1 КОРИНТЈАНИТЕ 9
9
Права и должности на апостоли
1Не сум ли апостол? Не сум ли слободен? Не го видов ли Исуса, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господа? 2Ако не сум им апостол на другите, но вам ви сум: зашто вие сте печат на моето апостолство во Господа. 3Тоа е мојата одбрана пред оние, кои ме испитуваат. 4Немаме ли право да јадеме и пиеме? 5Немаме ли право да водиме жена од сестрите, како и другите апостоли и Господовите браќа, и Кифа? 6Или само јас и Варнава немаме право да се воздржиме од работа? 7Кој војник служи некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не јаде млеко од стадото? 8Го зборувам ли ова само по човечки? Не го вели ли ова и Законот? 9Навистина, во Мојсеевиот Закон е напишано: „Не врзувај му ја устата на волот, што врши!“- Зар Бог се грижи за воловите? 10Или го вели тоа главно за нас? Да, тоа е напишано за нас, зашто кој ора треба да ора во надеж, и кој врши, да врши во надеж дека ќе го добие својот дел. 11Ако ние посеавме во вас духовни добра, дали е нешто големо ако ги жнееме вашите телесни добра? 12Ако други го имаат тоа право над вас, немаме ли ние поголемо? Но ние не се служиме со тоа право, туку поднесуваме сѐ, за да не му поставиме некаква пречка на Христовото Евангелие. 13Не знаете ли дека се хранат од храмот оние, кои исполнуваат света служба, и дека служителите на жртвеникот добиваат дел од жртвеникот? 14Така, Господ им нареди на оние, кои го проповедаат Евангелието, да живеат од Евангелието. 15А јас не се ползував со ништо од сѐ тоа. А и ова не го напишав за да ми биде така, зашто за мене е подобро да умрам, отколку некој да ми ја уништи пофалбата. 16Ако пак го проповедам Евангелието нема за што да се фалам, зашто неопходноста ми е наложена. И тешко мене, ако не го проповедам Евангелието! 17Ако го правам тоа доброволно, имам награда; но, ако не го правам по своја волја, сѐ уште мене ми е доверено управувањето. 18Која е тогаш мојата награда? Проповедајќи, бесплатно да го давам Евангелието; и да не го исползувам наполно своето право во Евангелието.
19Навистина, иако сум слободен од сите, се претворив во роб на сите, за да ги придобијам што повеќе. 20На Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; на оние кои се под Законот им бев како и самиот да сум под Законот, иако јас не сум под Законот, за да ги придобијам оние, кои се под Законот. 21На оние, кои се без закон, им бев како да сум и јас без закон, иако не сум без Божјиот Закон, туку сум под Христовиот Закон, за да ги придобијам оние, кои се без закон. 22На слабите им бев слаб, за да ги придобијам слабите; на сите им станав сѐ, та по секаков начин да спасам некои. 23А сѐ тоа го правам заради Евангелието, за да имам дел во него.
24Не знаете ли дека во тркалиштето трчаат сите тркачи, но само еден добива награда! Трчајте така и вие, за да ја добиете! 25Секој натпреварувач се воздржува од сѐ; тие, за да добијат распадлив венец, а ние нераспадлив. 26Затоа јас трчам така, не како кон неизвесно; и се борам така, не како оној, кој го бие ветерот; 27туку го совладувам своето тело и го правам свој роб, та јас кој им проповедав на другите, да не бидам самиот непожелен.
Селектирано:
1 КОРИНТЈАНИТЕ 9: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.