Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЦАРЕВИ 22

22
8. Трет поход против Арамејци
а. Ахавов сојуз со Јосафат, јудејски цар
1Мирот владееше три години; немаше војна меѓу Арамејците и Израел. 2Во третата година Јосафат, јудејскиот цар, го посети израелскиот цар. 3Царот на Израел им рече на своите дворјанци: „Знаете ли дека Галадскиот Рамот е наш? А ние не преземаме ништо да го одземеме од рацете на арамејскиот цар.“ 4Потоа му рече на Јосафата: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?“ Јосафат му одговори на израелскиот цар: „Јас сум како и ти, мојот народ како и твојот, моите коњи како и твоите.“
б. Лажни пророци навестуваат победа
5Тогаш Јосафат му рече на израелскиот цар: „Де посоветувај се најнапред со Господа.“ 6Тогаш израелскиот цар собра околу себе си четири стотини пророци и ги праша: „Можам ли да завојувам против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?“ Тие одговорија: „Оди, зашто Господ ќе му го предаде во рацете на царот.“ 7Ама Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк, за да го прашаме и него?“ 8Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би сме можеле да Го прашаме Господа, ама не го поднесувам, зашто не ми пророкува ништо добро, туку само зло; тоа е Михеј, синот Емлин.“ А Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!“ 9Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Побргу доведи го Михеј, синот Емлин.“ 10Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив. 11Хананииниот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ зборува вака: ‘Со нив ќе ги набодеш сите Арамејци додека не ги уништиш.’“ 12Така и сите други пророци пророкуваа, говорејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, и ќе успееш: Господ ќе му го предаде во рацете на царот.“
в. Пророштво на Михеј
13Гласникот кој отиде да го повика Михеја му рече: „Ене, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!“ 14Ама Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе го зборувам она што Господ ќе ми каже!“ 15Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот, или да се откажам од тоа?“ Тој одговори: „Појди! ќе успееш: Господ ќе го предаде во царевите раце.“ 16Ама царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш само вистината во Господово Име?“ 17Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат во мир дома.’“ 18Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро туку зло!“ 19А Михеј рече: „Затоа чуј го Господовото слово: Го видов Господа каде седи на Својот престол, а сета небеска војска Му стоеше оддесно и одлево. 20Господ праша: ‘Кој ќе го заведе Ахава за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Едниот рече ова, другиот она. 21Тогаш, еден дух влезе и застана пред Господа: ‘Јас - рече - ќе го заведам.’ Господ го праша: ‘Како?’ 22Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’ 23Еве, така е, Господ стави лажлив дух во устата на сите овие твои пророци, ама Господ ти навестува зло.“
24Тогаш Хананииниот син Седекиј пристапи, го удри Михеја по образот и рече: „Зар Господовиот дух ме напушти мене за да зборува со тебе?“ 25Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба за да се скриеш.“ 26Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете им го на градскиот заповедник Амон и на царскиот син Јоас. 27Речи им: „Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам среќно.“‘“ 28Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене.“ И додаде: „Чујте сите луѓе!“
г. Ахавов пораз и смрт
29Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат, тргнаа против Галадскиот Рамот. 30Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бојот, но ти остани во твојата облека!“ Израелскиот цар се преоблече и тргна во бој. 31Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на воените коли: „Не напаѓајте ни на мал ни на голем, туку единствено на израелскиот цар!“ 32Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!“ И тргнаа во бој кон него. А Јосафат извика. 33А кога заповедниците на бојните коли видоа дека тој не е израелскиот цар, се свртија од него. 34Еден без размислување го оптегна лакот и го погоди со стрелата израелскиот цар меѓу набраницата на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Заврти, извади ме од бојот, зашто не ми е добро.“ 35Во оној ден бојот беше сѐ пожесток, ама царот се држеше исправено во бојната кола спрема Арамејците. А навечер умре. Крвта од раната се излеа по колата. 36При зајдисонце екна глас низ логорот: „Секој во својот град и секој во својата земја!
37Царот загина!“ Отидоа во Самарија и го закопаа царот во Самарија. 38Ја измија неговата кола во Самарискиот Рибник, и кучињата ја лижеа неговата крв, и блудници се капеа таму, според словото што Господ го рече. 39Другите Ахавови дела, сѐ што направил, за куќата од слонова коска, за сите градови што ги изгради, зар сѐ тоа не е во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 40Ахав почина со своите татковци, и неговиот син Охозиј зацари место него.
9. Јосафатово зацарување во Јудеја
41Јосафат, синот Асин, стана цар на Јудеја во четвртата година на царувањето на Ахав, израелскиот цар. 42Јосафат беше на триесет и пет години кога се зацари; царуваше дваесет и пет години во Ерусалим; мајка му се викаше Азува, а беше ќерка Силеева. 43Одеше сосем по патот на својот татко Аса, не свртувајќи од него, туку правејќи сѐ што е право во Господовите очи. 44Само, високите места не беа отстранети, народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. Јосафат беше во мир со израелскиот цар.
45Другата Јосафатова повест, потфатите што ги извршил и како војуваше, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 46Ги истреби од земјата останатите изопачени мажи (содомисти), кои се одржаа од времето на неговиот татко Аса.
47Немаше цар во Едом, туку владееше намесник. 48Царот Јосафат изгради тарсиски бродови за да оди во Офир по злато, ама не отиде, зашто бродовите се разбија кај Есион Гавер. 49Тогаш Охозиј, синот Ахавов, му рече на Јосафата: „Моите слуги нека тргнат со твоите слуги на бродовите.“ Ама Јосафат не го прифати тоа. 50Јосафат почина со своите татковци, и беше погребан во градот на Давида, својот прататко. На негово место се зацари неговиот син Јорам.
10. Зацарување на Охозиј во Израел
51Охозиј, синот Ахавов, стана цар на Израел во Самарија, во седумнаесеттата година на Јосафатовото царување во Јудеја, и царуваше две години над Израел. 52Тој правеше што е зло во Господовите очи, и одеше по патот на својот татко и по патот на својата мајка, и по патот на Јеровоам, синот Наватов, кој го наведуваше Израел на грев. 53Му служеше на Ваала и му се поклонуваше. Го разгневуваше Господа, Израелевиот Бог, сосем онака како што правеше неговиот татко.

Селектирано:

1 ЦАРЕВИ 22: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се