1 ПЕТРОВО 3
3
Совети за сопружниците
1Така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та ако некои не му се покоруваат на словото, да бидат придобиени без слово, со однесувањето на своите жени, 2кога ќе го видат вашето поведение во страв и чистота. 3Вашиот украс да не биде надворешен: во плетење на косата, во ставање на злато или во облекување на разни облеки - 4туку: сокриениот човек на срцето во непропадливиот украс на кроткиот и мирен дух, што е од голема вредност пред Бога. 5Зашто така некогаш се украсуваа светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на своите мажи, 6како што Сара му беше послушна на Авраама и го наречуваше господар; вие сте нејзини ќерки, кога правите добро, не плашејќи се од никакво заплашување. 7Така и вие, мажите, живејте благоразумно со жените како со послаб сад, искажувајќи им почитување како на сонаследнички на благодатта на животот, за да бидат вашите молитви без пречка.
Христијански добродетели
8Најпосле, бидете сите сложни во мислењето, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, понизни; 9не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте, зашто сте повикани за тоа, за да наследите благослов. 10Зашто „кој сака да го љуби животот и да види добри денови, нека го воздржи својот јазик од зло и своите усни од измамливо зборување; 11нека се отстрани од злото и нека прави добро, нека бара мир и нека го следи; 12зашто Господовите очи гледаат на праведниците и Неговите уши ги слушаат нивните молитви, а Господовото лице е против оние, кои прават зло.“
Трпение во страдањата и Христовиот пример
13И кој ќе ви стори зло, ако ревнувате за доброто? 14А ако и страдате заради правдата, бидете блажени! „Не плашете се, ниту се збунувајте од нивните закани,“ 15туку осветувајте Го во своите срца Христа како Господа, секогаш подготвени за одговор на секого, кој ја бара причината на надежта, која е во вас, но со кротост и со страв, 16имајќи добра совест, та оние кои го навредуваат вашето добро поведение во Христа, да се посрамат за она за што ве клеветат. 17Зашто е подобро, ако сака Божјата волја, да страдате правејќи добро, отколку правејќи зло. 18Зашто и Христос умре еднаш за гревовите, Праведен за неправедните, за да нѐ приведе при Бога; навистина, Тој, Кој беше убиен во тело, оживе Духом; 19во Него, Тој отиде тогаш, и објави на духовите во Подземјето; 20кои беа непокорни некогаш, кога Божјото трпение ги чекаше во Ноевото време, додека се градеше ковчегот, во кој само малку од нив, односно осум души, се спасија преку водата.
21Одговарајќи на оваа слика, крштавањето, - кое не е отстранувањето на телесната нечистота,- туку е одговор на добра совест кон Бога, сега и вас ве спасува, преку воскресението на Исуса Христа, 22Кој е оддесно на Бога, откако отиде во небото, каде Му се покорија ангелите, и властите, и силите.
Селектирано:
1 ПЕТРОВО 3: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.