1 ЦАРЕВИ 6
6
2. Опис на Храмот
1Во четири стотини и осумдесеттата година од излегувањето на Израелците од Египетската Земја, во четвртата година на своето царување над Израел, во месецот Зиф - тоа е вториот месец - Соломон почна да го гради Господовиот Дом. 2Храмот што Соломон Му го градеше на Господа беше долг шеесет лакти, широк дваесет, а висок триесет лакти. 3Тремот пред Светилиштето на Храмот беше дваесет лакти долг, спрема храмовата широчина, а десет лакти широк, спрема должината на Храмот. 4На Храмот направи прозорци, затворени со решетки. 5Покрај ѕидот на Храмот околу Светината и Светината над светините, соѕида приградба на катови, сѐ наоколу. 6Долниот кат беше пет лакти широк, а средниот шест, а третиот седум лакти, зашто засеците ги распореди од надворешната страна околу Храмот, за да не би требало да ги вградува во храмските ѕидови. 7Храмот е граден од камен што веќе во каменоломот беше изделкан, така што при градењето не се чуја ни чекан ни длето, ни некакво железно орудие.
8Влезот во долниот кат беше од десната страна на Храмот, а по завојни искачувалки се одеше до средниот кат, и од средниот на третиот. 9Така го изгради Храмот и го доврши; и го покри со кедрови греди и даски. 10И соѕида уште приградба околу целиот Храм; беше пет лакти висока, а врзана со Храмот со кедрови греди.
11И Господовото слово му стигна на Соломона: 12“Тоа е Домот што го градиш: ако одиш според Моите наредби, ако ги исполнуваш Моите наредби и ако ги пазиш Моите заповеди, тогаш ќе го исполнам за тебе ветувањето што му го дадов на твојот татко Давид: 13Ќе престојувам меѓу Израелевите синови и нема да го оставам Мојот народ Израел.“
14И така Соломон го изгради Храмот и го доврши. 15И ги обложи одвнатре ѕидовите на Храмот со кедрови даски - од подот до покривот ги обложи со дрво одвнатре - а со чемпресови даски го обложи подот на Храмот. 16И направи преграда од дваесет лакти, од кедрови даски, од подот до покривот, и го оддели тој дел на Храмот за Светина над светините. 17А Светилиштето, дел на Храмот пред Светина над светините - имаше четириесет лакти. 18А врз кедровината внатре во Храмот беа врежани украси - плетеници од папки и цвеќиња; сѐ беше од кедровина, и никаде не се гледаше камен. 19Светината над светините ја уреди внатре во Храмот, за да го смести таму Ковчегот на Господовиот Завет. 20Светината над светините беше дваесет лакти долга, дваесет лакти широка, а ја обложи со чисто злато. Направи и жртвеник од кедровина, 21пред Светината над светините, и го обложи со чисто злато. 22И сиот Храм го обложи со злато, сиот Храм и сиот жртвеник, кој е пред Светината над светините, го обложи со злато.
23Во Светината над светините направи два херувима од маслиново дрво. Беа високи десет лакти. 24Едното крило на херувимот беше пет лакти, а второто крило во херувимот беше пет лакти; имаше десет лакти од едниот крај на крилата до другиот. 25И другиот херувим беше десет лакти: еднаква мера и еднаков облик на обата херувима. 26Височината на едниот херувим беше десет лакти, така и на вториот. 27Ги смести херувимите сред внатрешната просторија; ги ширеа своите крила, така што крилото на едниот достигаше до едниот ѕид, а крилото на другиот достигаше до другиот ѕид; во средината на просторијата крилата им се допираа. 28И херувимите ги обложи со злато.
29По сите ѕидови на Храмот, внатре и однадвор, врежа ликови на херувими, со палми и со расцветани цветови, 30со злато го покри и подот на Храмот одвнатре и однадвор.
31А за влез во Светината над светините направи двокрилна врата од маслиново дрво; довратниците со праг беа на пет агли. 32Двете крила на вратата од маслиново дрво ги украси со херувими, палми и со расцветани цветови, и сите ги обложи со злато; со златни листиња ги облепи херувимите и палмите. 33Така и за влезот во Светилиштето направи врата од маслиново дрво, со четириаглести довратници. 34Двете крила на вратата беа од чемпресово дрво, и двете се отвораа на едната и на другата страна. 35Врежа врз нив херуви, палми и расцветани цветови, и го обложи со злато сѐ што беше ископаничарено. 36Потоа го изгради внатрешното предворје од три реда делкан камен и од еден ред делкани кедрови греди.
37Основите на Господовиот Храм беа положени во четвртата година, во месецот Зиф; 38а во единаесеттата година, во месецот Вул - тоа е осмиот месец - Храмот е довршен со сите делови и со сѐ што му припаѓаше. Го изгради за седум години.
Селектирано:
1 ЦАРЕВИ 6: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.