15
Воскресение на мртви
1Ви напомнувам, браќа, за Евангелието, кое ви го проповедав и кое вие го примивте и во кое стоите. 2Преку кое и се спасувате, ако го држите цврсто како што ви го проповедав, освен ако не сте поверувале напразно. 3Зашто, ви го предадов најнапред она, што го бев и примил: дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата, 4и дека е погребан и дека воскресна на третиот ден, според Писмата; 5дека му се јави на Кифа, после на Дванаесетте. 6Потоа им се јави еднаш на повеќе од пет стотини браќа, од кои повеќето се живи до денес, а некои - починаа. 7Потоа му се јави на Јакова, па тогаш на сите апостоли. 8А најпосле ми се јави и мене како на недоносче. 9Зашто јас сум најмал меѓу апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата Црква. 10Но со Божја благодат сум она што сум. А Неговата благодат, која ми е дадена мене, не беше напразно, туку се потрудив поизобилно од сите нив, но не јас - туку Божјата благодат, која е со мене. 11И така: било јас или тие, така проповедаме; а вие така поверувавте.
12Но, ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како некои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите? 13Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал; 14А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера. 15При тоа се наоѓаме и како лажни Божји сведоци, дека сведочиме за Бога, дека Го воскреснал Христа, Кого не Го воскреснал; ако навистина мртвите не воскреснуваат. 16Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, ни Христос не воскреснал. 17А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера; вие сте уште во вашите гревови. 18Тогаш и оние, кои умреле во Христа, загинале. 19Ако само во овој живот се надеваме на Христа, ние сме најнесреќни од сите луѓе.
20Но сега, Христос воскресна од мртвите, како првенец на оние кои умреле. 21Бидејќи смртта дојде преку човек, така преку еден Човек дојде и воскресението од мртвите. 22Зашто, како што сите умираат во Адама, така и во Христа сите ќе оживеат. 23Но секој по својот ред: првенец Христос, после оние кои се Христови, во времето на Неговото доаѓање. 24Тогаш доаѓа крајот, кога ќе Му го предаде Царството на Бог и Таткото; откако ќе ги уништи: секое началство, и секоја власт и сила. 25Зашто, Тој треба да царува „додека не ги положи сите свои непријатели под Своите нозе.“ 26Смртта ќе биде уништена како последен непријател. 27Зашто „сѐ покорил под Неговите нозе.“ А кога вели, дека е покорено сѐ, јасно е дека е покорено сѐ, освен Оној, Кој Му покорил сѐ. 28Кога ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Нему Му потчинил сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ.
29Инаку, што ќе прават оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто се крштаваат за нив? 30И ние зошто сме секој час во опасности? 31Со вашата пофалба, браќа, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ, јас умирам секој ден. 32Ако се борев, по човечки, со ѕверови во Ефес, каква ми е ползата? Ако мртвите не воскреснуваат, „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!“ 33Не измамувајте се; „лошите друштва ги расипуваат добрите навики!“ 34Отрезнете се, како што треба, и не грешете, зашто некои не Го знаат Бога. За ваш срам, го велам ова.
35Но, некој ќе праша: “Како воскреснуваат мртвите? И во какво тело ќе дојдат? 36Неразумен човеку, она што го сееше ти, не оживува, ако не умре. 37И што сееш, не го сееш телото што ќе биде; туку голо зрно, било пченично или од нешто друго. 38А Бог му дава тело, какво што сака; и на секое семе негово тело. 39Не е секое тело исто тело: туку друго е човечкото, и друго е животинското тело, и друго е телото на птиците, и друго на рибите. 40Има и небесни тела и земни тела, но друг е сјајот на небесните тела, друг на земните. 41Друг е сјајот на сонцето, а друг е сјајот на месечината; а друг е сјајот на ѕвездите, зашто ѕвезда од ѕвезда се разликува по сјајот. 42Така е и со воскресението на мртвите; се сее во распадливост, воскреснува во нераспадливост; 43се сее без чест, воскреснува во слава; се сее во слабост, воскреснува во сила; 44се сее природно тело, воскреснува духовно тело. Ако има природно тело, има и духовно тело. 45Така е напишано: „Првиот човек, Адам, стана жива душа“; а последниот Адам - животворен Дух. 46Но не е прво она што е духовно, туку е прво природното, а духовното доаѓа потоа. 47Првиот човек е од земја, земјен; вториот Човек е од небото. 48Каков е земниот, такви се и земните; каков е небесниот, такви се и небесните. 49И како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и обликот на небесниот.
50Ова ви го велам, браќа: телото и крвта не можат да го наследат Божјото Царство; ниту распадливото го наследува нераспадливото. 51Еве! Ви кажувам тајна: не ќе - умреме сите, но сите ќе се измениме, 52во еден миг, во миг на окото, при гласот на последната труба: имено трубата ќе затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме, 53зашто треба ова распадливото да се облече во нераспадливо; и ова смртното да се облече во бесмртност. 54А кога, ова, распадливото ќе се облече во нераспадливост; и, ова, смртното ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното слово: „Победата ја проголта смртта. 55Смрт, каде ти е победата? Смрт, каде ти е осилото?“ 56Осилото на смртта е гревот; а силата на гревот е законот. 57Но, фала Му на Бога, Кој ни даде победа преку нашиот Господ Исус Христос. 58Затоа, мои возљубени браќа, бидете цврсти, непоколебливи, секогаш пребогати во Господовото дело, знаејќи дека вашиот труд во Господа не е напразен.