже или да се бричи; нека се покрива! 7Мажот пак не треба да ја покрива главата, зашто е слика и слава Божја, а жената е слава на мажот. 8Зашто мажот не е од жената, туку жената од мажот; 9бидејќи мажот не е создаден заради жената, туку жената заради мажот. 10Затоа жената треба да има власт на главата, заради ангелите. 11Но во Господа ниту мажот е без жена, ниту жената - без маж, 12зашто како што е жената од мажот, така е и мажот преку жената, а сѐ е од Бога. 13Пресудете сами во себе дали е прилично жената да Му се моли на Бога непокриена? 14Не ве учи ли самата природа дека е срамно за мажот да има долга коса, 15ако пак жената има долга коса, тоа е чест за неа, зашто косата ѝ е дадена место превез. 16Но ако некој мисли да се препира ние немаме таков обичај, ниту Божјите цркви.
Господова вечера
17Заповедувајќи ви го тоа, не можам да ве фалам, зашто вашите состаноци не се за подобро, туку за полошо. 18Зашто, прво, слушам дека, кога се собирате постојат раздори меѓу вас, и верувам нешто од тоа, 19зашто треба да има меѓу вас и разлики, за да се покажат подостојните меѓу вас. 20И така, кога се собирате заедно, не е тоа за да се јаде Господовата вечера, 21зашто кога ќе се седне на трпезата, секој го зема своето јадење; и едниот гладува, а другиот се пијани. 22Немате ли куќи, за да јадете и пиете? Или ја презирате Божјата црква и ги срамите оние, кои немаат? Што да ви речам? Да ве пофалам? Не ве фалам во тоа.
23Зашто, јас го примив од Господа она, што и ви го предадов: дека Господ Исус, во онаа ноќ во која беше предаден, зеде леб, 24и благодари, го раскрши и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело, кое се крши за вас. Правете го ова за Мој спомен!“ 25Исто така и чашата, по вечера, и рече: „Ова е чаша на Новиот Завет во Мојата крв. Правете го ова, секојпат кога пиете, за Мој спомен!“ 26Зашто, секојпат кога ќе го јадете овој леб, и ќе пиете од оваа чаша, ја навестувате Господовата смрт, додека дојде Тој. 27Затоа, кој јаде од лебов или пие од оваа Господова чаша, на недостоен начин, ќе биде виновен против телото и крвта на Господа. 28Но, човекот нека се испита себеси, и така да јаде од лебот и да пие од чашата, 29зашто кој јаде и пие, а не Го распознава Господовото тело, јаде и пие за свое осудување. 30Затоа мнозина се слаби и болни меѓу вас, а мнозина и умираат. 31Ако се осудуваме сами себеси, нема да ни се суди; 32а кога Господ нѐ суди, нѐ накажува, за да не бидеме осудени со светот. 33Затоа, браќа мои, кога се собирате да јадете, чекајте се еден со друг! 34Ако е некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осудување. А другото ќе го уредам кога ќе дојдам.
Селектирано:
1 КОРИНТЈАНИТЕ 11: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.