1 САМОИЛ 23
23
з. Давид во Кеила
1Тогаш му јавија на Давида: „Филистејците ја опсадија Кеила и ги ограбуваа гумната.“ 2Тогаш Давид го праша Господа: „Дали треба да одам против Филистејците и дали ќе ги поразам?“ А Господ му одговори на Давида: „Оди, ќе ги поразиш Филистејците и ќе ја ослободиш Кеила.“ 3Но неговите луѓе му рекоа на Давида: „Ете, ние сме веќе тука, во Јуда, во непрекратен страв; а што ли ќе биде ако отидеме во Кеила против филистејските чети!“ 4Затоа Давид Го праша Господа уште еднаш; а Господ му одговори вака: „Стани и слези во Кеила, зашто ќе ги предадам Филистејците во твои раце!“ 5Тогаш Давид тргна со своите луѓе во Кеила, удри на Филистејците, го отера нивниот добиток и им зададе тежок пораз. Така Давид ги ослободи граѓаните на Кеила.
6И кога Авијатар, синот Ахимелехов, пребега кај Давида, тој дојде во Кеила, носејќи наплеќник во раката. 7Кога му јавија на Саула дека Давид влезе во Кеила, Саул рече: „Бог го предаде во мои раце, зашто го фатив во стапица кога влезе во град со порти и лостови.“ 8И Саул го свика сиот народ на оружје за да оди против Кеила и да ги опколи Давида и неговите луѓе. 9Кога Давид научи дека Саул му крои зло, му рече на свештеникот Авијатар: „Донеси го наплеќникот!“ 10Тогаш Давид се помоли: „Господи, Израелев Боже, твојот слуга чу дека Саул подготвува напад врз Кеила, за да го разори градот заради мене. 11Дали Саул ќе дојде како што чу Твојот слуга? Господи, Израелев Боже, одговори му на Својот слуга!“ А Господ одговори: „Ќе дојде!“ 12Давид праша пак: „Дали првенците на Кеила ќе ме предадат, мене и моите луѓе, во Сауловите раце?“ А Господ одговори: „Ќе ве предадат!“ 13Тогаш Давид стана со своите луѓе, беа околу шест стотини; излегоа од Кеила и скитаа каде што можеа. А кога му јавија на Саула дека Давид избега од Кеила, се откажа од воениот поход. 14Давид се засолна во пустината во горните засолништа; се настани на гората во пустината Зиф. Саул го бараше непрекратно, ама Бог не го предаде во неговите раце.
ѕ. Предавство на Зифејци
15Давид се плашеше дека Саул излезе на војна за да нападне на неговиот живот. Затоа Давид остана во пустината Зиф во гората. 16Тогаш Сауловиот син Јонатан тргна на пат и дојде кај Давида во Дубравата, и го охрабри во Божјо име. 17Му рече: „Не бој се, зашто нема да те стигне раката на мојот татко Саул. Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор до тебе; и мојот татко Саул го знае тоа добро.“ 18И тие двајца склучија сојуз пред Господа. Давид остана во гората, а Јонатан си отиде во својот дом.
19Еден ден Зифејците дојдоа кај Саула на Гаваја и му јавија: „Давид се крие кај нас во горските засолништа во Дубравата, на ридот Ехела, што е јужно од Гесимон. 20Сега, цару, кога ќе сакаш да слезеш, слези, а наше е да го предадеме во рацете на царот.“ 21А Саул одговори: „Господ да ве благослови дека ме сожаливте! 22И така, одете, распрашајте се уште и извидете го добро местото каде ќе го донесат неговите итри чекори; ми рекоа дека е многу лукав. 23Затоа пребарајте ги сите дупки во кои што се завлекува, па вратете се кај мене кога ќе знаете подетално. Тогаш јас ќе тргнам со вас, па ако биде некаде во земјата, ќе одам по неговите траги низ сите Јудини родови.“ 24Тогаш тргнаа на пат и отидоа во Зиф, пред Саула. Давид со своите луѓе беше во пустината Маон во Араба, јужно од Гесимон. 25Потоа и Саул тргна со своите луѓе, за да го бара Давида. Кога му го јавија тоа на Давида, тој слезе во клисурата што лежи во пустината Маон. Саул го научи тоа и тргна во потера по Давида во пустината Маон. 26Саул одеше на едната страна од планината, а Давид со своите луѓе по другата страна на планината. Давид мошне иташе за да му избега на Саула. Кога Саул со своите луѓе сакаше да премине на другата страна за да ги опколи Давида и неговите луѓе и за да ги фати, 27дојде гласник кај Саула со порака: „Дојди побрзо, Филистејците навлегоа во земјата!“ 28Тогаш Саул се одрече од потерата по Давида и се заврте против Филистејците. Затоа она место беше наречено: Села-Амалекот (Клисура на Разминувањето).
Селектирано:
1 САМОИЛ 23: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.